Златна диплома

Емрах беше ученик од четврто одделение и големата училишна торба ја носеше на грбот, секој ден до училиште и назад.
Една недела, кога не одеше на училиште, Емрах слушна некоја кавга,тивки гласови. Се вртеше, го издолжуваше вратот, ги чулеше ушите, за да слушне од каде допираат тие необични гласови, ама залудно. А тогаш слушна шепотење, кое доаѓаше од неговата торба. Повторно застана, го смири дишењето и наслушнуваше.
– Ете, колку си добар и занимлив, па Емрах со денови не те отвора – му рече учебникот по Историја на прирачникот по Математика.

– Вие немате право ништо да зборувате. Јас сум му најдраг учебник на Емрах. Мене секој ден ме прелистува и чита. Ги чита моите убави приказни и песни и ги гледа преубавите илустрации – зборуваше гласно Читанката, горда на својата положба.
– Лесно ти е тебе, Читанке. Ти си полна со песни и приказни, а кај да одам јас јаден – тажно прозборе Речникот по англиски јазик.
– Немој да плачеш, Речнику. Сѐ повеќе си популарен и секој ден сѐ повеќе ученици сакаат да зборуваат англиски. На крајот на краиштата, тебе двапати седмично те отвораат и те читаат, додека мене и мојата работна тетратка и не нѐ гледаат – се жалеше Математиката. А потоа, воздивна: – Јас знам дека сум здодевна и мене ми се тешки и сувопарни броевите, ама јас не сум виновна.
Ах, колку би сакала Емрах да ми биде вистински другар и со мене секојдневно да се дружи. Би била најсреќна во училиштето.

Емрах, целиот зачуден, го слушаше разговорот. Му беше жал за несреќниот учебник по Математика. Ја зеде торбата и прво ја побара книгата со броевите. Седна на столот и цело попладне се дружеше со неа. Така беше и идните денови.
Учителот брзо забележа дека Емрах има нов другар и му даде петка по Математика, а на крајот од учебната година го прати на натпревар на младите математичари, од каде што Емрах донесе златна диплома.
Идното лето му беше златно. Од сонцето и отсјајот на дипломата.

Бајрузин Хајро Плањац
(Од книгата раскази „Златна диплома“, издание на „Бата прес“ – Скопје, во превод на Наум Попески)


За авторот

Бајрузин Хајро Плањац е роден на 19 март 1961 година, во Тешањ, Босна и Херцеговина. По образование е доктор на економски науки, по вокација писател за деца, а по определба е самостоен претприемач. Досега објавил десетина романи за млади, триесетина сликовници и неколку книги со песни, приказни и басни.
Првата приказна ја објавил како ученик во училишниот весник „Невен“ во 1977 година, а првата книга „Девојка и бреза“ десет години подоцна.
Во животот заработувал работејќи најразлични работи: бил физички работник, монтер во рафинерија на нафта, машинбравар, музичар во рок-група, менаџер на естрада, трговски патник, офицер во арамијата на БиХ, новинар во весник, на радио и телевизија, уредник, директор, советник, глумец, но и универзитетски професор.
Основач е на издавачката куќа „Плањакс комерц“, а неодамна му се објавени избрани дела во шест тома. Неговите книги се преведени на англиски, германски, арапски и на македонски јазик.
Во Македонија, издавачката куќа „Бата прес“ од Скопје ги издаде неговите книги: „Златна диплома“ во 2018-та и „Тајните на дедовата воденица“ во 2022 година, во превод на Наум Попески, а новиот роман за млади „Дружината на Брацика“, исто така, наскоро ќе им биде достапен на читателите во нашата земја.
Добитник е на голем број признанија, а лани ја доби и наградата „Гоцева мисла“, која ја доделува фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ за придонес во културолошката мисија, развојот и негувањето на културата, уметноста, науката и етиката, како и соработката и поврзувањето меѓу народите.