Утре во „Култ-паркот“ пред КИЦ-Скопје
Kултната книга за деца „Бушава азбука“ од Горан Стефановски и Душан Петричиќ конечно го доживеа своето реиздание, во рамките на едицијата за деца и млади на издавачката куќа „Чудна шума“.
Поминаа повеќе од 35 години откако беше создадена легендарната ТВ-серија за деца, а по неа и сликовницата „Бушава азбука“ на Горан Стефановски, со илустрации на Душан Петричиќ. Со „бушавите букви“ растеа генерации и генерации, учејќи ги македонскиот јазик и скапоцените подзаборавени архаични зборчиња, кои се одраз на неповторливата македонска книжевност, култура и традиција.
Промотор ќе биде книжевната критичарка и теоретичарка Александра Јуруковска, модераторка на настанот ќе биде Билјана Црвенковска, а делови од книгата ќе чита актерката Тина Трпкоска.
Промоцијата на култната книга за деца „Бушава азбука“ од Горан Стефановски и Душан Петричиќ на издавачката куќа Чудна Шума ќе се случи утре, 8 јуни, со почеток во 19.19 часот, во „Култ-паркот“ (пред КИЦ-Скопје).