„Колибри“ и Џина Папас-Џокси на гости во 2-г одделение во ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје

Џокси на децата им одржа час по музичко, зачинет со многу шеги и смеење. Освен што отсвири неколку песни на својата гитара, тој на вторачињата им откри и кога почнал да свири и да пишува песни, но и дали навистина се вљубил на Велигден

По успешната изведба на песната „Шарени чадори“ заедно со познатиот македонски кантавтор Џина Папас-Џокси на манифестацијата „Да играме заедно пак“, кога беше одбележан и 65-от роден на „Колибри“, учениците од 2-г одделение од ООУ „Ј.А.Коменски“ од Скопје посакаа повторно да се сретнат со својот нов пријател.
Токму затоа неодамна ги посетивме во нивното училиште, каде што Џокси им одржа час по музичко на децата. Освен што отсвири неколку песни на својата гитара, тој на дечињата им откри и кога почнал да свири и да пишува песни.

Некои љубопитни момчиња и девојчиња го прашаа и дали тој како ученик читал „Колибри“, на што тој потврдно одговори.
– Кога јас одев во основно училиште, секој вторник на клупата нѐ чекаше додатокот за деца „Колибри“ – рече тој.

На дечињата им поделивме и броеви од нашите изданија, како и маркери за книги, со логото „65 години ’Колибри‘“.

Наставничката Роза Василевска заедно со своите вторачиња нѐ пречека со насмевка, широко отворајќи ни ја вратата на своето одделение, како и многупати досега низ годините, бидејќи со неа, но и воопшто со вработените од ова основно училиште имаме долга и одлична соработка.

И кога влеговме, веднаш децата ни ја запеаја „Шарени чадори“, а тактот го држеа со своите импровизирани тропалки, поточно шишенца наполнети со камчиња, песок или со ориз и гравчиња. Навистина оригинално.

Кога помина првичната возбуда, Џокси на сите им го подели текстот од „Шарени чадори“, што своевремено го напишал Владимир Нејашмиќ-Бато, и им го потпиша за спомен.

Потоа направивме сосема нов распоред во училницата, па Џокси беше опколен со дечиња, кои седеа околу него на своите столчиња.

Цртежите што ги добивме на подарок

Најпрво тој на децата им кажа некои податоци за инструментот гитара, за тоа што е акорд, како се вика секоја жица, што е штимер и слично. Додаде дека првата гитара ја добил на подарок од својот вујко кога имал шест години и оти била многу помала од денешната.
– Кога пораснав се зголеми и мојот интерес за гитарата и сѐ повеќе ги откривав тајните на свирењето, а наскоро почнав да ги пишувам своите први песни. Секако тие беа за моите и за првите љубови на моите другари. Набрзо ја оформив групата „Макакус“, кратенка од македонски акустичари, а почнаа да се редат и првите настапи – им рече тој на дечињата од 2-г, обидувајќи се да им ги објасни пластично непознатите зборови.

Тие сакаа да знаат и дали тој се занимавал со некој спорт, па добија одговор дека Џокси бил успешен атлетичар, дури и младински репрезентативец на тогашна Југославија.

Малечката Мила ни откри дека татко ѝ и рекол да го праша Џокси дали навистина се заљубил „На Велигден“, како што е насловена неговата најпозната песна што нема човек што не ја знае во нашата земја.
– Песната „На Велигден“ всушност е посветена на мојата баба Уранија, која се вљубила во дедо ми токму на Велигден пред една наша црква – рече тој.
Секако ја слушнавме и неговата изведба на овој вонвременски хит, помогната со гласчињата на децата, а со нив повторно ја отпеа и „Шарени чадори“, објаснувајќи како е создадена и дека прва пред триесетина години ја отпеала Марија Кузевска, која веќе е возрасна и има свои деца. Слушнавме рефрен и од една од првите песни што ја напишал како тинејџер…

Но времето брзо минува, па многу прашања и желби останаа за наредната средба, за која падна договор меѓу Џокси и малите ученици да се случи следната учебна година, спроти празникот Велигден.

На заминување добивме и подароци, книги со посвета и цртежи од сите деца и, секако, многу љубов и насмевки. Токму затоа сме убедени дека ова пријателство ќе трае, а песната „Шарени чадори“, посветена на нашиот град, учениците ќе ја пеат, како што ветија, на секој 13 Ноември, на роденденот на Скопје.

На заминување се фотографиравме со децата, а тие нѐ испратија, исто како што нѐ пречекаа, пеејќи ни ја песничката со која се роди едно убаво пријателство.

М.Т.