Наградениот расказ
Прекрасен септемвриски неделен ден. Сончевите зраци уште рано изутрина се пробиле низ белите облаци и низ прозорецот на мојата соба, ми ги отвораат очите. „Ова ќе биде суперден за фудбал на Гази Баба“, си помислив. Станав, си го измив лицето и седнав да појадувам. Се договоривме со другарите да се најдеме на полјаната, ја зедов фудбалската топка и појдов кон шумата.
Патем, скришно здогледав како поголеми деца, за забава, со запалки ја палат клупата од летниковецот. Таа почна да гори, а децата се смееја. Кога пламените јазици станаа големи, се исплашија и се распрснаа да бегаат. До летниковецот, за среќа, има чешма со вода. До неа имаше и стара пластична кофа, која почнав да ја полнам со вода, а водата ја истурав врз разгорената клупа. Огнот сепак не се предаваше, па пламенот ја зафати и дрвената маса. Ветерот му беше сојузник, па во оган за кратко време се најде и блиската грмушка. Без да запрам, полнев вода и истурав врз огнот. По половина час, успеав да изгасам сѐ. Возбуден и среќен дека успеав во мојата мисија, седнав да се одморам.
Зошто децата не размислија за последиците од нивната игра? Што ќе се случеше ако се запалеше целата шума? Во главата ми одѕвонуваа овие прашања.
Шумата Гази Баба е она што му се белите дробови на човекот. Овој град дише благодарение на неа. Мора да внимаваме на секој наш чекор. Често играта знае да се претвори во трагедија. Да бидеме совесни кога сме во природа. Оти колку ќе си ја чуваме, толку и природата ќе нѐ чува нас.