„Круме Кепески во детските стихови“

ВИЕ НИ ЈАВУВАТЕ: Книга за шеесетгодишното постоење на скопското училиштето

Во историјата на нашето училиште, литературната секција зазема посебно место. Благодарение на фактот дека од нејзината работа постојат пишани траги, прво во училишниот весник „Мугри“, а подоцна и во училишниот весник „Први искри“, лесно може да се следи нејзината работа низ сите овие шеесет години.
Многу текстови од литературната секција се објавувале и во списанијата „Колибри“, „Наш свет“ и „Другарче“.
„Имаме богат и привлечен јазик, каков што многу народи на светот посакуваат да имаат“, рекол во една пригода професорот Круме Кепески (1909-1988). Па, така, членувајќи во оваа секција, нашите ученици создаваа квалитетни текстови и песни со кои ние како училиште ја остваруваме нашата образовна мисија.
Шеесет години се голем период за постоење на едно училиште. За тоа време, нашите ученици имаат напишано многу песни што го воспеваат нашиот патрон Круме Кепески.
По повод јубилејот на училиштето, литературната секција, предводена од наставничките Татјана Пеливанова и Валентина Т. Стаматовска, објави конкурс на тема „Делото на Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот“, со цел од пристигнатите литературни творби да се создаде стихозбирката „Круме Кепески во детските стихови“. Во изборот на литературните творби беше вклучен и поетот Филип Димкоски, кој ја напиша и рецензијата за стихозбирката:
Како што се вели и во некои од песните, најдобар начин за да му се заблагодариме на Кепески за неговото огромно дело е да ја почитуваме македонската граматика, да ги применуваме јазичните правила, да го користиме македонскиот стандарден јазик и, секако, да го почитуваме народниот говор од кој произлегува денешниот современ македонски стандарден јазик. А сето тоа можеме да го постигнеме само со љубов кон јазикот. Да го почитуваме мајчиниот јазик, значи да се почитуваме и сакаме себеси, а човек што се сака себеси, може да го сака целиот свет, да ги прифати и да ги љуби различностите – подвлекува Димкоски.
На наше големо задоволство, на литературниот конкурс учествуваа и ученици од основните училишта на Македонија. Со тоа, преку детските стихови, оставаме трајно сведоштво за работата и значењето на професорот Круме Кепески, како потсетник за новите идни генерации.

Татјана Пеливанова, наставничка по македонски јазик Валентина Т. Стаматовска, наставничка по македонски јазик


Патоказ за вечноста на јазикот

Со јазикот наш патуваме,
од нереалното кон реалното
нè води
кога драгиот ни Круме Кепески
првата македонска граматика
ни ја створи.

Неговите чекори засекогаш
оставија траги,
му помогна на човештвото иднината да си ја гради.
,,Јазикот не е предмет,
туку духовност“, велеше тој,
со искрена љубов и радост
ни го подари трудот свој.

„Помил и посладок
од мајчиниот јазик нема“
– напиша во своето големо дело,
покажа пред сите дека
македонскиот јазик е посебност,
а ние ги продолжуваме
неговите чекори смело.

Песната е завршена,
но се задржува мелодијата,
до вечност делата на
Круме Кепески
ќе бидат во на човекот меморијата.

Андреа Димитрова 8-2 одделение ООУ „Никола Карев“ – Кочани
Менторка: Љупка Стојменова
(Од стихозбирката „Круме Кепески
во детските стихови“)