Во новата облека се спастрував точно на денот кога ни се доделуваа ученичките книшки, десетина дена по завршувањето на школската година. Во училницата учителот на сет глас го објавуваше успехот на секој ученик
Од творештвото за деца на писателот Трајче Кацаров
Само што ќе почнеше летото, некаде пред десетти јуни, пред училишното ѕвонче да го објави најголемиот одмор меѓу часовите, мама и тато ќе ме фатеа за рака и право во „Нама“ и „Емона“, продавниците за облека.
Вообичаено беше да се купи нова облека за крајот на школската година.
Морам да кажам дека преку целата зима многу ѝ завидував на мама кога ќе ја видев како се подготвува за на работа. Во чантата во која ја носеше машинката за врзување на памучните конци ставаше и работен фустан со кратки ракави.
Многу сакав среде зима да сум облечен како за лето. На снегот да си кипрам како зумбул.
Ја прашував мама зошто го става фустанот со кратки ракави во чантата за работа, а таа, откако тешко ќе воздивнеше, ќе ми речеше: „Оти во фабричката хала каде што работиме е многу топло. Јас постојано сум во движење. Дваесет и едно вретено не се стигаат толку лесно. Ниту еден конец не треба да биде скинат“.
Во новата облека се спастрував точно на денот кога ни се доделуваа ученичките книшки, десетина дена по завршувањето на школската година. Во училницата учителот на сет глас го објавуваше успехот на секој ученик.
Но, како што покажува практиката, две лубеници не се носат под една мишка. Едната сто отсто паѓа и се крши.
По церемонијата за доделување на ученичките книшки, како по правило, во училишниот двор или покрај реката, ние децата од одделението игравме фудбал. Игравме со часови. Игравме додека не почувствувавме дека по топката трчаме како муви без глави.
По фудбалот, дома се враќав со петки во ученичката книшка, ама и со извалкани алишта и искинати чевли.
Поради тоа со сериозен тон на петтоодделенец ѝ објаснував на мама, која, откако ќе ме видеше целиот во партали, ја фаќаа главоболки.
„Мамо, треба да си среќна зашто денес и практично разбрав дека две радости се многу за еден човек, особено за дете од петто одделение. Ако имаш одличен успех, сигурно ќе имаш извалкани панталони и искинати чевли! До одличниот успех не се стига толку лесно“.
(Од книгата „Скаските на Мето од петто“)
Тешка задача
И морето може
низ очила да ѕирка,
чадор за сонце да носи,
на брегот школки да собира
и кули од песок да ѕида.
Но може и да се мурти
и збунето да се смешка
штом Ранко ќе му зададе
задача тешка:
Колку рибите треба да
плачат
за да биде солено?
А на китовите
колку вода да испијат
им е дозволено
за да остане
и длабоко и големо?
Морски свет
Си мисли Ранко:
Ако морето има ѕвезди,
мора да има
и морски сонца
и морски месечини
и морски планети.
Дури и морски црни дупки.
А морските астронаути
немаат друго, освен
по морската вселена,
да патуваат
со морски ракети.
За авторот
Трајче Кацаров (62) е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Во последните десетина години објавува и книги за деца и млади, кои се одлично прифатени од младите читатели. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Cв. Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Делата му се преведени на неколку јазици, a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе признанија од областа на литературата, меѓу кои лани ја доби наградата „Ванчо Николески“ од ДПМ за романот за деца „Не паркирај гаража“. За поемата „АКO“ е добитник на наградата „Григор Прличев“, во 2004, а исто така и минатата година неговата поема „Цветко“ беше прогласена за најдобра на „Прличеви беседи 2022“. Кацаров е прогласен за личност на годината во Општина Штип. Истата таа година го добива признанието „Деец во културата“, а во 2009 г., Општина Штип му ја додели наградата „8 Ноември“.