Кон јубилеите 110 години од раѓањето на Кирил Пенушлиски и 50 години од објавувањето на целокупниот опус на Марко Цепенков во десеттомно издание

Визионерски и заветни примери

Кога професорот Марко Китевски, кој целиот свој работен век го мина како научен соработник и долгогодишен раководител на Одделението за македонска народна литература, заминуваше во пензија, во наследство ми остави две фотографии што со години стоеја на ѕидот во неговиот кабинет. Овие две фотографии на две од најзначајните имиња во македонската фолклористика – Марко Цепенков (1829-1920) и Кирил Пенушлиски (1912-2004), беа неговиот завет за наредните генерации, за сите нас што продолжуваме да го истражуваме македонското народно творештво по нивните стапки. Во име на тој завет, а по повод 110 години од раѓањето на проф. д-р Кирил Пенушлиски и 50 години од мигот кога под негова редакција беше објавен целокупниот опус на Марко Цепенков во десеттомно издание, Институтот за македонска литература организираше научен собир со кој ги чествуваше овие две големи имиња за македонската фолклористика – најголемиот собирач на македонски народни умотворби и основоположникот на македонската наука за фолклорот.
Она што им е заедничко, покрај нивната долговечност (Пенушлиски живееше 92, а Цепенков 91 година), е нивното повеќедецениско посветено и неуморно ангажирање во собирање, запишување и објавување народни умотворби и нивната непроценлива заслуга за зачувување на македонското фолклорно богатство и за наредните генерации. Како што ќе рече акад. Гане Тодоровски за професорот Пенушлиски, тој со својот „ангажман и влог во фолклористичката наука, кои се бездруго грандиозни, по широчината на иницијативите, по богатствата на визиите, по степенот на владеењето со материјата, по репертоарот на допрените теми и по резултатите од архивските и теренските истражувања и проучувања, (…) се извиши, приживе, во самиот врв на современата научна мисла на Македонија“. Во својот долг работен век, Пенушлиски „цепенковски настојчиво и духовно жилаво го држи перото в рака“, објавувајќи импресивна бројка од седумдесетина книги, меѓу кои десетте жанровски антологии на македонското народно творештво, собраните дела на Цепенков и на Верковиќ, Зборникот на Миладиновци, Малешевскиот фолклор, Народната култура на Егејска Македонија, Зборникот на Панајот Ѓиноски и голем број други изданија посветени на некој лик, мотив или поединечен жанр, сѐ до последната книга „Македонски фолклор – историски преглед“, во која ги заокружи своите повеќедецениски истражувања на народното творештво. Пенушлиски ги вложи сиот свој интелектуален капацитет и интегритет за да ни покаже како се сака и се работи во полза на својот народ, како плански и систематично се презентира, толкува и афирмира целото наше колективно творештво и народните културни богатства, воден од народната изрека што честопати ја повторуваше дека „заборавот дебне неумоливо“. Токму како што против заборавот се вложуваше и самоукиот прилепски терзија Марко Цепенков, кој надарен со творечки заложби со децении бил преокупиран од желбата да го даде својот придонес во настојувањата Македонците да се претстават пред светот како народ со свое богато јазично и фолклорно творештво. Како резултат на тој влог, тој собрал вкупен фонд од околу 800 народни приказни, 150 песни, 5.500 пословици и поговорки, голем број гатанки, верувања, клетви, баења и други етнолошки и јазични материјали, импозантни како по квантитетот така и по жанровската разновидност.

Во однос на овој опус, важно е да потсетиме дека Блаже Конески за првпат го претстави Марко Цепенков во својот избор „Сказни и сторенија“ во 1954 г., со кој го предизвика поширокиот интерес за речиси непознатиот и заборавен собирач на македонски народни умотворенија. Но целокупното творештво на Цепенков е објавено дури во 1972 г., кога покрај фолклорните, етнолошките и другите материјали што биле претходно објавени, десеттомното издание содржи и дотогаш необјавени материјали. Заслугата секако му припаѓа на Кирил Пенушлиски, кој ги донел во Македонија ракописните материјали пронајдени во Архивот на БАН во Софија, а потоа како редактор и главен уредник ги подготвил за печатење со помош на своите соработници Блаже Ристовски, како одговорен уредник, и Томе Саздов, како член на редакцијата. Според д-р Ленка Татаровска, „Да се донесе Цепенков дома, да се извлече од архивите на институциите на соседите и овде да се издаде во десет тома, се разбира, не беше мала работа, туку зафат од грандиозни размери, зафат што нема цена. За времето беше тоа и чин на дипломатија“.
Со еднаков сенс и тактичност се и постојаните пораки на Пенушлиски до идните генерации да се проучува делото на Цепенков, најголемиот бард на македонското фолклорно наследство, чие дело отсекогаш и засекогаш им се наложува на нашите поколенија како драгоцен залог од нашето минато. Кога во едно интервју од 1995 г., токму за ЛИК на „Нова Македонија“, го прашале Пенушлиски „Се чини ли денес проучувањето на народното творештво и свртувањето кон сопствените корени можеби малку анахроно?“, тој ќе извика: „Никако! Нема ни збор за каков било анахронизам. Свртувањето кон сопствените корени и народната традиција претставува нормален процес, далеку поприфатлив за народот отколку свртувањето кон чии било туѓи корени или кон поддржувањето на туѓите развојни литературни и културни пројави, од желбата да се биде ’модерен‘ по секоја цена.“

Нивните дела можеби временски му припаѓаат на минатото, но тие сè уште се интензивна преокупација и на нашата современост, како што вели проф. Саздов во предговорот на Цепенковите собрани дела напишан пред 50 години, но како што, за жал, можеме да тврдиме и ние денес, кога повторно се реактуализираат прашања врзани со македонскиот национален идентитет. Од тие причини, чествувањата на вакви јубилеи се многу повеќе од куртоазно и пригодно навраќање на многубројните достигнувања на Марко Цепенков и на Кирил Пенушлиски и нивниот особен придонес за македонската народна култура и за македонската културна историја воопшто.
За сегашните генерации читањето и препрочитувањето на народните приказни и на другите умотворби собрани од нашиот најплоден собирач Цепенков е чин на афирмирање на неговиот величествен подвиг, што тој го започнал со единствена желба културно да го издигне својот поробен народ, како и извесно продолжување на неговата преродбенска мисија во новите времиња со нови, но слични предизвици. Пенушлиски, пак, воден од истите резони, уште во 1965 г. во својот труд „Постигањата на македонската фолклористика и нејзините задачи“, jaсно ги фиксира своите заложби за македонските фолклористи. Тие треба да продолжат интензивно и плански да ги собираат народните умотворби, да му ги вратат на народот преку критички и систематски преиздавања на собраниот материјал во минатото, но и на оној што бил собран во нашево совремие, да ги проучуваат од теоретска и историска гледна точка, ама и компаративно во однос на фолклорот на другите балкански народи. Очигледно, ова се насоки што и денес се релевантни и кои и натаму стојат исправени како провокација за новите генерации фолклористи што се вложуваат во истражување и толкување на македонскиот фолклор. Но за Пенушлиски, овие насоки првенствено биле обврска што ја поставувал пред самиот себеси, света задача од која не отстапува до последниот ден од животот, додека ја арчеше 93-та година, докажувајќи ни ја на дело вистинитоста на народна поговорка дека „работата го крепи човека“. Неговата енергија, динамичен истражувачки дух и целосна посветеност резултираа во опус што е обемен, многустран и со видлив стремеж да ги открие и разјасни тематските, идејните и естeтските вредности на македонскиот фолклор. Во таа негова животна мисија „… за професорот, кој поседуваше сестрано развиена култура, постоеше една олеснителна околност, (…) Нашиот народ би рекол – имаше ѕвезда. Кај овој исклучително надарен истражувач таа се изразуваше во неговата енергија и моќ за знаење, во неговиот логос, во смелоста и сериозноста со која пристапуваше кон работите, во совршениот стил специфичен за едноставните, но величествени, а сепак ’обични“ луѓе“, ќе рече Татаровска.

Евидентно, овие двајца величествени, а едноставни луѓе се визионерски и заветни примери достојни за сеопшта почит! Од нив можеме да учиме како целиот живот се вложува работејќи посветено и неуморно во полза на својот народ и неговата култура. Марко Цепенков и Кирил Пенушлиски, секој на свој начин согласен со времето во кое творат, првиот како собирач, вториот како научник, ни покажаа и докажаа колку е значајно афирмирањето на фолклорот како знак за особеностите, автентичноста и самобитноста на еден народ.

проф. д-р Ана Мартиноскa