Нацртала: Марија Трајаноска, осмо одделение во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп

Пред многу години кога бев на летување во детското одморалиште на Пелистер имав само шест години. Ме праќаа таму да летувам со децата и тоа летување ми беше најдолгото во мојот живот. Смената траеше три недели или 21 ден. Не знам зошто траеше толку долго, но мене ми се чинеше дека трае една цела вечност! Знаев само дека морав да одам, според зборовите на родителите, за да се поправам затоа што бев „слабо чупе“. Првиот и последниот ден на доаѓање и на заминување, нè мереа сите деца на вага и ги запишуваа килограмите, за да видат колку килограми сме се поправиле.
Тоа неделно утро сончевите зраци го бараа патот низ белите облаци за да танцуваат со проѕирно чистиот воздух што се пробиваше во градите како стрела.
Собирав ливадски и полски цвеќиња по планинските патеки и правев букет украсен со зелен свеж папрат. Така, со букетот во малите тенки раце седев на меката зелена трева и гледав накај градот. Битола гледана од горе, дење, беше облеана со силни сончеви зраци, а ноќе наликуваше на брош на кој светеа безброј ситни златно-сребрени камења.
Тоа неделно јулско утро, гледајќи накај градот и тагувајќи за семејството, до мене седна мојата неколку години постара другарка Анче. Висока и тенка со црна права коса и прозрачно бел тен. Таа постојано ме следеше и беше покрај мене, небаре ме чуваше од сè и сешто. Анче беше ќерка на Тошо слаткарот, познат во градот по правењето слатки од фондан со кои се служеа гостите на имендените, инаку близок пријател на татко ми.
Татковците ни доаѓаа на посета во неработните денови, во неделите со нивните велосипеди. Децата притрчуваа кон патот извикувајќи: „Деца, доаѓаат наваму луѓе со точаци“!
Секоја недела го чекав нестрпливо татко ми да дојде, да го видам неговиот лик, да треперам од среќа. И така од некаде се појави тој ‒ татко ми со неговиот велосипед. На задното седиште имаше сламена кошница со разни подготвени јадења.
– Ти донесов зелник со тиква, поздрав од баба ти – ми рече.
Тој миг ми се претвори во празник, радоста и тагата, носталгијата кон дома се измешаа во мене и како сестри близначки се гушкаа долго, за да заминат заедно и како птици да одлетаат со заминување на денот или како што облаците заминуваат високо на небото штом ќе се појави сонцето.
Долго го помнев тој миг на среќа, големото дело на баба ми. Толку љубов и толку труд внела во преубавиот крцкав зелник со тиква. Можеби затоа што таму далеку од дома, на моето летување се чувствував осамена, можеби затоа што ме обзеде сознанието дека некој мисли на мене, на моите желби, вкусови, сакања и посакувања. Тогаш ми идеше така од душа да ѝ се заблагодарам, толку многу колку што беше голема планината и да ѝ ги подарам сите полски и планински цвеќиња што ги среќавав по планинските патеки. Да имав волшебна моќ ќе летнев со букетот планински цвеќиња и ќе ја прегрнев силно и цврсто.
По неколку години, за празникот 8 Март беше повторно недела. Утринското сонце ги галеше штотуку измиените коцки од калдрма наредени и слепени едно додруго на пресно измиената улица. Имав девет години и го знаев патот низ пазарот за да стигнам до куќата на баба ми. Кога бев помала ме носеа за рака по тој ист пат, што визуелно беше врежан во мојата детска глава налик на познат и стопати гледан филм. И ден-денес по многу години и децении, понекогаш го сонувам тој пат. Честопати подзастанував пред големата жолта куќа со прекрасен двор без ограда, од каде што ме опиваше мирисот на трендафили.
Минував понекогаш низ тој двор за да го скратам патот до улицата Никола Тесла, кај што беше куќата на баба ми и дедо ми.
Тоа неделно утро собрав сè што имаше во нашиот двор, па дури отидов до блиското ритче да наберам полски цвеќиња и направив голем букет за празникот на жените, голем колку една планина за мојата баба. Возбудата беше силна.
Зелената дворска порта беше исправена пред мене. Јас мала, а таа голема, двојно од мене. Застанав пред портата, не можев да го достигнам металниот украсен предмет за чукање направен од прстен и алка за да затропам. Ја повлеков надолу големата метална рачка на портата. Се разлеа звукот на прапорецот – ѕвон. Десно од вратата во дворот ме пречекаа масата со шарената мушама и големата вазна во која исправено и гордо стоеја безброј разнобојни цвеќиња. Зумбули, нарциси, темјанушки. Столовите направени од дрво наредени околу неа ѝ правеа друштво. Во летната кујна во дворот тивко зовриваше некоја манџа за ручек чиј мирис се чувствуваше насекаде. Од внатре се слушна нејзиниот глас, мелодичен и растегнат во фон, помешан со звукот на малиот шадрван во дворот.
– Дојде? Ајде влези! ‒ слушнав.
Резето од дводелната врата обоена со мрсна бела боја чкрапна. Насмевките ни ги споија чувствата и на двете. Ѝ го подадов букетот од цвеќиња, ѝ го гушнав стомакот, оти тој беше во висина на моите раце. Почувствував бакнеж врз мојата глава од која висеа две долги плетенки. Ми ја отвори вратата од собата каде што најчесто се собиравме.
Косата ѝ беше внимателно исчешлана, намазнета, а на тилот натапирана. На устата ѝ светеше црвениот кармин. На нозете имаше везени местри, што ги носеше за празник, наместо секојдневните влечки. Знаев дека годишно, по два пара местри си купуваше број 38, од пазарот, кои беа наредени пред дуќанот на чичко Јордан, секој пазарен ден во вторник и во петок. На себе носеше шарена роба ‒ фустан што сама си го шиеше на старата машина „сингер“ тешка како олово. Шарениот фустан беше нареден со цел ред петлици во сјајна црна боја, од горе до долу. Материјалот го купуваше, пак, од пазарот во тесното дуќанче на чичко Шукри, каде што жените не само што купуваа туку и озборуваа за боите, за дезенот, за собирање при перење. Од двете страни на фустанот имаше џебови во кои си чуваше бело везено шамивче.
– Денес чекам гости, ти си прва, сега ќе пристигнат и другите – рече радосно и гостопримливо.

Масата крцкаше, послана со бел мазно испеглан и штиркан чаршаф, навезен од нејзината прва пријателка и сосетка, главната везачка во Битола во тоа време ‒ тетка Калипсо. Порцеланскиот сервис што го чуваше за гости светеше налик на аквариум со златни рипки. Баба ми беше многу дружељубива и гостопримлива.Честопати кога ѝ доаѓаа пријателките на гости, задолжително месеше милиброд, односно козињак со суво грозје нараснат толку високо, обликуван во вид на плетенка од чиј мирис на целото маало му се правеше иштав, по битолски форес за мекото и топло печено тесто со жолтеникава боја.
Во собата за гости го почувствував мирисот на тазе печен зелник со тиква. Моето најомилено јадење.
– Бабо ти месеше зелник со тиква? ‒ радосно ја запрашав.
Ме прегрна и рече: „Знаев дека ќе дојдеш и месев за тебе, знам дека најмногу го сакаш“.
Тој ден и за мене беше празник, голем како планина од полски цвеќиња.

(Расказот „Планина од полски цвеќиња“ ја доби првата награда на традиционалниот литературен конкурс за краток расказ од страна на ОЖ на Општина Битола и НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, по повод Осми март, во 2019 година, на темата: „Љубов со големи дела – баба“).


За авторката

М-р Ели Маказлиева е поетеса, писателка за деца и за возрасни. Родена е во Битола, живее и работи во Скопје. Завршила Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и постдипломски студии на истиот факултет, магистрира на Институтот за педагогија.
Кусо работела како воспитувачка и училиштен педагог во основни училишта во Скопје, а подолг период како уредничка и главна уредничка во издавачката куќа „Просветно дело“, Скопје (1987 – 2013). Работела и како предавачка на универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје (УАКС). Основачка е на издавачката куќа „Едука мак“, Скопје (2013). Била претседателка на Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (2007-2012).
Авторка, програмска уредничка и тим-лидерка е на многу педагошки и литературни проекти и манифестации од национален и од меѓународен карактер.
Добитничка е на повеќе награди и признанија за најдобри песни или раскази, меѓу кои и наградата „Ванчо Николески“ (2023) од Друштвото на писателите на Македонија за најдобра книга за деца и млади „Чудесен дар во годишен календар“ издадена во 2022 година.
Членка е на Друштвото на писателите на Македонија.Пишува поезија за возрасни и поезија и проза за деца. Авторка и коавторка е на над 60 објавени наслови – книги со различна содржина од кои: 30 книги (поезија и проза за деца и возрасни), 18 прирачници – едукативни книги за деца од предучилишна возраст (објавени од 1990 до 2019), како и на првата Македонска
илустрирана енциклопедија за деца (2017), 16 учебници и прирачници за ученици од основно и од средно образование објавени во периодот од 1990 до 2009 година и три други книги за возрасни. Дел од нејзините дела се преведени на англиски, српски, албански, турски и на бугарски јазик.