Силвана, како искусен музички педагог, вели дека секако учениците ќе го научат нотното писмо, но колку ќе ги разберат музиката и нејзината волшебна моќ зависи од умешноста на приказните што ги раскажуваме

Премиерна изведба на детската претстава „Приказна за немиот крал“ на авторката Силвана Чулева Атанасова во Кавадарци

„Креативноста е круна на уметноста што заеднички ги спојува сите што се дел од едно волшебно музичко царство“, беше коментарот на родител веднаш по премиерата на детската музичка претстава „Приказна за немиот крал“ на учениците од ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“, која се одржа на 28 декември во Кавадарци. Авторка на текстот, сценариото и на режијата е професорката Силвана Чулева Атанасова, музички соработници се Лилјана Стојковска, Александар Ташев, Звонко Коскаров и Васко Рошков, додека кореографијата на балетските точки во претставата ги подготви Билјана Грозданова Ивановска. Кралот и кралицата ги толкуваа Лазар Соколов и Ивана Јанаќиева, додека на сцената поставена во салата на музичкото училиште продефилираа четириесетина ученици и секој од нив остави свој личен впечаток со свирење на својот инструмент, со песна или со балетска игра.
– Приказната е за немиот крал Звук, кој како принц се оженил со принцезата Музика, во која единствено мелодијата отсвирена и отпеана од младите таленти, со своите инструменти и златни грла го направи кралот повторно да му се врати гласот и да запее во своето кралство. Среќна завршница, уште посреќен и горделив аплауз за секое дете учесник во претставата и нивната музичка иднина во која зачекоруваат со помош на несебичната професионалност на нивните ментори – со овие зборови завршува коментарот на родителот што ја гледал музичката претстава, посочен на почетокот на текстот, посакувајќи ѝ на публиката да ужива во уште една волшебна музичка креативност.

Новогодишен подарок

Кога станува збор за Силвана Чулева Атанасова, наставничка по флејта и пијано во ОМБУ „Лазо Мицев“ во Кавадарци, музичката претстава, која претставуваше вистински новогодишен подарок за сите љубители на музиката, беше нешто одамна посакувано и стрпливо очекувано. Нејзиниот краток одговор од каде ја црпи инспирацијата беше: „Моите ученици се мојата инспирација, а сето друго е долгогодишното искуство“.
– Што е тоа што ме натера да направам уште една бајка? Се разбира тоа се моите приказни, кои се бунтуваат и сакаат да излезат надвор, од страв да не останат заробени и нераскажани. „Приказна“ – колку моќен збор! Постоел отсекогаш и ќе постои додека постоиме ние. По мјузиклот „Приказна за земјата Музикалија“, кој го реализирав во 2008 година, и „Приказна за волшебната флејта Луна“ во октомври оваа година, дојде ред и на музичката претстава „Приказна за немиот крал“, чија премиера се случи токму пред Нова година. Три приказни, три бајки, секоја посебна на свој начин исполнети со многу музика, игра, глума, звуци од најразлични инструменти, детски насмевки, среќни лица, радост и смеа. Зарем има нешто поубаво од тоа? Мојата единствена цел е да направам нешто со кое ќе ги расположам моите ученици и затоа секогаш кога нешто не е јасно и тешко се совладува, барам приказна за да им го олеснам музичкото патување. Се обидувам да направам нешто несекојдневно и да ги вклучам учениците и тие да бидат дел од таа музичка игра – ни раскажува Силвана Чучева Атанасова.
Таа, како искусен музички педагог, вели дека секако учениците ќе го научат нотното писмо, но колку ќе ги разберат музиката и нејзината волшебна моќ зависи од умешноста на приказните што ги раскажуваме. А сите нејзини приказни се создадени со една иста цел: како на полесен начин да им ја приближат музиката на децата, да ја сакаат и да уживаат во неа, како да научат за карактеристиките на инструментите, за музичката терминологија и како да научат да ги искажуваат своите чувства и да ја развиваат својата музичка меморија. Тоа го правиме преку приказните соодветни на нивната возраст и со многу примери од самите наставници.

Славење на музиката

– Покрај приказните, многу сакам да им ставам наслови на моите концерти, да ги спакувам убаво и да ставам акцент на музиката и нејзината моќ. Сите заедно да ја славиме музиката и тие прекрасни моменти длабоко да се врежат во нивната меморија и срца. Самиот наслов им ја олеснува работата на децата, па имаат чувство дека некој ги води и се потпираат на нешто невидливо што ја разбранува и ја развива нивната фантазија. Токму еден таков наслов беше последниот класен концерт насловен „Седенка се збира“, кој е изведен од истоимената народна песна. Одлучив да ги запознаам учениците со македонската народна музика и попатно да научат за нејзиниот карактеристичен нерамноделен ритам, за народниот мелос, за прекрасните мелодии и непресушниот извор на македонската народна песна. Кога се зборува за едно такво културно богатство, тоа значи дека треба да се запознае, да се негува и да им се пренесува на идните генерации, како што ние го правиме тоа кон нив. На мое огромно задоволство, децата со голем интерес научија да свират и да пеат многу народни подзаборавени песни, а со тоа ставивме акцент на она што е наше, домашно и многу вредно. Ги вклучив во моето сценарио и заедно направивме една серенада, патем разговарајќи за поимот серенада и традицијата на пеење серенади во Кавадарци под прозорецот на својата сакана. Всушност, преку серенадата, која вообичаено траеше до раните утрински часови, разговаравме за убавите песни што се дел од богатата македонска фолклорна ризница и за кулинарските специјалитети со кои домаќините ги наградуваа музичарите како благодарност за добрата песна. Излеговме накратко од рамките на класичната музика и му се предадовме на фолклорот, а тој изнуди од децата убаво расположение, насмевки и ведрина. Таквиот обид за нешто поразлично се покажа како многу позитивен момент, кој верувам дека децата долго ќе го паметат. Тоа го забележав од нивната возбуда и нестрпливо очекување да се започне со музичката претстава во која тие ќе ја преземат главната улога – ни рече Силвана Чулева Атанасова.


Звуците никогаш не престанаа да го бараат својот крал

„Приказна за немиот крал“ е една прекрасна бајка што децата од музичкото училиште во Кавадарци со радост ја прифатија и многу успешно ја одиграа улогата на деца од едно замислено кралство. Всушност, во ова кралство на музиката царуваат кралот Звук и кралицата Музика, заедно со своите звуци, односно инструменти. За несреќа, на денот на нивната свадба, од силни ветришта и виулици, звуците се разлетуваат по целиот свет, а кралот Звук од тага кон своите звуци престанува да зборува и е познат како „Немиот крал Звук“. Меѓутоа звуците никогаш не престанале да го бараат својот крал, со години патувале од едно во друго кралство сѐ додека по многу години не пристигнале во вистинското кралство. Тогаш, тие ги испратиле своите прекрасни звуци до затворената соба на немиот крал Звук и кога тој ги слушнал, маѓепсан од убавата музика, зборовите се враќаат во неговата уста и тој почнува да зборува и да ги изразува своите чувства кон своите звуци – инструментите. А тие, инструментите, повторно се весели и среќни што го пронашле својот сакан крал и со задоволство останале да живеат во кралството на музиката.