Фото: Приватна архива

Значењето на оваа награда е уште поголемо бидејќи станува збор за еден од најголемите фестивали за млади таленти, на кој секоја година учествуваат повеќе од илјада натпреварувачи од целиот свет

Меѓународни успеси

Ангел Димитров е чудесното дете од Кавадарци, за чиј исклучителен талент само пред десетина месеци пишувавме на страниците на „Колибри“. Тоа што го издвојува од другите талентирани деца е што е вистински вљубеник во македонската изворна народна песна и ја интерпретира со толкава емоција што публиката веднаш ја препознава. Неговиот талент го препозна и жирито на меѓународниот фестивал „Соѕвездие на таленти“ (International Art Festival- contest Constelltion of talents), кој неодамна се одржа во главниот град на Молдавија, Кишинев, и го награди со првата награда во дисциплината фолклор во категоријата на натпреварувачи до 12 години, но и со гран при и со титулата лауреат. Тежината и значењето на оваа награда се уште поголеми бидејќи станува збор за еден од најголемите фестивали за млади таленти, на кој секоја година учествуваат повеќе од илјада натпреварувачи од целиот свет. Ангел Димитров беше дел од единаесетчлениот тим натпреварувачи како претставници од Македонија што се натпреваруваа преку здружението „Арт ин орг“- Кавадарци, кое членува во Меѓународната асоцијација на фестивали.

На полето на музиката, и во изминатите месеци Ангел беше одговорен и студиозен во својот пристап на учење, барајќи постојано нови предизвици. Предвидувањето на неговиот професор по традициски инструменти Горан Јанев во целост се оствари, бидејќи Ангел за многу кратко време пројави интерес за изучување други инструменти, но исто така и континуирано продолжи да освојува само први награди на сите натпревари на кои учествува. На својата збирка од 40 дипломи годинава, тој додаде уште четири први места на натпреварите по камерна музика, меѓу кои е и наградата за оперско пеење. Меѓутоа наградата освоена во Молдавија, каде што се претстави со песните „Со маки сум се родил јас“ и „Многу мерак имам, бабо“, како што вели, му е најголема и најдрага во делот на народната музика.
– Народната изворна музика и традициските инструменти и понатаму за мене остануваат на прво место и можам да се пофалам дека од пред еден месец почнав да го изучувам кавалот кај мојот професор Горан Јанев и многу сум задоволен од тоа што го постигнав досега. Исто така, покрај тамбурата, во училишниот оркестар свирам на мандолина, а од април со помош на професорот Василис Аргирју од Солун го изучувам инструментот бузуки. Три седмици часовите се онлајн, а еднаш месечно патувам со моите родиле во Грција и засега сум многу задоволен. Бузуки е прекрасен инструмент, бидејќи на него може да се свири секаква музика, па и македонска – вели Ангел Димитров.

Покрај освојувањето награди ова мултиталентирано момче, со своите настапи продолжува да ги збогатува сите музички настани во своето Кавадарци. Тој беше дел од првиот фестивал на чалгиска музика, го претставуваше својот град во Бољевац и во Ковин, Србија, и учествуваше во летниот музички етнокамп на Музичката младина на Македонија, кој се одржа летово во одморалиштето „Михајлово“. Исто така, тој беше дел од завршниот концерт заедно со музичари од повеќе земји. Иако има само 12 години, наспроти неговата кротка природа и голема харизматичност, поседува неверојатна енергија да ги завршува сите обврски со голема посветеност и да ги постигнува сите замислени и посакувани резултати.


Здружението „Арт ин орг“ – Кавадарци промовира млади таленти во странство

Здружението „Арт ин орг“- Кавадарци, како член на Меѓународната асоцијација на фестивали, продолжува со своето посредување да им овозможува на младите и талентирани музичари од Македонија да настапуваат на големи меѓународни фестивали, надвор од нашите граници, на кои можат да ги покажат своите таленти. Според зборовите на претседателот на здружението Ласко Атанасов, во текот на годината „Арт ин орг“- Кавадарци ќе организира разни мастеркласови, семинари и работилници со реномирани професори и музички педагози од целиот свет, кои младите од земјава ќе можат бесплатно да ги посетуваат по различни инструменти. Исто така, од 2013 година организираат и фестивали во Македонија на кои учествуваат млади таленти од повеќе држави, вбројувајќи ги тука сите соседни земји: Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна, потоа Хрватска, Италија, Израел, Украина, Русија, Полска и Молдавија.

– Здружението во изминативе години со организирањето на фестивалите им овозможува на младите талентирани музичари да го збогатат своето знаење, но претставува и можност тоа што го знаат и умеат да го покажат на голема сцена, каде што учествуваат натпреварувачи од целиот свет. Особено е големо задоволството кога нашите млади таленти ќе се вратат со награди како што се наградата лауреат на Ангел Димитров и наградата лауреат за дуетот Матеа Маџункова и Росица Колевска на пијано во дисциплината класична музика во категоријата до 15 години, сите тројца од ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци. Јас како претседател на здружението и Екатерина Михељкис, која е Украинка, а живее и работи во Битола, вложуваме многу во ова здружение и се обидуваме да им создадеме поголеми можности на талентираните млади музичари од Македонија, редовно организирајќи фестивал во земјава. Наредниот фестивал на „Арт ин орг“- Кавадарци ќе се одржи од 30 мај до 2 јуни следната година во Кавадарци, а младите таленти ќе можат да се натпреваруваат во шест дисциплини – вели Ласко Атанасов, претседател на здружението.