Фото: Игор Бансколиев

Од книгата „Цвеќе на мирот“ на писателката Бистрица Миркуловска

Мими сечка срценца и мечиња, испишува искажувања за љубовта и за празникот на вљубените…
– Леле, еве го Тоше! Од опширно интервју ќе направам мини-портрет!
Мими станува, пали светло, кине лист од тетратка, сечка една од најнасмеаните естрадни слики на Тоше и почнува да пишува со црвен фломастер:
– Верувам во љубовта – љубовта кон сите што со љубов ме опкружуваат! Се согласувам со она што го рекол Моцарт: Музиката секогаш била храна на љубовта!
– Тоше се обидува секое расположение да го претвори во песна. Во мигови на вљубеност создал песни со многу емоции, песни исполнети со љубов, среќа, но и тага откако љубовта ќе изгасне.
– „Тајно моја“ е песна за мојата прва љубов – вели Тоше. – Бев трето одделение кога се вљубив во едно девојче со прекрасна црна коса. Ама никогаш немав можност да ѝ се доближам. Никогаш не ѝ ги искажав чувствата. Често со
задоволство се сеќавам на неа. Таа остана мојата тајна.
Мими се смешка.
– Значи и тој се навраќа на најраното детство. А кога ја пее „Тајно моја“ толку е супер, како да пее за некоја девојка на негова возраст. Ама искрено си ја искажал сопствената тајна.
– Вистинската среќа е во срцето и не може да се замени со никаква материјална добивка.
– Тоше е среќен затоа што постојано е во контакт со музиката и со младите што ја сакаат неговата песна исполнета со љубов, па таква претставува подарок за секој што сака да ја слуша.
– А особено сакам кога ме слушаат децата, зашто сѐ уште силно го чувам детето во мене и препорачувам – останете деца колку што можете подолго и детството нека ви е среќно, радосно, исполнето со љубов.
Мими го препрочита составот. Задоволна е!
– А оваа насмеана слика од Тоше ќе ја залепиме среде во едно големо срце…
Ја гаси столната ламба и легнува спокојна. Мама и тато не ја сетиле и не ја опоменале дека веќе е доцна и дека е време да се спие.
И низ темнината на собата го гледа постерот со Тоше…

(Извадок од книгата „Цвеќе на мирот“ на Бистрица Миркуловска, издадена во 2007 година и посветена на Тоше Проески, со зборовите: „На Тоше – песна ангелска… несвенлив гороцвет… Вечност.“ )


Тоше има само датум на раѓање

Драги деца, на денешен ден во Крушево е роден Тодор – Тоше Проески, најголемиот пејач што го имала Македонија, пред кого стоеше светска кариера. Бидејќи веќе не е со нас, обожавателите на Тоше од целиот регион одлучија дека тој има само ден на раѓање и овој датум секогаш се одбележува со разни музички, културни и хумани настани, а така ќе биде и годинава.
Ние ќе ве потсетиме на балканскиот ангел преку извадок од книгата „Цвеќе на мирот“ на познатата македонска писателка за деца и возрасни Бистрица Миркуловска, во која тинејџерката Мими многу го сака Тоше, тој е нејзин идол не само поради прекрасниот глас туку и поради неговата добрина и хуманост.