Откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“

Се случи тоа во пролет. О, боже, си велам, дали е тоа некое непишано правило големите и важни нешта да се случуваат во пролет?! Дури и таа, жолтата куќа, нашата куќа, трета по ред откако ќе го изминеш аголот по маалската кафеана, од едно мало и приземно куќиче без огради, една пролет изникнала во голема двокатна убавица со ограден двор. Кога ќе застанеше на почетокот од аголот некој патник намерник за да праша каде живееме, а тоа ретко се случуваше, оти нас сите нѐ знаеја, луѓето ќе му речеа: „Ааааа, ја гледаш онаа жолта убава куќа. Ете, таму. Не можеш да згрешиш“. И мојот маж се родил во пролет, во април, кога улицата мириса на липи, свежа трева и на којзнае од каде донесен мирис на полско цвеќе. Само јас, како некоја дојденка од туѓина, дојдов на крајот на годината, во еден студен декември, кој реши предвреме да ги завее улиците со снег. Па, сепак, никогаш не обрнував внимание на тоа, оти од моментот кога дојдов, мене во очите ми растеше пролет. Жолта куќа, поплочен двор опкружен со шарени цвеќиња, голема цреша на крајот од дворот, чии гранки ми го допираа прозорецот од спалната соба, и гнездо на ластовички над влезната врата. Што може повеќе да посака човек?
Една вечер лежевме и гледавме една од нашите омилени телевизиски серии, со истраги за убиства, некои форензичарски трикови, обдукции, постојана потрага по праведници и виновници, а главната сатисфакција е во оној прикриен натпревар кој од нас двајцата прв ќе одговори на прашањето „кој е виновен“. Лежиме така, јас на мојата, тој на неговата страна од креветот, само прстите од нозете ни се допираат и како по навика си поигруваат едни со други, кога за првпат го слушнав тој неодреден звук на вода. Молчам и наслушнувам, ги напрегнувам ушите, се обидувам да ги исклучам звуците од телевизорот и оние што доаѓаат надвор од собата. Во почетокот се слушаше нешто тапо и неодредено. Проверувам, се преиспитувам, да не ме прогласи тој или јас самата себеси да не се прогласам за луда. Потоа, звукот полека почна да добива своја форма и сè повеќе и сè појасно се слушаше едно ритмично „кап“. Забележувам дека тој ја менува бојата на лицето, исто како мене го напрегнува слухот за да чуе, ја повлекува ногата и прстите веќе не ни се допираат. Наслушнува. „Кап, кап…“ Веќе нема сомнение дека некаде од внатрешноста на ѕидовите на спалната тече вода. Се гледаме и молчиме. „Утре ќе видам што е“ – ми вели. Серијата завршува. Се вртиме со грбот секој на својата страна и заспиваме додека да дојде тоа утре.

Утредента го гледам како прави една мала дупка во дворот, точно под прозорецот на спалната, на неколку метри од стогодишната цреша. Ми се насмевнува како да сака да каже дека проблемот е мал, безначаен и за час ќе се среди. Му се насмевнувам и јас и одам горе да направам ручек, па да пиеме кафе. Од прозорецот ги гледам соседите како поминуваат, погледнуваат во дворот, му креваат рака за поздрав. Ги слушам како му велат „здраво, комшија… некој проблем… ајде ќе се среди, треба помош… не треба, а ха.. ако, ако… ајде аирлија работа“. Денот полека одминува. Ставам дел од ручекот и филџан кафе на дрвениот послужавник и му ги симнувам. Не ме ни погледнува, но јас можам да му ја видам сенката на разочараност и загриженост што му го покрива челото. Вечерта лежиме, ние и нашата криминалистичко-истражувачка серија. Молчи и го попушта звукот на телевизорот, но јас јасно можам да го чујам ритмичното и пробивно „кап… кап“.
Следниот ден уште пред да се разбудам тој веќе се симнал во дворот и продолжил со копање. Попладнето го гледам како седи и гледа во големата дупка среде дворот, од која се гледаат земјините слоеви, водоводните и одводни цевки, па дури и дел од корењата на црешата, но нема вода. Не ја најдовме ниту следниот ден, ниту денот по него, а тој само гледа во сè поголемата дупка во дворот и молчи. Некаде по две недели и никаква трага од водата престанавме да ја гледаме омилената серија. Доаѓа уморен од целодневното копање и гледање во дупката и штом ќе го допре работ од креветот, како под команда заспива. Го гледам како спие. Му го слушам тешкото дишење. По цела вечер немирно се превртува, а јас лежам како закована и слушам како од една капка, во ѕидот чиниш се создала мрежа од водни канали и во секој од нив се слуша по едно „кап… кап“. Капе водата, капе ѕидот, времето, денот, куќата… Носи ли нешто или однесува оваа пуста вода, вода ме однела!
По уште две недели, му ги носам како и секој ден, како нововоспоставен брачен ритуал, ручекот и кафето во дворот. Ме погледнува со еден испразнет, измиен поглед и како да сака да ми каже „ја нема“. Ги собира рамениците и немоќно погледнува во дупката, која веќе се доближува до стеблото на црешата. „Мора да ја пресечеме“, ми вели со очите. Почнувам да го замислувам погледот од прозорецот на спалната соба без гранките, лисјата, зеленилото, без птиците што бараа засолниште во крошната на старото дрво. Не велам ништо. Утредента, дојдоа работниците, го натоварија безживотното тело на црешата и заминаа. Комшиите во чудење гледаа во празниот двор и огромната дупка, но веќе ништо не зборуваа. Веќе не зборуваше ни тој.
По некое време веќе немаше каде да се копа. Забележавме мали пукнатини на надворешната страна под прозорецот во спалната соба. „Ништо страшно“, си рековме и двајцата, но за секој случај решивме да се преселиме во детската соба, во која имаше кревет, плакар и мало биро, сè, само немаше деца. Ја нарековме „детска соба“ веднаш штом се зедовме, но не стигнавме да ја наполниме со деца. Јас ги дозавршував студиите, тој започнуваше нов бизнис, имавме кредит за опремување на куќата, татко ми набрзо по свадбата доби мозочен удар и за кратко почина. Еден погреб, подоцна и друг. Првите неколку години бевме на седум погреби и четири свадби. Ги завршив студиите, но не најдов работа. Секогаш сакавме многу деца, но, ете, никогаш не дојде време за тоа. Детската соба гледаше кон улицата и немаше телевизор за да пуштиме музика и да не ја слушаме водата. Всушност, се надевавме дека во таа соба воопшто нема да го слушнеме она познато „кап… кап“, кое сè повеќе ги исцртуваше каналите во ѕидовите. Попусто. Се чинеше дека водата си направила свое течение и нејзиното капење се слушаше низ целата куќа. Се ужасив кога сфатив дека неговиот поглед ми вели „ја нема водата, ја нема, нема друго, мора да се преселиме“, но молчев и веќе поразено ги кревав рамениците.

***
Денеска е денот на преселбата. Ги носам последните торби во автомобилот, во кои внимателно ги спакував семејните фотографии. Намерно ги оставив за крај. Стојам и чекам да излезе од влезната врата, над која зјае празното гнездо на ластовичките. Го гледам како полека, со наведната глава, се симнува по скалите. Доаѓа и без збор влегува внатре. Моторот започнува да брмчи и се вртат тркалата. Не ни погледнувам во ѕидовите, кои одамна за ниту еден патник намерник не се убавата жолта куќа. Пред да стигнеме до аголот, на почетокот од улицата, слушам продорен тресок од кој се затресува автомобилот. Се вртам и гледам, силен млаз вода се извишува од средината на дворот. Избива водата, чиниш како некој да извадил скриен чеп заглавен во земјата. Се собираат комшиските деца и весело играат околу милионите немирни капки. За првпат се насмевнувам. Тој уште молчи, ги стиска усните и раката му формира невидлива тупаница. Не се ни свртува. Сенката на челото му го покрива целото лице и слушам како речиси нечујно низ заби процедува „ете ја, ете ја водата“. Ветрот ги носи капките до стаклата. Автомобилот со забрзано движење го одминува аголот.

Силвана Димитриевска