На денот кога ни пристигна пролетта, 21 март, познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев го прослави својот 82. роденден. Му упатуваме грст честитки и искрени желби за уште многу книги за младите читатели со негов потпис. Во овој број на „Колибри“ објавуваме неколку песни од Киро Донев посветени на децата и на пролетта.
Ај на здравје
Ај на здравје нека биде
цветна пролет веќе иде!
Поточето в жубор бликна,
кокичето – прво никна…
Патем. Како што е редот,
се разбуди и дедо Медо…
Се проѕевна и си рече:
– Ај на здравје, Сончко пече!
Од под земјата кртот ѕирна,
радосно со носот свирна:
– Леле, леле, што е ова?
Ни доаѓа пролет нова!
– Ај, на здравје, ај на здравје!
И децата прават славје…
Сокче пијат и се смеат,
а птиците – гласно пеат!
Пчелка и лале
Пчелката:
– Ај кажи ми лаленце,
зошто рано цветаш?
Лалето:
– За да можеш, пчеличке,
врз мене да слеташ!
Пчелката:
– Штом е така, миличко,
тогаш сѐ е в ред…
Од тебе ќе почнам прво
да си збирам мед!
Пролетно будење
И низ поле и низ брег –
никна личен кукурек!
Крена глава, изви стас
и запеа на сет глас:
– Еве, иде пролет мила
ќе облече сѐ во свила!
Од под лисја нешто шушна,
Ешко веста прв ја слушна.
– Чувајте се змии – рече –
штом Сончко ќе опече!
И зајакот уши дигна:
– Верверичке, пролет стигна!
А, Бувот, пак, в уплав списка:
– Што ли демне Кума Лиска?
– Ништо, ништо – Лиска рече –
гледам Сончко како пече
и потокот како тече.
Не е веќе зима ладна,
не плаши се, не сум гладна!
Кукурекот пак се јави:
– Шумски свету, ајде слави!
Веќе нема да ни студи:
пролет иде – сѐ се буди!
(Од книгата „Било и се скрило“)
За авторот
Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Тој беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес како пензионер живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“, издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“.