Во ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп

Втори април – Светскиот ден на литературата за деца беше одбележан од основното училиште „Климент Охридски“ од Прилеп со низа активности. Во новоуредените простории на училишната библиотека, библиотекарката Маја Камшикоска заедно со колешките од одделенската настава и со наставничките по македонски јазик организираше размена на книги меѓу учениците од погорните одделенија.
Со третоодделенците средба одржа поетот Филип Димкоски, кои му поставија десетици прашања за неговата прва книга, за неговите песни и за создавањето на книгите. Авторот некаде даде интересни одговори, а некаде одговори со стихови од неговите книги за деца „Најхранливи зборови од детска душа дарови“ и „Заедно да растеме“. На крајот од средбата заеднички ја изрецитираа песната „Треба да пораснат“ од Филип Димкоски, а учениците на авторот му подарија хартиени изработки по повод Светскиот ден на литературата за деца.
Осмоодделенките, пак, кои се членки на литературната секција, пред поетот гостин и пред наставничките ги изрецитираа своите најнови лични творби, кои наидоа на воодушевување и аплаузи.
– Дружејќи се со многу деца од државава и од регионов имав впечаток дека учениците од погорните одделенија го губат или го занемаруваат интересот кон пишувањето. Но осмоодделенките од ова училиште ми го докажаа спротивното. Напишале прекрасни творби и затоа им порачувам без оглед на околностите што ги очекуваат во натамошното образование и во животот да продолжат да го негуваат својот талент – рече Димкоски.

Редакција „Колибри“


Книга

Од најмала возраст,
со неа се служиме,
да читаме, пишуваме,
во училиште се дружиме.
Со тврди корици
и листови бели,
букви нанижани
на страници цели.
Македонски, математика
не знаат за граници,
знаење црпиме
од сите страници

Во библиотека
подредени
на полици цели,
како ѓердан нанижан
од бисери бели.

За едукациjа
и релаксација,
читаме без мака,
со книга до знаење
се стекнува секој што сака.

Ева Костадиноска,
8-2 одделение,
ООУ „Климент Охридски“
– Прилеп