Според искуствата на логопедите, доколку детето не прозбори до својата втора година, треба да се побараат стручно логопедско мислење, совет и инструкции за
понатаму. На возраст од четири до пет години, детето треба да ги користи сите форми и видови зборови, да составува сложена реченица и вокабуларот да изнесува 500-1.000 збора. По петтата година, тоа треба да разбира метафори, гатанки, загатки, цитати, поуки, заклучоци

Сè повеќе деца со говорни проблеми

Сѐ повеќе деца подоцна прозборуваат или имаат проблеми со говорот. Многу битен фактор за нивно решавање е раното откривање и барањето соодветна помош, велат логопедите.

Кои се најчестите проблеми кога станува збор за неправилен говор

М-р Ивана Урдаревиќ-Геческа, логопед, специјален едукатор и рехабилитатор објаснува кои се најчестите проблеми кога станува збор за неправилен говор, што е дислалија и кога е вистинско време да се побара логопедна помош.
Според м-р Ивана Урдаревиќ-Геческа, дислалијата (фонолошко-артикулациско нарушување) е артикулаторно развојно нарушување на гласовите кај дете со уреден физиолошки слух, нормална инервација на говорните органи, уредни интелектуални способности и развој на други јазични способности. Таа вели дека има три категории дислалија.
Првата е омисија, недостиг од некои гласови. На пример детето вели „иба“ наместо „риба“, „ода“ наместо „вода“, „аму“ наместо „ваму“ и сл. Втората е супституција, замена на неразвиени гласови со глас што веќе постои, па на пример вели „коза“ наместо „кожа“. Третата е дисторзија, разни типични и атипични оштетувања на поединечни изговорени гласови, односно погрешен начин на изговарање на гласот. Така, на пример, детето има многу омекнат изговор на звуците ш, ж, ч или францускиот изговор на гласот р.

Поради што се појавуваат овие нарушувања во говорот?

Според нашата соговорничка, фонолошко-артикулациски нарушувања може да се појават поради повеќе причини, кои грубо се делат на четири категории.
– Средински – детето е под влијание на средината во која живее. Тоа го усвојува не само начинот на изговорот туку и целата јазична структура на средината во која расте. Ако некој во семејството шушка, ги заменува гласовите, зборува со назален призвук и детето ќе го имитира тој говор и така ќе научи да зборува.
– Психолошки фактори – се случува да не постои ниту еден фактор што може да предизвикува лоша артикулација или каков било проблем во развојот на говорот, а детето до седмата или осмата година да говори како бебе. За овие деца велиме дека не сакаат да пораснат. Овие деца имаат потреба да останат на ниво на мало дете и таа емоционална незрелост доаѓа оттаму што очекуваат повеќе љубов и внимание од своето семејство (најчесто се случува ако имаат помало братче или сестриче).
– Органски причини: анатомски неправилни говорни органи (односот на вилицата и забите); невролошки нарушувања – недоволна функција на мускулите на дел од говорниот апарат што учествува при формирање на гласовите и говорот; нарушен фонематски слух; патолошки забавен говор; повреда на мозокот за време и по породувањето; оштетување на слухот.
– Говорот се учи со слушање. Губењето на слухот особено негативно влијае на учењето на говорот. При најмало отстапување на слухот, артикулацијата на гласовите страда, се појавува неправилна детекција, дискриминација и интеграција, односно правилна перцепција на гласовите – појаснува Урдаревиќ-Геческа.

Говорот не се наследува, но се наследува конституцијата на говорниот механизам, односно говорниот апарат

Често во некои фамилии се сретнуваат со генерации патолошки особини на говорниот апарат и кај децата и возрасните и во такви ситуации ако детето наследило патолошка конституција на говорниот апарат ќе има проблем во правилната артикулација на гласовите.
– Многу често се случува причинителите за лошата артикулација да бидат испреплетени што уште повеќе ја влошува состојбата кај детето. Најголем дел од говорните нарушувања се јавуваат во раното детство помеѓу втората и петтата година – вели логопедот м-р Ивана Урдаревиќ-Геческа.
Според досегашните искуства, многу битен фактор во раното откривање на артикулативните проблеми во говорот имаат родителите и воспитувачите во предучилишните установи.
– Многу е важно раното откривање на артикулативните проблеми, а логопедските вежби за артикулација треба да почнат веднаш по нивното откривање. За сите артикулациско-јазични нарушувања се препорачуваат превентивни предвежби, за правилен развој на говорните движења, за акустичкото внимание и јазичната мисла, меѓутоа не треба да се форсираат поединечни гласови, како на пример гласот Р во третата година од животот затоа што сѐ уште не е дојдено до природно созревање на психомоторната основа – констатира Урдаревиќ-Геческа.
Доколку детето зборува и привлекува внимание на себе и слушателот е насочен на тоа како се зборува, а не на тоа што се зборува, сето тоа ни дава сигнал дека говорот излегува од рамките на секојдневниот начин на говор од една јазична група и треба да се бара логопедска помош.


Експертски совети

Помош од логопед треба да се побара доколку:

  • детето доцни во јазичното изразување
  • детето не зборува, дошло до целосно или делумно губење на говорот
  • не владее со комуникативни вештини
  • има отстапки во изговор на одредени гласови
  • пелтечи
  • премногу брзо зборува
  • премногу бавно зборува
  • говорот е неразбирлив за оние што го слушаат
  • се појават промени во гласот
  • тешкотии во школски активности: учење, тешко читање, тешко пишување
  • не може да научи да чита
  • не може да научи да пишува
  • не може да го разбере тоа што му се чита
  • има видно слабо внимание и концентрација

Според искуствата на логопедите, доколку детето не прозбори до својата втора година, треба да се побараат стручно логопедско мислење, совет и инструкции за понатаму.
На возраст од четири до пет години, детето треба да ги користи сите форми и видови зборови, да составува сложена реченица и вокабуларот да изнесува 500-1.000 збора.
По петтата година треба да разбира метафори, гатанки, загатки, цитати, поуки, заклучоци…


Совети за родителите

Именување – во почетокот именувајте сè што ве опкружува, користете слики со предмети и животни. Постепено кога вашето дете ќе биде подготвено да изговара одредени зборови побарајте од него да ги именува и да ги поврзува со сликата.
Учете го детето да имитира звуци од животните и да користи звучни книги и сложувалки со кои ќе му се насочи вниманието.