Во неколку продолженија ќе објавиме стихови од писателот Саво Костадиновски, кој ги напишал за својата татковина Македонија. Тој ги опеал планините, реките, езерата, градовите нејзини, па преку овие стихови ќе можете и сами да проверите колку знаете за земјата во која сте родени

Црна Река

Еве река чудесна,
поле што ни згрна,
ниви што ни полева,
со водата „црна“!

Еве ја Црна Река,
што среде Пелагонија,
се извива, шета
низ Македонија!

Извор ѝ е Железнец,
а влив Вардар – Стоби,
со Тиквешко Езеро –
Црна слава доби!

Брегалница

Од Малеш –
бегалница,
бега, бега
Брегалница!

Кај Калиманци,
иако дива,
во езерото
мирно плива.

Кога ќе излезе,
не губи здив,
полева ориз
до Вардар, до слив!

Крива Река

Крива лево, крива десно,
па што дека?
Криво право, важно тече
Крива Река!

Според неа и Паланка
целата е крива?
Па што дека и Паланка
како град ја „бива“!

Крива Река – вечно крива,
во едно е права:
има вода бисер чиста,
има вода здрава!

Злетовица

Малечка е Злетовица,
но, затоа летово,
успешно ги полеа
Пробиштип и Злетово!

Се гордеат злетовци:
„И кога е матна,
Злетовица наша
носи песок златна!“

Злате Златев предлага,
преку својот тато:
Злетовица да се вика,
зашто носи злато!


За авторот

Саво Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, публицист, писател за деца и возрасни, препејувач.
Роден е во 1950 г., во с. Горно Ботуше, Македонски Брод. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, живее на повеќе места на просторот на бивша Југославија. Од 1971 година живее и работи во Келн, Германија. Завршил средно техничко училиште во Белград и трет степен за технички инженер во Келн.
Добитник е на наградата „Иселеничка грамота“ од Матица на иселениците на Македонија, како и на награда од Сојузот на германските писатели.
Негови творби се објавувани во списанија за деца и возрасни во Македонија, а преведуван е на српски, хрватски, германски и на романски јазик. Застапен е во антологии.
Меѓу другите, автор е на делата: „Лето во родниот крај“, „Кафез без птици“, „Децата на светот“, „Македонски знаменитости“, „Со татковината“, „Трите века“, биографски хронолошки роман за возрасни, книгата „На Македонија со љубов“ и многу други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, а на Сојузот на писателите на Германија од 1993 година.