Една прекрасна идеја, прекрасна активност, даде преубав плод. Малите детски рачиња безрезервно, со чисто срце, напишаа што претставува за нив
татковината. Нивните прекрасни мисли и чувства се преточија во убава книга, која треба да ја прочитаат и возрасните, за да се потсетат што е татковина и како се сака таа, напиша во предговорот за книгата Елизабета Ивановиќ, психолог во ООУ „Ј.А. Коменски“
Пет години од издавањето на книгата „Татковината во детските срца“
На 2 април, кога се одбележува Светскиот ден на литературата за деца, во 2019 година, беше промовирана мојата книга „Татковината во
детските срца“. Паметам и тогаш имаше турбуленции во општеството, па и самата промоција, за миг, беше доведена во прашање. Сепак, сѐ мина добро и на скопското претставување во културниот дом „Кочо Рацин“, но и на промоциите во Штип и во Прилеп.
Всушност станува збор за проект што е направен од деца ученици од трето до деветто одделение во ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје, кои во заедничката анкета дадоа интересни, емотивни и прекрасни одговори на прашањето: „Што е татковина“?
Токму затоа дел од книгата се мислењата на психологот на училиштето, Елизабета Ивановиќ, и на одделенската наставничка Роза Василевска, кои сесрдно го поддржаа проектот. Рецензенти се Татјана Гогоска, комуниколог и авторка за деца, Трајче Кацаров, писател, и Филип Димкоски, поет.
Во книгата се застапени и триесетина песни на темата „Татковина“, на познати македонски писатели за деца од сите генерации. Некои дури се напишани специјално за оваа книга, а ете и јас собрав храброст да напишам неколку стиха за татковината.
Книгата, која е издание на „Нова Македонија“, е илустрирана со прекрасни фотографии на Александра Донева, додека насловната фотографија е на фоторепортерката на „Нова Македонија“, Маја Јаневска-Илиева, а графички ја уреди Владимир Хаџи Пулевски.
Во медиумите ни „Т“ за татковината
Главната причина за создавањето на ова дело е фактот дека децата, и не само тие, сѐ повеќе го губат она убаво чувство што порано сите го имавме за нашата татковина, Македонија, кое поради времето во кое живееме сѐ повеќе исчезнува, се измолкнува.
Тоа незнаење и незаинтересираноста да се научи нешто, да се прочита и напише за татковината, делумно се поради промените на новото време, но и поради нашата преокупираност со голем број проблеми. За тоа придонесуваат и телевизиите, кои секојдневно сервираат неквалитетна, па и штетна програма, во која нема ни „Т“ за татковината. А колку само недостигаат програма за деца, културни и едукативни содржини, наместо секојдневното бомбардирање со лоши вести на социјалните мрежи и еден куп игри и клипови, идеални за губење време и за заглупавување. Поради сето тоа денешните деца се збунети и во недоумица што се случува со нивната татковина и каде ли исчезнаа сите идеали за кои читаат во читанките и во лектирите. Што е навистина татковина и како се сака таа?
Успешна соработка со ООУ „Јан Амос Коменски“
За да видам како стојат работите, таа 2018/2019 година побарав дозвола од првите луѓе на ООУ „Јан Амос Коменски“ во општината Карпош, во Скопје, токму во тоа училиште да направиме една анкета во која учениците од трето до деветто одделение ќе одговараат на прашањето: „Што е татковина?“
Сите нивни одговори се опфатени во книгата. Тие се искрени, со избрани зборови, кои извираат директно од чистите како солза детски срца.
Токму таа нивна чиста мисла ме поттикна овој проект да добие една своја целина, со учество на познати писатели за деца, но и на оние што допрва ги почнуваат својата писателска кариера и потрагата по вистинските зборови.
Се надевам дека во овие чудни времиња во кои поимот „татковина“ од ден на ден сѐ повеќе се девалвира, се омаловажува и се навредува, мудрата детска мисла за татковината и сите стихови што ги опеваат нашата лулка, дом, сегашност и иднина ќе придонесат уште долго, долго, татковината да има важно место во срцата на денешните ученици, но и на оние што допрва ќе седнат во училишните клупи по нив… Бидејќи исто како што имаме сите по една мајка и еден татко, едно срце, една душа, имаме и една татковина.
„Татковина е земја на која ѝ се радуваме“, напиша еден ученик во анкетата. И навистина е така. Ѝ се радуваме, како што со насмевка го дочекуваме секој нов ден, го славиме секој нов успех, стегаме цврсто нечија подадена рака и правиме заеднички планови за иднината.
„Една прекрасна идеја, прекрасна активност, даде преубав плод. Малите детски рачиња безрезервно, со чисто срце напишаа што претставува за нив татковината. Нивните прекрасни мисли и чувства се преточија во убава книга, која треба да ја прочитаат и возрасните, за да се потсетат што е татковина и како се сака таа“, напиша во предговорот Елизабета Ивановиќ, психолог во ООУ „Ј.А. Коменски“.
Возрасните да учат од децата како се сака татковината
А Роза Василевска, одделенска наставничка, сега веќе во пензија, вели дека ние возрасните треба да учиме од децата како се сака татковината.
– Ја сакам мојата татковина и сѐ во неа. Таа моја голема љубов им ја пренесував и на моите ученици. И од анкетата може да се забележи дека нивните искази, впрочем како и на сите ученици, се искрени, чисти како солза. Искажани се од длабочината на нивните мали душички. Така искрено и чисто знаат да љубат само невините детски срца – напиша Василевска.
Во својата рецензија м-р Татјана Гогоска ќе рече:
„Секој човек што има дом е благословен. А домот е таму каде што се твоите најблиски, каде што царуваат љубовта, пријателството… На ова се надоврзуваат и искрените, полни со љубов, мисли на децата, кои велат: ’Татковината е моја радост, таа е онаму каде што се чувствувам безбеден‘“.
Писателот Трајче Кацаров, меѓу другото, вели: „Навистина треба да се дојде во мојата татковина зашто таа е заливот каде што се закотвени сите добрини и убавини, каде што добрите дела се со вечни вредности“.
Младиот поет Филип Димкоски, осврнувајќи се на овој проект реализиран во спрега со учениците, напиша:
„Поради сето она креативно, благородно и хумано што го содржи оваа книга, која е завршеток на еден поопсежен и подолготраен проект, со радост и со восхит ги поздравувам сите учесници. Да се твори за татковината значи со знаење и со работа, но и низ збор и стих, низ слика и рима, танц и песна, со алатка и машина, да се покаже љубов кон парчето земја што ни припаѓа. Да се покаже љубов кон корените, традицијата и да им се оддаде почит на сите што се бореле за нејзиниот развој и благосостојба“.
Животот, тој најдобар учител, и овојпат ни покажа дека имаме што да научиме од децата, за почеток како искрено и со дела да си ја сакаме татковината.
Во овие чудни времиња во кои поимот „татковина“ од ден на ден сѐ повеќе се девалвира, се омаловажува и се навредува, мудрата детска мисла за татковината и сите стихови што ги опеваат нашата лулка, дом, сегашност и иднина ќе придонесат уште долго, долго, татковината да има важно место во срцата на денешните ученици, но и кај оние што допрва ќе седнат во училишните клупи по нив… Бидејќи исто како што имаме сите по една мајка и еден татко, едно срце, една душа, имаме и една татковина
До кај ми е татковината
До кај што ја гледам ширината
и на небото синевината
ѝ признавам на тишината –
дотаму ми е татковината.
И зајакот што трча во дивината
и кртот што ми ја ора
градината
и срната горе во планината
и лисицата долу на падината,
сѐ ми е милината, родината,
таа е мајката, татковината.
И лозјата растечени
во полињата
и вината спастрени
во бурињата,
и куќите со дворовите,
цвеќињата,
и црквите и џамиите
со минарињата
и булеварите, улиците,
патчињата
и селцата и гратчињата
тоа ми е своината,
мојата земја, татковината.
Сузана Мицева (Од книгата „Татковината во детските срца“)
Дел од одговорите на учениците на прашањето „Што е татковина?“
Татковината се сака со целото срце, се брани со добра мисла, љубов и разбирање. Сплотени за мир и среќа.
Секогаш чувај ја и брани ја татковината.
* * *
Татковина е живот, татковина е убавина, татковина е мојот роден крај.
Татковина е сѐ.
* * *
Мојата татковина е Македонија, според мене, мора да има причина зошто токму ѝ припаѓам на неа.
Татковината е завет/аманет од предедовците.
Татковината е родна грутка, тополо гнездо во кое се чувствуваме сакани, разгалени и среќни.
Татковината е земјата во која сум роден.
* * *
Татковината е земја на моите предци, каде што се родени татко ми, дедо ми и прадедо ми. Место исполнето со долга историја. За оваа земја многумина починале бранејќи ја за да можеме денес да бидеме слободни. Оваа земја има бескрајни убавини. Јас уживам во сите убавини. На крајот, оваа земја е дел од мене и од сите нас.
* * *
Татковина е местото во кое сме се родиле, наше гнездо, наш дом, во кој се чувствуваме најсигурни. Место каде што се раѓаме и растеме. Татковината не се сака по тоа дали е голема или мала, богата или сиромашна, таа се сака затоа што е наша.
* * *
Татковината е место во кое се чувствувам слободно.
Татковината е гнездо во кое се чувствувам безбедно и татковината е од Бога дадена, која неизмерно ја сакам како мојата мајка и ми буди неописливо чувство кога ќе го изговорам зборот татковина.
* * *
Татковината е родна грутка, тополо гнездо во кое се чувствуваме сакани, разгалени и среќни.
* * *
Татковината е дом што треба да се сака и негува.