„Пикасо и хартијата“ во Кралската академија во Лондон
Каде и да одел, што и да правел, славниот шпански сликар Пабло Пикасо зад себе оставал патеки од хартија – тефтери со цртежи и скици, студии, масла и гваш, моливи и мастило, цртежи со боички и јаглен, принтови (дрворези и линорези, литографии, гравирања, гравури), јапонски хартии, воден печат на специјално сушени листови хартија, релјефни хартии, весници, тапети, картички со менија, хартија за завиткување, салфетки и секакви други стари хартиени остатоци и парчиња што му се наоѓале при рака. Тој собрал хартија, ја тргал настрана и никогаш не исфрлил ништо.
Секој вид хартија има свои квалитети – дури и наједноставната. Пикасо бил познат како одличен познавач на евтината и масовна продукција, но и на сѐ што можело рачно да се изработи, да се преклопи, залепи, исече и искине, да се потопи во мастило и да се измие, сѐ на што можело да се црта.
Хартијата за него била медиум (исто како бојата, глината или малтерот) со кој требало да се манипулира. И додека работел, секогаш ги пронаоѓал, ги губел и потоа одново ги наоѓал своите мотиви, без разлика дали станувало збор за риба или фаун, жена или гитара, портрет или череп. Повеќекратните трансформации што ги извршил во својата уметност ги докажуваат неговата неизвесна виталност, неговата непромисленост и самодоверба, неговата преголемост.
„Пикасо и скулптурата“, „Пикасо и фотографијата“, „Пикасо и театарот“, „Пикасо и керамиката“, „Пикасо и Матис“, „Пикасо на Пикасо“… нема крај на начините на кои е преиспитан уметникот, изложба по изложба, студија по студија, и за време на неговата долга кариера и уште повеќе по неговата смрт на 91 година, во 1973 година. И да не ги заборавиме биографските филмови, или автомобилот што го носи неговото име. Можеби и ќе помислите дека уметникот може да се изгуби закопан под сите тие процени, целата таа преобразба, сите тие анализи, не само на неговата работа туку и на неговиот личен живот, сите тие врски, целата таа суровост и монструозност во заднината на уметноста.
Сега изложбата „Пикасо и хартијата“ ги исполнува со посетители галериите на Кралската академија во Лондон. Она што го нуди оваа изложба е само уште еден преглед, чиј столб е целата негова кариера, проба на движења и моменти, што нè води од неговите најрани хартиени исечоци во форма на мал териер и гулаб, кој го направил кога тој имал осум или девет години, сѐ до автопортретот сличен на череп, нацртан една година пред да почине. Висејќи сам на бел ѕид, видно нацртан во брзање со црно-бел креон, гледа во нас и во сè што е поставено во собите, исполнети со големи и помали примероци на неговата уметност.
А со текот на времето посведочуваме како неговите најрани мали хартиени суштества, сега се повторно исечени со ножици од рацете на возрасно лице – форми на сипа, пердуви, светилки и рибар, како и мали хартиени лица и черепи чии очи и усти се изгорени низ хартијата, најверојатно со врвот на запалена цигара. Овие последни грозоморни парчиња се направени во Париз во 1942 година. Разновидноста на овие дела, нивните регистри и примена се движат низ сите периоди на развојот на Пикасо.
Пикасо исполнил 16 тетратки и изработил безброј индивидуални студии во својата подготовка на „Младите дами од Авињон“, а „Герника“ била предмет на речиси исто толку подготовки и ревизии. Тој исто така фотографирал, најчесто од зградите по должината на реката Ебро, едно од најважните места каде што тој започнал да ја развива идејата за кубизмот. Колку што е кубизмот богат со атмосферата на париските барови, чаши вино, весници и урбаното секојдневие, тој е исто така и производ на густо изградените згради во Хорта де Ебро, во Кадакес и високото пиринејско село Госол. Кубизмот исто така е уметност на колаж и бриколаж, каде што пронајденото и измисленото се здружуваат.
Иако секој дел од изложбата се фокусира на главните теми – кубизам и неокласицизам и надреализам; односот на Пикасо со Мари-Терез Волтер; воените години и неговиот последен ангажман со Мане и Делакроа – задоволствата што изложбата ги нуди се наоѓаат во индивидуалните дела, во сета своја разновидност на допири и темпо.