ГОДИНАШНИОТ САЕМ НА КНИГАТА ИМ Е ПОСВЕТЕН НА МЛАДИТЕ ЧИТАТЕЛИ
„Приказна се чита“ е насловено годинашното издание на Саемот на книгата, кое почна на 18 април, а ќе трае до 24 април во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Освен 60 издавачи и автори од Македонија, на Саемот учествуваат повеќе издавачи од регионот, како Србија, Турција, Албанија, Косово и други. Во текот на изминатите саемски денови имаше промоции и голем број средби со автори, домашни и од странство, а беше претставена и богата програма за деца и млади и детски работилници. Токму на најмладата читателска публика на годинашното издание е фокусирано најголемото внимание.
– Слоганот „Приказна се чита“ прави поврзаност помеѓу опцијата за објавување „стори“ (англ. story = приказна) на социјалните мрежи со приказните што ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги. На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време – велат организаторите.
Според нив, внимателно избраната комуникација со носечката порака „Приказна се чита“ има цел да го привлече вниманието на помладата популација и да го урне митот дека социјалните мрежи се користат исклучително за негативни работи.
Според очекувањата, и годинава голем број деца и млади го посетија Саемот на книгата преку организираните, групни училишни посети, кои традиционално претставуваат дел од овој настан. Бевме сведоци како саемската сала се полнеше изминатите денови со љубопитни момчиња и девојчиња, кои радосно ги избираа своите први самостојно купени книги, а знаеме дека тие страници најдолго се паметат.
Имаше и многу интересни промоции на книги за најмладите, со голем број посетители.
Фокусот годинава е и на младите македонски автори, со цел да им се даде поддршка и ветер во грбот за промоција на нивните дела.
Министерството за култура е покровител на најголемата книжевна манифестација во земјата.
„Колибри“ континуирано ја поддржува литературата за деца
Незаменлив дел од секое детство е книгата, а децата со неа се запознаваат најпрво преку приказните. Ги слушаат од родителите, бабите и дедовците, а потоа со првите научени букви и самите ги читаат, соживувајќи се со јунаците во нив.
И лека-полека, растејќи, навлегуваат во магичниот свет на книгата, на фантазијата, каде што учат за доброто и за лошото, за љубовта, за истрајноста, за животот…
Секоја приказна, освен по разните доживувања и интересни патувања и средби, децата ја паметат и по лектирите, секоја со своја порака претставува уште едно ново и необично искуство за нив.
И така, старите приказни се пренесуваат од поколение на поколение, а во меѓувреме се пишуваат и нови, од професионални писатели, чиј светоглед е литературата за деца.
А кога ќе се прочитаат многу убави книги, најталентираните и најхрабри момчиња и девојчиња се осмелуваат и самите да почнат да пишуваат, да создаваат свои оригинални дела.
И токму за авторите што пишуваат за најмладите читатели, но и за децата што пишувајќи ги своите први стихови и раскази сакаат да станат нивни наследници, страниците на „Колибри“ се отворени широко.
Некои велат литературата за деца била во криза, но ако е така, со што тогаш ние ги полниме нашите броеви, еве, веќе 65 лета?!
Имаме чест уште од самите почетоци први да објавуваме песни и раскази на познати писатели, но и да пишуваме за првите книги напишани од детско перо. И затоа ве охрабруваме и во иднина да бидете наши верни пријатели, а ние ќе го промовираме вашиот труд, ќе му помогнеме да заживее и полесно да стигне и до децата, но и до возрасните, кои не заборавиле дека и тие некогаш биле деца.