Во неделата, на езерото Матка, беше снимена последната клапа од играниот филм „Сестра“, долгометражното деби на младата македонска режисерка Дина Дума, во продукција на „Лист продукција“ од Скопје. Филмот се снимаше во урбан амбиент на локации низ Скопје. „Сестра“ е приказна за две тинејџерки, чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.
Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцентка на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, а шминката на Жанета Димитриевска.
Филмот „Сестра“ е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и е регионална копродукција помеѓу Македонија, Црна Гора и Косово.