Илустрација: „Нова Македонија“

Она што беше лесно воочливо во текот на кампањата, тоа беа наративите поврзани со евроинтеграциите на земјата, со Уставот, со потребата да се задржат младите во земјава, се говореше и за ветингот, за претседателските ингеренции, за економијата, но и за владеењето на правото како главен услов за да чекори земјата напред

Куса ретроспектива на претседателската кампања: Анамнеза за проблемите на Македонија

Во текот на тринеделната кампања за претседателските избори граѓаните се изнаслушаа секакви ставови и мислења за повеќе теми што се отворија за време на кампањата, но во напливот на редица проекти што се ветуваа на многубројните средби низ државата, постојано провејуваа неколку теми што беа заеднички и што најчесто беа спомнувани.
Сето тоа кај граѓаните остави перцепција дека идниот курс на државата ќе биде насочен кон неколку клучни сегменти, кои очигледно веќе се добро лоцирани и кои бараат решителен одговор доколку интенцијата е ситуацијата да почне да се подобрува.
Сличната дијагноза на проблемите, вклучувајќи ги и различните ставови за разрешување на истите тие, само говори дека проблемите се сериозно опсервирани и дека граѓаните очекуваат решение за сите отворени прашања што директно ги засегаат нив, но и државата воопшто.

Кои се најфреквентно споменуваните проблеми во текот на кампањата

Она што беше лесно воочливо во текот на кампањата, тоа беа наративите поврзани со евроинтеграциите на земјата, со Уставот, со потребата да се задржат младите во земјава, за економијата, се говореше и за ветингот, за претседателските ингеренции, но и за владеењето на правото како главен услов земјата да чекори напред.
1. Евроинтеграциите секако остануваат главна тема бидејќи перспективата на државата секогаш се става во контекст на нејзиното членство во ЕУ, особено во светлината на раздвижувањето и во самата Унија и модалитетите за кои сѐ погласно се зборува во Брисел, а кои се однесуваат на забрзан пристап на земјите од Западен Балкан во Унијата преку еден вид фазна интеграција.
За да се најде во таква фаза, беше истакнувано дека „најпрво земјава треба да ги спроведе уставните измени како главен услов да почне отворањето на преговарачките поглавја“, поради што добар дел од кампањата беше фокусиран на темата околу Уставот. Во тие рамки беше истакнато дека мора да се бараат решенија околу уставните измени што стојат директно како услов за продолжување на евроинтеграциите, но од друга страна, граѓаните сакаа да слушнат и како македонскиот устав да се направи целосно функционален, што ќе ги отсликува главните атрибути на Република Македонија како унитарна држава на македонскиот народ и на сите други делови од народи што живеат во неа.
2. Владеењето на правото е директно поврзано со евроинтегративниот процес, па во тој контекст неодминлива тема беше и ветингот како алатка да се прочисти правосудниот систем, но и воопшто да се создаде политички амбиент во земјава што ќе подразбира на функции да доаѓаат политичари необременети со коруптивни и криминални дејанија. Од тематските аспекти врз кои се фокусираше претседателската кампања не можат да се изземат ниту борбата со криминалот и корупцијата, како клучни барања што на земјава ѝ ги наметнува меѓународниот фактор.
3. Голем дел од кампањите беше насочен кон младите, поточно кон потребата тие да се задржат во земјава бидејќи станува алармантен процентот на иселени млади луѓе од земјава само последната година, а трендот од месец на месец дополнително расте.
Од друга страна, за да се задржат младите во земјава, потребен е амбиент во кој тие ќе сфатат дека и тука можат да изградат иднина, да имаат добри примања, функционални институции, стабилен систем, едноставно да чувствуваат дека и Македонија станува привлечно место за живеење.
4. Токму затоа меѓу темите со кои се занимаваше претседателската кампања беше и економијата, од чиј развој целосно зависи дали земјава ќе ги задржи граѓаните тука или, пак, и тие малку работоспособни граѓани што останаа, едноставно ќе си заминат.
5. Меѓу другите проблеми што се споменуваа во кампањата се и нефункционалната администрација, непрактикувањето на мерит-системот, нефункционалноста на балансерот и слично.
6. Не беше одминат ниту проблемот што во серија текстови претходно го истакна и „Нова Македонија“, дали претседателот да се избира на непосредни избори или шефот на државата да добива мандат од Собранието. Се говореше и за неговите ингеренции, поточно за потребата тие да се зголемат за да може тој да биде уште еден коректор на извршната власт.

Кој е заедничкиотименител за нивно решавање, а кои се разликите

Главна тема во кампањата беше Уставот во светлината на условот од страна на ЕУ, промена на највисокиот правен акт и впишување на Бугарите за да може Македонија да почне да ги отвора преговарачките поглавја. Генерален заеднички заклучок што беше присутен за време на целата кампања, барем во најголем дел, е дека Уставот ваков каков што е мора да претрпи некакви измени, а разликите се само во пристапот како да се направи тоа и во обемот на зафатот. Ставовите и решенијата што им се презентираа на граѓаните во најмала рака одеа од една во друга крајност, од нов граѓански устав, односно темелни уставни измени, до парцијални интервенции за во него да се внесат уште шест делови од народи. Покрај тоа, отворањето на Уставот за некого подразбира и дополнителни интервенции во највисокиот правен акт, како суспензивното вето на претседателот да стане апсолутно, да се зајакнат ингеренциите на шефот на државата и да се промени формулација од „20 отсто“ за албанскиот јазик. Беше присутна и тезата дека не е потребна промена на целиот устав, туку само на она што е приоритет за патот кон ЕУ. Од друга страна, се говореше и за темелни уставни реформи на актуелниот устав бидејќи тој станува неразбирлив и за експертите, а она што се предлага како опција во пакетот на уставни измени, тоа е шефот на државата да се избира во Собранието и да се избрише формулацијата „20 отсто“ кога станува збор за употребата на албанскиот јазик. Во рамките на кампањата се говореше и за носење целосно нов граѓански устав, но и за уставни промени што ќе подразбираат зголемени ингеренции на шефот на државата. Не беше отфрлена ниту опцијата воопшто да не се чепка Уставот за да не дојде до нарушување на унитарниот карактер на државата.
Ништо помалку важна тема што беше присутна во последниот период беа и евроинтеграциите, за кои заеднички именител е дека е потребно да продолжат, но различни се погледите како да се реализира тоа во пракса и што е најважно, колкава цена ќе треба да се плати за тоа. Решенијата се бараат преку впишување на Бугарите во Уставот за да почне отворањето на поглавјата, а се заговара и ново репреговарање и дооформување на преговарачката рамка за да се ослободи државата од чувството на наметнати решенија. Граѓаните можеше да слушнат и предлози за евроинтегративниот пат што подразбираат раскинување на Преспанскиот и Договорот со Бугарија, поставување наши услови кон ЕУ, но истовремено и барање гаранции од страна на Брисел дека Бугарија нема да го блокира македонскиот пат кон ЕУ со нови условувања.

Исклучиво важна тема за која се говореше и за која продолжува да се говори и натаму е како да се задржат младите во земјава. Заеднички став е дека мора итно да се направи нешто да се спречи овој егзодус на млада сила, но повторно пристапите како да се направи тоа во најголем дел се различни. Национални политики за намалување на трендот на миграција, воведување позиција советник за млади, истражувачки центар за млади, државен план за задржување на младите се само дел од решенијата што се предлагаат. Фокусот се ставаше на проекти со кои државата ќе го задржи контактот со младите што заминале, како и создавање услови за нивно повторно враќање во земјата. Како особено важна се посочува потребата од зајакнување на улогата на младите, односно нивно признавање како клучни партнери во обликувањето на иднината. Решенијата како да се задржат младите се гледаат и во инвентивните младински политики што ќе се фокусираат на создавање перспектива преку зајакнати образовни можности, но и активни мерки за претприемаштво, стартапи и вклучување во современите бизнис-текови, со цел задржување на фокусот на младите кон активностите и потенцијалите што ги нуди земјата. Не се отфрла можноста и да се мапираат младите умови од земјава што се веќе надвор и кои се докажале во својата дејност, така што ќе им биде дадена можност да ѝ помогнат на Македонија и на полето на јавната и на културната или на академската дипломатија, но и да бидат ангажирани во разни конкретни проекти во земјата. Како дел од решенијата за задржување на младите се предлагаат и формирање училишта за иновации, овозможување услови да се стимулираат оние што покажуваат резултати и слично.
Кампањата ја обележија и многуте пораки упатени во насока на борба со корупцијата и криминалот, но она што е забележливо се разликите во пристапот како да се реши ова горливо прашање. Граѓаните изминатите три недели од некого слушаа дека е потребен институционален системски одговор на корупцијата и криминалот други, пак, решението го гледаа во еден сеопфатен ветинг со кој ќе бидат опфатени политичарите и судиите, пред граѓаните се говореше и за потребата политиката да се тргне од судството, но и да се работи на спречување на политичката корупција. Како едно од решенијата што се предлага е и создавање амбиент во кој ќе постои вистинска политичка волја за борба со корупцијата и криминалот, нешто за што одамна предупредуваа странските амбасадори во земјава, чиј генерален заклучок беше дека за борба со корупцијата се говори пред секои избори, за потоа ништо да не се прави на овој план.
Особено важна за граѓаните беше визијата што политичарите ја имаат за развој на македонската економија, како движечка сила на државата и главен предуслов да се исполнат сите претходни проекти што се најавуваат.
Сепак, повторно се евидентни разликите во плановите како да се реализираат вистински економски раст и развој. Решенијата што им се нудат на граѓаните се движат од тоа земјава да обезбеди пристап до европските фондови за да може да се стимулира и економскиот раст, преку избор на стручни и компетентни луѓе на позиции што ќе можат да иницираат процеси што ќе значат економски бум, отворање кон пазарите пошироко, рекомпонирање на индустријата во согласност со новите потреби, преку потпирање врз домашните ресурси и капацитети.