Вера сонува за морето, морето е нешто убаво, симбол за убавина, но во нејзиниот живот не е сѐ толку убаво, па таа не може ни да го посети морето. Иако се интелектуалци со својот сопруг, тие не можат ни да си дозволат да одат на море и кога некогаш, ако би ја продале куќата на село, би отишле тие би немале можност за коктел на море, но можеби би имале за една изладена лубеница на плажа, вели актерката
Теута Ајдини-Јегени, актерката од „Вера сонува за морето“
Дајте ѝ болка на жената и таа ќе ја претвори во моќ. Дајте ѝ на таа жена хаос и таа ќе создаде мир. Во една реченица вака би се опишал ликот на Вера од филмот „Вера сонува за морето“ во режија на Калтрина Красниќи, кој е копродукција на „Дрим фектори“ од Македонија (Огнен Антов и Стојан Вујичиќ), „Истра креатив фектори“ од Косово (Шкумбрин Истрефи) и „Пападимитри филм“ од Албанија (Дионис Пападимитри). Филмот досега беше прикажан на голем број филмски фестивали и освои многу награди, а светската премиера ја имаше на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција, со што Македонија по 21 година повторно се појави на оваа престижна филмска смотра.
Во филмот централен лик е Вера, која ја игра Теута Ајдини-Јегени, одлично прикажувајќи го ликот со сите доблести, грижи, силни и помалку силни страни, брилијантно отсликувајќи ја моќта на жената, нејзината цврстина, бистрина и храброст. Теута е првенка на Албанскиот театар во Скопје, по потекло е од Дебар, добитничка е на специјалната награда што се доделува за особени остварувања во областа на театарската уметност. Теута е ќерка на починатиот, но исто така познат актер Ќемал Ајдини, еден од основачите на Албанскиот театар во Скопје, кој, за жал, прерано почина.
Вера е средовечна жена израсната во патријархално семејство и единственото наследство што го добила и го понела со себе при миграцијата во град е знаковниот јазик, наследен од својата мајка. Нејзиниот брак е пристоен, но таа знае кога треба да зборува, а кога да молчи. Можеби Вера не успеала да се избори за своето место во семејството и општеството, но е индиректен пример за своето поколение како не треба да биде. Вера ја живее реалноста што голем дел од жените ја носат на плеќи. Борбена е и преку свои канали бара излез од безизлезна ситуација, бара соочување со правдата. Низ тешки дијалози и генерации на три жени филмот посочува дека силната жена не се раѓа, туку животот ја прави силна. Наспроти сите несреќи и премрежиња, Вера одлучува да биде хероина, а не жртва. Сама успева да го изгради светот за кој сонува.
Накратко, каков филм е „Вера сонува за морето“?
– Секоја жена се пронаоѓа во овој лик. Нема жена во светот што не се пронаоѓа негде во едно општество каде што има конфликти во сите размери, дали во традицијата, мафијата, семејството… Сите понекогаш се наоѓаме во конфликтна и комплицирана ситуација. Добро е што успеав да ја најдам силата на жената и да ја искажам. Не го одбрав јас сценариото, туку бев одбрана да го одиграм ликот најдобро што можам. И најважно во таа цела приказна ми беше да ги покажам јачината, цврстината и цената на таа сила што ја поседува една жена. Сепак и на крајот се покажа дека жената е многу посилна отколку што е свесна затоа тоа, впрочем и толку силна за да ги роди и своите деца.
Тешките моменти се најважни, затоа што тогаш на површина излегува силата на жената. Што сака да ни каже ликот на Вера преку својата реалност?
– Вера поттикнува многу теми и прашања. Укажува на проблемите со урбаната мафија, судството, традицијата, патријархатот, наследствата. Во филмот не станува збор само за една спорна, но значајна селска куќа и за тоа кој да ја наследи, куќата е мала причина да се отворат многу прашања. Конфликтот на семејството, односот татко – ќерка, општите семејни односи, материјалните интереси…
Ви беше ли тешко да влезете во чевлите на Вера?
– Колку тежок, толку и лесен ми беше овој филм. Ако го носиш со себе, а јас го носев со себе овој лик, па ми беше многу лесно да го изразам сето она што го чувствувам. Сепак морам да напоменам дека целата изведба бараше многу напор, но тоа се сосема различна работа. Ниедна добра работа не може за се заврши без напор. Така што колку што ми беше тешко да го реализираме финалниот продукт, толку ми беше и лесно. Уживав во самата Вера. Можеби и се забележува во самиот филм дека немаше ни еден кадар каде што не се пронаоѓам. Ја оживеав и доживеав Вера целосно. Не е сѐ розово во животот, а јас ги чувствував тие ситуации. Емотивна сум, на крајот на краиштата и актерка сум, а ние актерите сме многу инфантилни, а децата имаат најмногу чувства.
Се одрази ли во некој сегмент животот на Вера врз вашиот живот?
– Јас ја разбрав Вера добро. Не попримив од неа, но ѝ дадов многу. Реална сум, но сето она што јас го поседував сакав да ѝ го дадам. Убаво ги разбрав и Вера и жената.
Во еден бурен дијалог меѓу Вера и нејзината ќерка Сара се отвора прашањето за тоа каков пример е мајката за детето, особено кога семејството трпи последици од патријархални матрици, конзервативни сфаќања, традиционални ограничувања, родови стереотипи…
– Децата секогаш треба да земат пример од мајката, од двајцата родители всушност. Ние сме најдобрите примери за децата. Но сето тоа што не сме можеле како пример да го дадеме за нашите деца сигурно го посакуваме на некој начин и работиме на тоа да бидат подобри верзии од нас. Ако успееш во тоа твоето дете да го направиш многу подобро од себе, тогаш твојот успех е голем. Можеби не сум дала како Вера добри примери, но на крајот успеав да ја убедам Сара дека не треба да биде Вера, дека треба да биде похрабра и своја. Продолжуваме да живееме и да ѝ даваме други примери на Сара.
Вера сонува за морето. И навистина во секој сон на Вера е присутно морето… Што се крие во длабочината на солената вода?
– Водата што е имплицирана во филмот, сама по себе значи живот. Животот има свои подеми и падови. Така е отсликан животот на Вера со своите подеми и падови. Вера е името е улогата, но на албански значи „лето“. Многу е интересна оваа кованица од зборови, „летото да сонува за морето“. Вера сонува за морето, морето е нешто убаво, симбол за убавина, но во нејзиниот живот не е сѐ толку убаво, па таа не може ни да го посети морето. Иако се интелектуалци со својот сопруг, тие не можат ни да си дозволат да одат на море и кога некогаш, ако би ја продале куќата на село, би отишле тие би немале можност за коктел на море, но можеби би имале за една изладена лубеница на плажа. Да сонува летото за море е малку необично и е игра на зборови, но во филмот Вера сонува, а по извесно време и го остварува сонот.
Филмот ја освои и главната награда во Токио
„Вера сонува за морето“ ја освои главната награда на 34. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Токио.
Дејството на филмот е сместено во Косово. „Вера сонува за морето“ ја раскажува приказната за Вера, преведувачка на знаковен јазик, која по самоубиството на сопругот, реномираниот судија Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив.
Сценариото е на Дорутина Баша, кинематограф е Севдије Кастрати, монтажер на филмот е Владимир Павловски, снимател на звук Игор Поповски, композитор е Петрит Чеку, дизајнер на звук Дарко Спасовски.