Слободан Јаќоски, еден од иницијаторите на 50 години македонски анимиран филм
Јубилејни 50 години македонски анимиран филм се одбележуваат до 22 ноември во МКЦ, со изложби, проекции и дискусии, во организација на Слободан Јаќоски и Иван Ивановски, кој е главен автор на изложбата. Освен изложба на артефакти од златната доба и сцената денес, предвидени се и дискусии, проекции и презентација на публикацијата „Македонскиот анимиран филм 1971-1991“. Сите овие настани имаат цел да направат еден вид мост помеѓу златната доба и сцената денес, бидејќи со почетокот на транзицијата до некаде 2006 година постои огромен дисконтинуитет – во временски период од речиси 20 години, во кој во Македонија практично не се продуцира анимиран филм (со неколку исклучоци).
Кога ќе се направи една кратка ретроспектива, кои се почетоците на анимираниот филм и чии дела и имиња го имаат испишано?
– Првиот македонски анимиран филм е „Ембрио No. M“ на Петар Глигоровски, реализиран во 1971 година, во „Вардар филм“. Во 1970-тите и 1980-тите години во продукциската куќа „Вардар филм“ почнува да функционира Студиото за анимиран филм, а со тоа и т.н. Скопска школа на анимираниот филм, која ја сочинуваат, освен Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов, Делчо Михајлов, Славољуб Игњатовиќ, Мице Јанкуловски, Мирослав Грчев и Афродита Марковиќ, кои заедно ќе продуцираат околу 50 анимирани филмови.
Како еволуира оваа филмска форма?
– Анимираниот филм е жива материја и темите, техниките и технологиите постојано еволуираат и се менуваат. Додека на почетокот анимираниот филм се произведувал на рачно нацртани фолии, денес целиот овој процес е дигитализиран. Ако зборуваме за авторски анимиран филм со уметнички претензии – темите се чини дека варираат во зависност од авторот и од времето кога е произведен. Во 1970-тите и 1980-тите кај авторите кај нас доминира социјално ангажираниот филм и често се третираат темите од егзистенцијално и универзално значење. Пристапот кон овие теми може да е сериозен, хумористичен…
Каква е сцената денес?
– Ние сме мала земја и, соодветно на тоа, имаме мала сцена на аниматори. Сепак, потенцијалот е огромен и по квалитетот и актуелноста не отстапува многу од европските и светските трендови на авторскиот анимиран филм.
Периодот меѓу 1971 и 1991 година го именувате како златна доба. Што ја чини блескава?
– Квантитетот, но уште повеќе квалитетот на анимираните филмови во тој период е навистина импозантен и верификуван на најпрестижните филмски фестивали, како што се Берлинскиот филмски фестивал, Анеси, Оберхаузен… Македонскиот анимиран филм очигледно имал свое битно место во југословенската кинематографија, а за тоа говори и фактот дека филмот „Отпор“ на Боро Пејчинов бил југословенски кандидат за „оскар“.
Дигитална ера и продукција последниве години создаваат нова сцена на автори на македонски анимиран филм. Каков прогрес бележиме?
– Веќе го начнавме ова интересно прашање. Сите нови македонски автори на анимиран филм, во помала или поголема мера, ги користат дигиталните алатки, кои во значителна мера ги редуцираат трошоците за продукција. Постојат две главни струи во македонскиот анимиран филм во моментов, а тоа се авангардната и експериментална струја, предводена од Иван Ивановски, Жарко Иванов, Вук Митевски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски, кои гравитираат околу продукцијата „Флип бук“, како и струјата околу Гоце Цветановски, кој го носи искуството стекнато во работата во 3Д-продукцијата (Македонија е своевиден центар за „автсорсирање“ на талент за анимација и визуелни ефекти) и често обработува фантастични теми. Овие две главни движења не се конкурентни, напротив, тие се комплементарни и често соработуваат меѓу себе. Прогресот во последните 15 години е навистина феноменален и нашите анимирани филмови зачестија на реномираните филмски фестивали во светот, од каде што понекогаш се враќаат и со награди.
Создавањето долгометражен анимиран филм е скап, долг, тежок процес, кој инволвира многу единки за целосна реализација. Македонија сѐ уште нема развиена домашна продукција за долгометражен филм…
– Навистина, продукцијата на долгометражен анимиран филм е огромен предизвик, веројатно многу поголем од создавањето долгометражен игран филм. Дури и во златната доба, најголемиот дострел се среднометражните „Каша“ и „Фестивал“, кои се под 40 минути. Сепак, има надеж, бидејќи долгометражниот анимиран филм на Гоце Цветановски, „Џон Вардар против галаксијата“, се наоѓа во завршните фази на продукција, по макотрпна работа од околу речиси цела деценија. Се надеваме дека премиерата ќе ја дочекаме наредната година.
Во кои размери треба да се развива анимираниот филм и треба ли да му се обезбеди подобар пласман кај нас?
– Како организатори на јубилејот 50 години македонски анимиран филм, ние најпрво би сакале да им дадеме достојно признание на пионерите од златната доба, за да не паднат во заборав и да го премостиме јазот до сцената денес. Навистина, потребно е културната јавност, но и пошироката јавност да го сфати вистинското значење на анимираниот филм во македонската култура. Впечатокот кај најголемиот дел од аниматорите е дека кон оваа форма институциите што ја финансираат културата гледаат со извесно потценување, а тоа се рефлектира и на речиси симболичните продукциски суми. Би сакале ова да се смени во иднина, бидејќи навистина македонскиот анимиран филм кај нас има славно минато и неколкукратно ги „вратил инвестициите“, а сцената денес чека само уште поголем поттик да се докаже пред домашната и светската јавност.