„Сосема уживаше во сопствената независност, во удобниот живот што им го овозможи на остарените родители, уживаше во свежиот воздух, во работата во бавчата и во посетите на неброените пријатели. Се чини дека кај Чехов имаше полно шеги и смеа: шегата и смеата беа главна одлика на неговиот живот“, пишува, со очевидни симпатии, Набоков за Чехов, чиј живот, објективно гледано, не беше ни толку весел ни толку безгрижен. Но спомените на неговите, навистина многубројни, пријатели и пријателки, сведочат за неговата жива, човекољубива и игрива комуникација; советите што несебично ги даваше во преписката со младите писател(к)и се пријателски, но и непристрасно точни во забелешките за нивните творби. За разлика од трибунот, кој со нагласена надмоќ ги оценува писателите современици и почесто пишува за големите претходници, за разлика од хронистерикот, кој во својата исклучивост е контроверзен, понекогаш изолиран судија, писателот номад ја следи и ја поттикнува литературата, според длабока внатрешна потреба да го сочувствува и да го храбри творештвото.
Таа подвижност, бегство од формалното, потребата да се дејствува хумано, неретко се очитуваат и низ неговата животна стратегија. Корнеј Чуковски во книгата со карактеристичен наслов „Пријателот Чехов“ ги нагласува токму таа пожртвуваност и солидарност во неговата лекарска пракса – според сведоштвото на сестра му Марија, која како школувана болничарка му помагаше, откако се преселија на Јалта, кај него, веќе сериозно начнат од злокобната „жолта гостинка“: „… доаѓаа болни дури од Одеса, Кишинев и Харков, без скршена паричка во џебот, затоа што слушнале дека Чехов живее на Јалта. ’Чехов ќе ни помогне, Чехов ќе ни најде стан и храна и ќе нѐ излекува‘“.
Во 1890–та, Чехов поаѓа на долго и исцрпувачко патување кон Сахалинските Острови за да го проучи животот на затворениците што ги издржуваа казните на оваа далечно, осамено место, до кое за да стигне писателот требаше да патува преку Сибир (и денес летот Москва – Сахалин трае полни осум часа): „… На коњ 25-30 дена, не повеќе, а сето друго ќе го преседам на палубата од параходот…“, си се потсмева во писмото до Суворин. А потоа продолжува посериозно: „… Од книгите што ги прочитав и што ги читам се гледа дека ние по затворите сме изгниле милиони луѓе, сме ги изгниле бесцелно, без размислување, варварски; ние по студ сме ги гонеле луѓето во окови десетици илјади вида, сме ги заразувале со сифилис, сме ги развратувале, сме ги размножувале престапниците и сето тоа сме им го нафрлале на затворничарите, на црвеноносестите чувари… Прославените шеесетти не направија ништо за болните и заклучените, нарушувајќи ја на тој начин најглавната заповед на христијанската цивилизација. Во нашево време за болните се прави по нешто, а пак за заклучените ништо; затвореништвото сосема не ги интересира нашите правници. Не, ве уверувам, Сахалин е нужен и интересен и треба да се зажали што таму одам јас, а не некој друг, подобро упатен во работата и поспособен да возбуди интерес во општеството…“.
(продолжува)