Драги деца, декември е месец за радост, среќа, дружење и, се разбира, за подарување. Токму затоа „Колибри“ ќе ве награди со пет инклузивни сликовници.
Станува збор за првата сликовница кај нас за лица со оштетен вид, со наслов „Новогодишна сказна“, на авторката Гордана Симоновска-Момироска, поетеса за деца и млади и истакната хуманистка, која ја издаде здружението „Свет на различни, а еднакви“ – Скопје. Објавена е на македонски и на албански јазик.
Препевот на стиховите од македонски на албански јазик е на поетесата Пунторие Муча Зиба, а Брајовото писмо на Тони Пајдаков, секретар на Здружението за слепи лица во Велес. Рецензент на проектот е писателот Горјан Петревски, а јазичната редакција е на универзитетската професорка Гордана Алексова. Илустрациите во сликовницата се на младиот илустратор Наско Џорлев.
„Новогодишна сказна“ е отпечатена во „Европа 92“ – Кочани, а Сојузот на слепи лица – Велес ја отпечати на Брајово писмо. Таа е првенче на проектот „Правото да читаш не е посебна потреба“, во чии рамки здружението ќе продолжи да издава и други инклузивни изданија.
Доколку сакате да добиете една од сликовниците на подарок, треба да одговорите на прашањето: „Како се вика првата инклузивна сликовница на авторката Гордана Симоновска-Момироска?“ Одговорот треба да го испратите по електронски пат, на нашиот мејл: kolibri@novamakedonija,com.mk, со назнака „За наградната игра“, најдоцна до 31 декември.
Ве очекуваме!