Во неколку продолженија ќе објавиме стихови од писателот Саво Костадиновски, кој ги напишал за својата татковина Македонија. Тој ги опеал планините, реките, езерата, градовите нејзини, па преку овие стихови ќе можете и сами да проверите колку знаете за земјата во која сте родени
Козјак
Козјак е планина,
позната по козите,
но, вие, внимавајте
најпрво на нозете!
Козјак и по змиите –
со исклучок зиме –
може да го смени
и своето име!
На Козјак внимателно,
следете ги козите,
но следете го будно –
и чекорот на нозете!
Плетвар
Се исправил гордо,
како некој жетвар,
среде денот сушен –
варовниот Плетвар.
Ќе помислиш: „беден“,
нема кај да спие,
а тој толку богат –
само мермер крие!
И блиску до врвот,
покрај чешма една,
на сите им нуди –
вода бистра, ледна!
Даутица
Пишти ветер горе,
на врв од Даутица,
небаре е змија,
отровница, лутица.
Даутица била жена
на некој бег Даут,
ракија што пиел,
и кафе со наут!
Од премногу јадови,
од што се изморила –
Даутица во планина,
велат, се престорила!
Голешица
Само штом ја погледнеш,
ќе те фати „болешница“,
од што премногу е гола –
прегола Голешница.
Кај погледнеш, голотија:
гола земја и гол камен,
голи ридје и падини –
сегде изгор, оган,
пламен.
Од што е гола Голешница,
просто душа да те боли,
просто само прости мисли,
просто празни зборој голи!
Бушова Планина
Некој има лебец,
некој парче сланина,
само Бушо имал –
цела своја планина!
На Бушова Планина,
по дожд и по суша,
сочна трева паселе
кравите на Буша!
Лебецот се изел,
се изела сланина,
останала само
Бушовата Планина!
За авторот
Саво Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, публицист, писател за деца и возрасни, препејувач.
Роден е во 1950 г., во с. Горно Ботуше, Македонски Брод. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, живее на повеќе места на просторот на бивша Југославија. Од 1971 година живее и работи во Келн, Германија. Завршил средно техничко училиште во Белград и трет степен за технички инженер во Келн.
Добитник е на наградата „Иселеничка грамота“ од Матица на иселениците на Македонија, како и на награда од Сојузот на германските писатели.
Негови творби се објавувани во списанија за деца и возрасни во Македонија, а преведуван е на српски, хрватски, германски и на романски јазик. Застапен е во антологии.
Меѓу другите, автор е на делата: „Лето во родниот крај“, „Кафез без птици“, „Децата на светот“, „Македонски знаменитости“, „Со татковината“, „Трите века“, биографски хронолошки роман за возрасни, книгата „На Македонија со љубов“ и многу други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, а на Сојузот на писателите на Германија од 1993 година.