ОД КНИГАТА „ДЕЦАТА ОД МОЕТО УЧИЛИШТЕ“ НА ЈАДРАНКА КЛИСАРОВА
На први септември училишниот двор е преполн со весели ученици. Нивните гласови одѕвонуваат надалеку. Се огласи и училишното ѕвонче:
– Ѕррр, ѕрр, ѕрр…
Училишната голема врата се отвори широко, а учениците ги свртеа погледите кон неа. Некои беа трпеливи, љубопитни и радосни. Тоа беа најмалите ученици. Своите погледи не ги симнуваа од училишната зграда, прашувајќи се што ли има внатре? Постарите ученици за миг направија голем неред, сите посакаа веднаш да влезат во своите училници. Секој секого поттурнуваше, секој сакаше да биде прв, се слушаше силен џагор. Малите ученици нетрпеливо го чекаа својот ред, но никој од повозрасните не сакаше да им отстапи место.
На влезната врата се појави една наставничка. Таа високо ја подигна својата десна рака. Во истиот миг завладеа тишина, сите очи на учениците беа вперени во неа.
– Ученици, зарем заборавивте како се влегува во училиштето?
Се слушна: „Не, не, нее…“ – сите во еден глас тивко се извинија.
Учениците без збор почнаа да се подредуваат и со поглед ја бараа раката на своето другарче до себе.
– Во училницата се влегува во колона по двајца или во колона по еден – се разлеа милозвучниот глас на наставничката.
– Училиштето е доста големо и има место за сите вас, не грижете се, вашата клупа и вашето столче нетрпеливо ве очекуваат – се слушна и гласот на повозрасниот наставник.
– Ве молам, ученици, денес е први септември. Некои ученици се првпат на училиште. Да им отстапиме место на најмалите, тоа се нашите првачиња – покажа наставничката со раката кон најмалите ученици. – Погледнете ги само колку се возбудени, треперат како пеперутки.
– Среќен почеток! – се разлеа веселиот поздрав од постарите ученици.
Децата почнаа тивко да формираат колони и да се движат како река кон влезот. Учениците радосно ги бараа своите училници, а озарените лица на најмалите нетрпеливо ја очекуваа својата прва наставничка.
Тие тука сакаа да го свијат гнездото, како ластовичките кога се враќаат од југ.