Победа

Нови книги за деца: „Луѓето и змејовите“ на Владо Јаневски

Во најголемата пештера на светот, во која човечка нога не беше стапнала, таткото змеј го праша синчето змејче:
„Што мислиш, кој ќе победи ако војуваат луѓето и змејовите?“
„Змејовите“, одговори змејчето самоуверено.
Таткото го погледна синчето змејче и не рече ништо, само ја заниша главата и тргна по долгиот ходник длабоко во пештерата.
„Змејовите, се знае дека змејовите ќе победат, повтори змејчето уште посигурно од претходно. Луѓето се плашат и секогаш бегаат од змејовите, нели е така“?
„Така е, плашливи се“, му рече таткото.
„Тогаш зошто ми поставуваш вакви прашања кога се знае кој ќе победи?“
„Затоа што еднаш навистина војуваа луѓето со змејовите“.
„И, се разбира, победија змејовите, нели?“, праша синчето змејче.
„Сите си мислевме дека луѓето немаат шанса против нас змејовите“, одговори таткото змеј. „Бевме сигурни дека војната нема да трае повеќе од ден-два, но не беше така. Војната траеше цели седум дена“.
„Невозможно“, на синчето змејче не му се веруваше.
„Како јас ништо не знам за таа војна?“
„Не си ти виновен, за ова требало да ти кажат на училиште“.
„Не сме учеле за таа војна…“
„Можеби змејовите ја заборавиле. Тогаш јас ќе ти раскажам“, рече таткото змеј. „Прво седи тука и кажи ми дали ќе се напиеш чајче?“
„Може чајче“…..

(Извадок од сликовницата „Луѓето и змејовите“, издание на „Арс ламина-публикации“, дел од едицијата „Нови бајки од Македонија“)

Илустрација: Ем Елефантски