Утревечер во ЦК „Антон Панов“ во Струмица
Во Струмица се подготвува уникатен концерт, кој ќе се случи на 14 февруари, среда, во центарот за култура „Антон Панов“, со почеток во 19 часот. Интересот за овој настан е голем, а концертот е насловен „Љубов од гитари“.
– На концертот ќе учествуваат околу 60 учесници, се разбира најмногу гитаристи, тука е и бендот составен од професионалци, како и три вокални солистки: Славица Ангелова, Ана Цамбулева и Теодора Сретеновиќ. Репертоарот ќе биде составен од големи странски и домашни хитови, а ќе има и оркестар од талентирани дечиња, кои ќе изведат класична композиција за 10 гитари. Подготовките траат околу еден месец и веќе се чувствуваме подготвено и со нетрпение го очекуваме денот за настап. Влезниците се речиси распродадени, што значи и енергијата од публиката нема да изостане и очекуваме навистина спектакуларен концерт – вели Васко Пиличев, професор по гитара во музичкото училиште „Боро Џони“ во Струмица.
Тој е и иницијатор, организатор и координатор на целиот настан.
Утревечер ќе се шират љубов и добри вибрации на концертот во ЦК „Антон Панов“, а младите гитаристи под диригентство на професорот Васко Пиличев уште еднаш ќе покажат дека се вистински украс на струмичката музичка сцена. М.Т.