Денес им стана примарна цел на архитектите и на дизјанерите да создадат објект и локација што ќе бидат споделувани на Инстаграм. Дали и колку овој тренд го следат домашните архитекти?
Интернет секојдневно директно влијае врз животот и работата на обичниот човек, но и врз големите компании и бизнисмени и нивните трикови за привлекување интерес и остварување долготраен позитивен впечаток кај луѓето. Неодамна „Гардијан“ објави текст во кој се наброени голем број примери на светски реномирани архитекти и архитектонски здруженија што отворено зборуваат за влијанието на социјалните мрежи, особено Инстаграм, врз нивната секојдневна работа. Денес стана примарна цел на архитектите и дизјанерите да создадат локација што ќе биде споделувана на Инстаграм. Дали и колку овој тренд го следат домашните архитекти?
Тенденцијата е да се постигне брз вчудовидувачки ефект
– Mислам дека најважно е да се создаде квалитетно дело, дело што ќе испрати некаква порака до читателот, без разлика дали се работи за архитектонско, сликарско, вајарско или какво било друго уметничко дело. Секако, овој медиум на некој начин овозможува брзо согледување на информациите што се пласираат, луѓето сакаат информации што за многу кратко време ќе ги согледаат, а фотографијата и видеото се несомнено тоа – вели архитектот Дејан Ивановски.
Бојана Мирковска од „Смарт ливинг“ го согледува растечкото влијание на Инстаграм врз јавноста и, како што вели, тенденцијата во сите сфери е да се постигне брз вџашувачки фактор.
– Објект што ќе биде фотогеничен, препознатлив и спектакуларен за гледање, привлекува интересенти да се фотографираат со него, ги споделуваат своите фотографии онлајн и популарноста расте. Делата на Џеф Кунс на пример се исклучителен атрактор. Шарени, допадливи, привлечни како лижалчиња за деца. Не можам да скријам дека и мене секое негово дело ме вовлекува во магијата, каде и да го пресретнам. Огледалната површина со градскиот пејзаж во заднина, шарените импозантни форми е она што ги мами посетителите да направат понекој самослик и да го споделат – вели Мирковска.
Според неа, од желбата да се постигне брза допадлива архитектура, квалитетот знае често да биде занемарен, и тоа не само кај нас.
– Во светски рамки се случува истото тоа. Се прават фасади што на фотографија дејствуваат шокантно привлечни, во реалноста тоа се картони што се лупат на првиот дожд. Се согласувам да се оди во чекор со актуелните случувања, да се адаптираме на новите предизвици, но да забавиме. За сѐ треба време и посветеност – вели Мирковска.
Таа открива дека нивната компанија „Смарт ливинг“, која ја водат заедно со нејзиниот сопруг, архитектот Иван Мирковски, го користи Инстаграм не само како платформа за пласирање на производите и услугите што ги нудат туку често и како медиум за споделување култура, зближување и љубов.
– Популарноста на Инстаграм, секако, ни е од огромно значење, затоа што ние дејствуваме општествено одговорно со нашата работа – додава Мирковска.
Архитектот Александар Андовски признава дека е невозможно е да се биде имун на технолошките достигнувања на телекомуникациите, особено на пренесувањето на информацијата и олеснувањето на овој пат до секого.
– Ништо не би требало да биде компромитирано ако се користи правилно и во определени дози, токму како што и докторите и фармацевтите ни ја пропишуваат дозата на лекот. Ако јас го следам Калатрава или Фостер што прави на Инстаграм, сигурно дека дизајнот нема толку лесно да се компромитира. Работата е што денес имаме океан на информации, проекти, рендери, познати, непознати, квалитетни или неквалитетни архитекти што ги изложуваат своите објекти по социјалните мрежи. Е сега, тој што е лаик, секогаш ќе им верува на убаво нашминканите згради или, пак, на прекрасните рендери. Додека, пак, на вистинските професионалци не им треба шминка да ги препознаат вистинските естетски и функционални квалитети, исто како што и на убавата девојка не ѝ треба шминка. Никако не смее да се заборави, покрај естетиката, и функцијата на еден објект, бидејќи овие две нешта ја креираат вкупната вредност на еден објект – порачува Андовски.
„Гардијан“ го посочува примерот на билионерот и инвеститор на недвижнини Стивен Рос, кој сакал декорација што ќе биде туристички магнет – „Ајфелова кула за Њујорк“, кога го побарал „Садот“ на Томас Хедервик, дело што чини 200 милион долари и претставува скалило што не води никаде, а моментално се наоѓа во изработка во њујоршките „Хадсон градини“. Тоа е 46 метри висок пехар, широк онолку колку што е висок, со пропорции што совршено се вклопуваат во квадратната рамка на Инстаграм.
За тоа дали вакво нешто се случува и на овие простори, Ивановски вели дека секој се обидува да креира добра фотографија на својот завршен производ или, пак, да го документира (фотографира) процесот на создавање на тоа дело.
– Социјалните мрежи се само медиум каде што овие фотографии или видеа се пласираат. За среќа, не сум имал вакво барање од инвеститор – вели Ивановски.
Бојана Мирковска открива дека пред да започнат со еден дизајнерски процес, првенствено навлегуваат во суштината, крвотокот и начинот на кој ќе функционираат работите во еден организам.
– Најбитно е системот да е здрав, добро организиран и функционален. Кога е здрава суштината, убавината, допадливоста излегува сама по себе. Секако дека многупати сме се сретнале со такви барања од клиенти, особено кога се проектираат ентериери од јавен карактер. Нормално е клиентот да бара конечен продукт што ќе привлекува посетители, сосема разбирливо е тоа. Чудно и неуспешно би било кога не би било така. Нашата улога е да стигнеме до таа рамнотежа и убавина преку процес, не наеднаш, туку заеднички да ја откриеме убавината што секогаш постои, за на крајот на Инстаграм сите да се пофалиме – додава таа.
Александар Андовски, пак, вели дека секогаш се обидува да ги исползува само позитивните страни на социјалните мрежи и на Интернет, генерално.
– Атрактивноста за некој објект поставен на социјалните мрежи е само еден од многуте начини што го инспирираат архитектот. Тука се уште и архитектонските портали, сајтовите на актуелните и водечки светски архитекти, онлајн-списанијата, книгите, научните трудови… Кога започнувам нов проект, јас и инсистирам клиентот да се инспирира од некоја конкретна референца, проект, објект, стил итн. Притоа, внимателно ги селектирам оние референци што не навлегуваат во кичот, кои кореспондираат на мојот вкус и мојата определба за естетското обликување на проектот за постигнување на една од главните задачи на архитектот. А тоа е крајниот корисник на новиот простор, инвеститорот, да биде среќен, а во исто време и создавачот на тој нов простор да биде задоволен и со гордост да каже дека тој го создал тој простор – порачува Андовски.
Инстаграм ги маѓепса лидерите на светската архитектура
Последниве неколку години групи млади туристи од Кина често се губат во индустриската зона во источен Лондон, со телефоните в раце, обидувајќи се да го направат совршен самослик. Старите магацини во Њухам поседуваат посебен шарм, но младите не се тука за да ги тестираат овие постиндустриски отпадоци, туку за да го најдат ѕидот што веќе е фотографиран и споделуван на социјалните мрежи милион пати, оној што се најде во заднината на музичките спотови и реклами, шарениот ѕид што стана онлајн популарен.
Архитектскиот колектив „Асембл“ крена голема дрвена барака во дворот на своето студио „Стратфорд“ во 2014 година и ја покри со весела фасада од бетонски плочи во пастелни бои. Никој не можеше да претпостави дека тоа ќе стане сензација на „Инстаграм“, која ќе се најде на кинеските блогови како најатрактивен лондонски ѕид за споделување на „Инстаграм“ и дека ќе инспирира цело производство и продажба на промотивни производи на „Таобао“, онлајн-пазар во Кина. Нивниот шеќерен патерн сега може да се најде на сѐ: од чанти до ролни тапети за ѕид, а лани дури се најде и на маски за Ајфон на уличен маркет во Хонгконг.
Познатиот самослик-ѕид беше демонтиран во 2016 година, кога „Асембл“ го релоцира своето студио, но, благодарение на архивираните фотографии, луѓе сѐ уште можат да бидат видени како го бараат ѕидот во источен Лондон.
Оваа слава можеби беше случајна за „Асембл“, но платформата, која сега има 800 милиони корисници, повеќе од една десеттина од светската популација, оттогаш стана една од највлијателните сили што диктираат како се формира нашето опкружување.
Архитектот Дејвид Тикл од глобалната фирма „Хасел“ првпат станал свесен за овој феномен додека презентирал свој дизајн на еден конкурс за нов јавен плоштад во Сиднеј.
– Еден од судиите рече дека навистина му се допаѓала нашата шема затоа што била многу инстаграмска. Не ја дизајниравме мислејќи на тоа, но сфативме дека наредените слоеви тераси што ги предложивме изгледаа одлично за фотографирање и споделување на социјалните мрежи. Тогаш се шегувавме за тоа, но сега тоа стана дел од нашиот речник и важен начин на кој размислуваме кога работиме на проектите – вели Тикл.
Инстаграм има растечко влијание врз архитектонските објекти што се нарачуваат за да ги разубават улиците и плоштадите во градовите низ светот. Големата популарност на јавните скулптури, како што е „Клауд гејт“ на Аниш Капур во Чикаго, огледално исполирано гравче што ги рефлектира луѓето и околината, доведе до тоа и други градови да бараат слични дела, во кои и самата публика ќе може да стане интегрален дел од уметничкото дело.
Архитектите на „Д шед“, Дилер Скофидио и Ренфро од Њујорк, ја открија моќта на „Инстаграм“ преку своето искуство. Нивниот победнички дизајн на „Зарадје парк“ во Москва заработи 480 милиони долари. Тоа е коктел од лебдечки мостови, брановидни крошни и кристални пештери, кои ги преплавија социјалните мрежи. Оттогаш нивниот објект стана попопуларен за туристите дури и од московски Кремљ, кој се наоѓа од спротивната страна на истата улица.
Градењето објекти и јавни простори како сетови за самослици можеби функционира добро како туристичка промоција и „фама пред лансирањето“, но кога факторот на „новитет“ ќе избледи, цврстината станува многу поважна. Потребата од брз и достапен спектакл често води кон евтини, неквалитетни и тенки материјали, кои се одлични за на фотографија, но се одржуваат тешко. Дамчестите, одлепени фасади од минатата декада остануваат како мрачен тестамент за давањето приоритет на фотогеничноста пред функционалноста.
Исто така, голем број светски популарни инстаграм-локации се претворија во неподносливи самослик-собиралишта. Оваа година се случи тепачка на најпопуларната локација на Инстаграм во Рим, кога двајца туристи се бореа за совршен самослик пред фонтаната „Ди Треви“, што доведе до тоа градот да воведе ред за фотографирање на локалитетот по принципот „еден по еден“.
Инстаграм создаде цела индустрија на консултанти за дизајн на социјални медиуми, кои ги советуваат своите клиенти како да го направат својот дизајн што е можно „посподелувачки“.
Откако работел на комплекси во Азија, австралискиот архитект Скот Валентајн решил да напише „Водич за инстаграм-дизајн“, кој детално ги прикажува начините како да се дојде до „визуелно чувство на вчудовиденост“, охрабрувајќи ги сопствениците на ресторани и хотели да креираат места каде што гостите сами ќе го заземаат централното место на сцената. Импулсот не се состои само во тоа да се создаде нешто фотогенично туку да се создаде сцена каде што човек ќе застане самиот да биде фотографиран, лајкуван и споделуван.
Но може ли нашата опсесија со фотографирање и споделување да претставува и можност за иновација, исто така? Нели треба архитектите да прифатат платформа што ги охрабрува луѓето одблизу да го анализираат своето опкружување?
Сем Џејкоб, дизајнер на Музејот на анимиран филм во централен Лондон, вели дека не гледа причина за загриженост.
– Архитектите секогаш ги дизајнирале своите објекти да бидат фотогенични. Еден што работеше на изградбата на „Барбикан“ ми кажа дека намерно ги истакнале грубата бетонска површина и контрастно белите плочки за објектот да изгледа подобро на висококонтрастни црно-бели фотографии прекуден. А што се однесува до нашата опсесија со самослик, архитектурата има долга традиција на специјално дизајнирање да врамува луѓе. Тоа е сосема исто со она што го прави една црква или катедрала, ова е само една подемократска верзија. И тоа е добар предизвик. Инстаграм-културата се движи толку брзо и станува толку напорна што вие само треба да го еволуирате вашиот архитектонски јазик, низ цртежи, модели или објекти – вели архитектот Сем Џејкоб.