ОД ТВОРЕШТВОТО НА АВТОРКАТА ЛИЛА АРСОВА
Не многу одамна, си живееле две сестрички близначки со своите родители. Нивната мала, убава куќичка била исполнета со радост и среќа. Умееле тие да се радуваат и на многу мали работи. Родителите биле среќни со своите деца. Во нивниот дом имало среќа и радост. Во малиот двор тие имале и бавча со многу зеленчук и разновидни цвеќиња. Таткото го поминувал денот работејќи во нивите, а мајката се грижела за девојчињата и домот. Како растеле сестричките, сакале своето време да го поминуваат надвор во дворот. Се грижеле тие за зеленчукот и цвеќињата, но често ѝ помагале и на својата мајка во домот. Навечер кога ќе се собереле во домот, седеле тие во дворот и долго време си разговарале. Се трудела мајката убаво да ги воспита своите ќерки и да ги научи на многу работи што ќе им требаат во животот. Но сестрите постојано, кога останувале сами, за нешто се препирале и ниту една од нив не сакала да попушти. Колку и да им зборувале родителите дека не треба да се инаетат и треба да попуштат, толку повеќе се зголемувало нетрпението помеѓу нив. Кога и да се скарале, секоја од нив мислела дека родителите повеќе ја сакаат другата. Знаеле тие и по цел ден понекогаш да се расправаат без некоја посебна причина. Како тие растеле, растело и нетрпението помеѓу нив. Родителите го гледале и го слушале тоа со тешко срце. Им зборувале и ги убедувале дека ги сакаат еднакво и двете, но, за жал, сестрите близначки не го прифаќале тоа. Радоста полека исчезнувала од нивниот дом.
Сестрите биле повеќе намуртени и нерасположени отколку насмеани. Се загрижиле многу родителите и решиле да побараат совет од мудриот старец во селото. Заминале тие една вечер кај него и сè му раскажале. Тој само кимал со главата додека тие зборувале. Потоа им рекол: – Појдете сега дома и доведете ги овде сестрите близначки, со нив треба да поразговарам за да можам да ви помогнам. Се вратиле родителите назад во домот, им раскажале на сестрите близначки каде и зошто биле и дека тие треба да отидат кај стариот мудрец. Кога го слушнале тоа, сестрите веднаш почнале меѓусебно да се обвинуваат. – Ти си виновна што мора да одиме сега кај стариот мудрец! – викала едната. – Не јас, ти си виновна – одговарала другата. И кавгата започнала повторно. Едвај успеале родителите некако да ги смират сестрите и да ги одведат кај стариот мудрец. Кога стасале таму, старецот им рекол на родителите да излезат надвор и да чекаат во дворот. Останале сестрите сами со мудриот старец.
Тој ги прашал зошто постојано се караат, а тие скоро во еден глас одговориле: – Неа мама и тато повеќе ја сакаат од мене! Старецот ја погалил својата долга бела брада и повторно прашал: – Кого сакате вие повеќе мама или тато?. – И двајцата ги сакаме еднакво! – пак во еден глас одговориле сестрите.
– Сега знам кој е вашиот проблем! – рекол мудро старецот. – Вие имате проблем со долгиот јазик! – Долг јазик! – уплашено викнале сестрите. – Ние не сакаме да имаме долги јазици, ве молиме помогнете ни! Старецот станал од столот и отишол во другата одаја. Се вратил назад носејќи во рацете две мали шишенца. – Во овие шишенца има вода со волшебна моќ! – рекол старецот. Секогаш кога мислите дека ќе се скарате, напијте се од волшебната вода една голтка. Само на тој начин ќе можете да се спасите од долгиот јазик. Му се заблагодариле сестрите на мудриот старец и со родителите се вратиле назад во домот. Никој од нив не проговорил ништо за посетата кај стариот мудрец. Од тој ден кога и да сакале да се скараат за нешто едната или другата сестра, го земале шишенцето и пиеле по една голтка од водата. Додека да ја испијат голтката со вода лутината им поминувала. Така поминувале деновите, секоја од сестрите внимавала да се напие од водата секогаш кога е лута, оти ниту една од нив не сакала да има долг јазик и тие веќе престанале да се караат. Почнале почесто да се смеат и повеќе да се дружат и да разговараат. Родителите го забележувале тоа, но молчеле за да видат што ќе се случи понатаму. Еден ден веќе во шишенцата снемало од волшебната вода и сестрите заедно отишле пак кај мудриот старец. Го поздравиле и посакале да им каже дали јазикот сè уште им е голем и да им даде повторно од волшебната вода. Старецот откако поразговарал кратко со сестрите, отишол во одајата и пак им дал мали шишенца со волшебна вода. Ги советувал кога ќе ја потрошат повторно да дојдат кај него. Поминале неколку месеци, а сестрите повеќе не се скарале, не си забележувале за ништо. Тие сè почесто си помагале, разговарале и биле среќни. Среќата се вратила и во очите на нивните родители. Кога ја испиле и последната капка вода, сестрите и родителите заедно отишле повторно кај стариот мудрец. Се поздравиле и сите заедно седнале покрај старецот, чекајќи што и каков совет ќе им каже. Откако ги погледнал убаво нивните задоволни и среќни лица, старецот проговорил: – Гледам дека долгиот јазик исчезнал и дека љубовта, трпението и разбирањето се вгнездиле во вашите срца и разум. Волшебната вода беше обична вода од селскиот извор. Но ја имаше волшебната моќ да ги задржи непријатните зборови во вашата уста и да ја спречи вашата неумесна кавга. Како што мене моите предци и поколенија ми ја пренеле оваа мудрост, пренесете им ја и вие на идните поколенија. Секогаш кога сте лути, напијте се голтка вода, избројте до десет или премолчете. Никогаш брзоплето не одговарајте и не расправајте се. Мудроста е во одмереноста! – мудро ги советувал старецот родителите и сестрите близначки. Така, сестрите близначки пораснале во убави паметни девојки. Никогаш повеќе не се карале и не се расправале.