Ученици и професори од четири училишта од Хрватска, од 2 до 5 мај, престојуваа во нашата земја, во рамките на воспоставената меѓународна соработка, и одржаа ликовни работилници за учениците од двете држави на повеќе места во Македонија. Како финале на проектот во саботата во галеријата „Ко-ра“, во домот на културата „Кочо Рацин“, се одржа изложбата насловена „31 цртеж“.
Пред многубројната публика говореа претставници на повеќе институции на двете земји, како и претставници на Амбасадата на Хрватска, Ана Вучиќ. За творештвото на учениците од петто, шесто, седмо и осмо одделение зборуваше Виолета Калиќ, историчарка што ја отвори изложбата.
– Со поттикнувањето на овој вид меѓународна соработка се поттикнува поврзувањето на учениците од Хрватска со учениците што му припаѓаат на хрватското малцинство во Македонија, но и со македонските ученици, што, секако, придонесува за развивање научни, културни, државни и други аспекти на едно општество во целост. Тоа придонесува и за јакнење на културниот дијалог, почитувањето на другиот и на различното, но и на заложбите дека заедничката цел се заснова на соработка, заедничко работење и меѓусебно почитување – рече Ведран Искра, долгогодишен учител на хрватски јазик во Македонија, кој воспостави плодна соработка со домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
Настанот беше проследен со читање детски творби и со детска претстава на хрватски ученици. Водител на програмата, подготвена од професорот Ведран Искра, беше поетесата Љерка Тот Наумова.
Во овој проект се вклучени повеќе здруженија и заедници, како и Заедницата на Хрватите во Македонија.