Во тек е вториот циклус од едукативните работилници во рамките на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Пет училишта од општината му се приклучија годинава на новото театарско-едукативно патување, кое ќе трае во наредните шест месеци. Резултатите од сработеното ќе ги видиме на претстојното 58. издание на фестивалот, кое ќе се одржи од 7 до 14 јуни следната година.
На вториот циклус едукативни работилници, кои ги предводи режисерот и едукатор Милош Б. Андоновски од „Театар за сите“ од Скопје, ќе учествуваат ученици од општинските основни училишта „Добре Јованоски“ и „Блаже Конески“, како и од средните општински училишта „Ристе Ристески-Ричко“, „Мирче Ацев“ и „Ѓорче Петров“. Во просториите на прилепскиот театар тие ја одржаа првата средба, под менторство на актерите Илија Волчески и Игор Трпчески. Учениците заедно со нивните наставници ментори разговараа и презентираа за театарските процеси.
Во текот на наредните седум месеци ќе се изучуваат театарските процеси (режија, актерство, драмско пишување и драматургија, костимографија, сценографија) практично, преку вежби и гостувања на театарџии. Целата содржина ќе биде работена врз еден од текстовите на Горан Стефановски, како автор во фокус на 58. издание на фестивалот.
– Едукативните работилници на МТФ „Војдан Чернодрински“ се дел од придружната програма на фестивалот, што ја започна фестивалот од последното 57. издание. Мотивирани од големиот успех и интерес што ги предизвика кај учениците и наставниците, и годинава сакаме да ја надградуваме оваа активност. Свесни сме колку е важно учениците да бидат вклучени директно во создавање театарско дело, да дишат во ритамот на театарот, да истражуваат, а и особено да имаат можност да го работат тоа со театарски професионалци. Едукативните работилници се мотивирачки и за наставниците, кои изразија волја да ја продолжат работата и ја вклучат во нивната настава – велат од фестивалот.