„Тремоло“ е првиот фестивал посветен на уметноста на класичната гитара во нашата земја. Низ годините прерасна во престижна културна манифестација што ги обединува љубителите на класичната гитара
Фестивалот за класична гитара „Тремоло“ по 13-ти пат
Во полн ек се подготовките за 13-то издание на меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“, единствениот од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во класичната гитара. Годинава меѓународниот фестивал за гитара „Тремоло“ го реализира своето 13-то издание од 1 до 8 јуни, во организација на детскиот културен центар „Карпош“, со поддршка на Град Скопје. На задоволство на публиката и годинава ќе се одржат неколку концерти, традиционалниот интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастерчасови.
Хозе Карлос Гомез од Шпанија, како еден од најпознатите фламенко и класични гитаристи во Шпанија, доаѓа во Скопје на фестивалот за да одржи соло-концерт. Во пресрет на настапот, тој вели дека секогаш кога некој ја напушта Шпанија за да настапи на меѓународен фестивал, инстинктивно знае дека ќе се сретне со луѓе што го ценат само она што е потребно за свирење и совладување на гитарата.
– Секогаш е возбудливо да се оди на ново место и сигурен сум дека во Скопје ќе настапам пред остроумна и почитувана публика, што е најважно за музичарот кога настапува во живо пред публика на сцена – вели Гомез.
Концерт ќе одржи и Милош Вуковиќ од Србија, кој пред некоја година беше победник на натпреварот за класична гитара на фестивалот „Тремоло“ во Скопје, а годинава има солистички концерт.
– Да, јас бев добитник на првата награда на натпреварот во Скопје во 2018 година во најстарата категорија, а впечатоците што ги носам од овој фестивал се извонредни. Атмосферата што владее во Скопје е поинаква од кој било друг град, а организацискиот тим, предводен од директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска-Серафимовска, и Дарко Багески, како уметнички директор, прави сѐ фестивалот да биде навистина уникатно искуство за секој учесник. Мислам дека гитарскиот фестивал „Тремоло“ за релативно кратко време доживеа експанзија. Да се видат толку многу големи имиња од светот на гитарата во Скопје само во последните неколку години е навистина неверојатно – вели Вуковиќ.
Лука Романели, класичен гитарист од Италија, кој лани беше добитник на првата награда на меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“, годинава ќе одржи самостоен концерт на фестивалот. Тоа е првиот од серијата концерти во рамките на 13. фестивал на класична гитара „Тремоло“, кој е закажан за 4 јуни, во „Даутпашиниот амам“, во 19.30 часот.
Лука Романели, пак, е класичен гитарист од Италија, кој минатата година ја освои првата награда на „Тремоло“ во Скопје.
– Возбуден сум затоа што ова ќе биде мое прво патување во Скопје и во Македонија. Одењето на фестивал е како патување на надградба, особено кога одите надвор од вашата земја. Добивате поттик и нови идеи, споделувате мислења, дискутирате. Навистина беше штета што лани живеевме само на екран, па не успеав да дојдам во Скопје. Иако беше одлична можност да се учествува на ваков значаен фестивал. На местата во кои потоа свирев се обидов да ја доближам до публиката музиката на современи композитори од Балканот. Такви се Реди Марку од Албанија и Димитрис Фампас од Грција, чија 100-годишнината од раѓањето се одбележува годинава. Со изведба на неговата музика штотуку победив на натпреварот во Атина, кој му беше посветен нему, и ќе ми биде задоволство да ја донесам неговата музика и на фестивалот во Скопје – вели Романели во пресрет на концертот.
Натпреварите ќе се одржуваат онлајн од 1 до 5 јуни, а во интернационалното жири годинава членуваат врвни музички професионалци: Џевдет Сахатџија, Стефан Трифан, Хозе Карлос Гомез, Стела Динкова, Зоран Анич, Ерхан Мујка, Борче Наумовски и Љубомир Наќевски
Во живо ќе се одржат неколку концерти. Првиот е на 4 јуни на гитаристот Лука Романели, минатогодишен победник на „Тремоло“, во „Даутпашиниот амам“, во 19.30 часот. На 6 јуни концерт ќе одржи Милош Вуковиќ, во Музејот на македонска револуционерна борба, од 19.30 часот. На 7 јуни е закажан концертот на Хозе Карлос Гомез, во Македонската филхармонија, од 19.30 часот. Последниот во серијата концерти е на 8 јуни на Горан Кривокапиќ, во Македонската филхармонија, во 19.30 часот.
Инаку, „Тремоло“ е првиот фестивал посветен на уметноста на класичната гитара во нашата земја. Низ годините прерасна во престижна културна манифестација што ги обединува љубителите на класичната гитара. Детскиот културен центар „Карпош“ има долга и богата традиција во однос на организацијата на голем број културни настани и манифестации, за кои сведочат многубројните признанија и награди, а со овој фестивал, кој е поддржан и од Град Скопје, ја збогати домашната културна сцена.
– Во текот на изминатите години многу еминентни солисти и педагози, светски познати уметници од областа на класичната гитара придонесоа овој фестивал да стане препознатлив со својата уникатност. Секое издание од овој фестивал е своја приказна, инспирaција за младите генерации во нивната културна формација. Со успешната реализација на фестивалот „Тремоло“, детскиот културен центар „Карпош“ учествува во развојот на овој тип уметност во нашата земја. Успехот е начин на мислење и навика и тој доаѓа кога раката, срцето и мозокот работат заедно! Ние силно веруваме во светлата иднина на фестивалот – вели директорката на детскиот културен центар „Карпош“, наедно и организаторка на фестивалот, Билјана Лачевска-Серафимовска.