Илустрација: Владо Јаневски

Драгана Карашова е физиотерапевтка со долгогодишно искуство надвор од Македонија. Таа е магистерка по физиологија и спортска медицина, која по речиси две децении живот во странство, од кои последните десет години во Шведска, неодамна со своето семејство се врати во Охрид. Карашова го поддржува здравиот начин на живот, а со своите иницијативи ги насочува своите деца од најмала возраст, но и сите заинтересирани, кон еколошка преродба. Денеска ја објавуваме нејзината екоприказна, со надеж дека ќе поттикне и други слични иницијативи

„Павле, Лоза и Дрвјата“ е иницијатива на пат да стане здружение наскоро, а тогаш ќе го додадеме и волшебното зборче „сино“ (Охридско Езеро) кон името. Идејата се роди по враќањето на нашето семејство од Шведска во Македонија, пред нешто повеќе од две години, и претставува обид да учествуваме во создавањето поубава средина за сите дечиња. Павле и Лоза се нашите деца, наскоро ќе ги прославиме нивните родендени, Павле ќе наполни десет, а Лоза четири години. Тие и сите други деца се причината за нашите активности, нашата желба да имаат безбедна, чиста, хумана и стимулирачка околина за здрав развој и пред сѐ весело и исполнето детство. Дрвјата се тука со нив затоа што тие се едни од најголемите учители за најважните лекции во животот, како што се: отпорност, бавност, растење низ промени, важноста на заедницата и поддршката од неа, важноста да се дели со другите и да се дарува и секако да се поттикнува љубовта кон мајката природа.
Дрвјата исто така имаат потреба и од сериозна заштита бидејќи моменталните практики на непланско сечење на шумите, отстранувањето цели дрвореди во градовите заради дополнителни градежни дејности, начинот на нивно кастрење и немањето никаков план и стратегија за заштита од штетници и стареење нѐ повикуваат сите што имаме љубов кон природата да се обидеме да дејствуваме кон промена на штетните практики и да пронајдеме поодржливи, поеколошки и пред сѐ практики базирани врз наука и позитивни примери.

Едукативни работилници за деца

Сите наши активности се волонтерски и фокусирани на децата. Правиме едукативни работилници на еколошки теми со основци. Ги опфаќаме принципите на природата за одржливост, заштитата на биодиверзитетот, начините на намалување на отпадот, важноста на селектирањето и рециклирањето отпад, запознавање со обновливи извори на енергија, разговараме за иднината на нашите градови итн. Работилниците, во зависност од возрасната група ,секогаш се со фокус на наоѓање решенија и поттикнување на креативното и критичко размислување кај децата.
Решенијата за еколошките проблеми што ние, за жал, ќе им ги оставиме на идните генерации, а тие треба да знаат дека ќе бидат подготвени за справување со нив со стекнување знаење и со иновативен пристап. Дополнително организираме акции за чистење. Оваа пролет организираме серија акции за чистење на охридските плажи, во соработка со сите четири средни училишта во градот, здружението „Енхелеус Лихнида“ и „Комуналец Охрид“. Фокусот е на охрабрување на децата да преземаат еколошки активности, за чија реализација немаат поддршка од средината околу нив, оставајќи ги со чувство на беспомошност во справувањето со проблемите поврзани со загадувањето. Но, вистина е дека секој акт, па и најмалиот, е битен во борбата со моменталната еколошка катастрофа. Нашето убедување е дека како што лошите бактерии се шират, така и добрите бактерии може да се прошират.
Една од нашите кампањи и активности е и чистењето на дрвјата во Охрид од бршленот. Заедно со „Комуналец“ правиме акција секој месец, објавуваме на социјалните мрежи повикувајќи ги сите што сакаат да учествуваат во обид да ја издигнеме свеста за тоа колку е важно да се заштитат дрвјата од наездата на бршлен низ шумите и парковите во цела Македонија. Идејата е комуналното претпријатие да најде долгорочно решение за овој проблем со правилно и навремено чистење, нешто што по дрвјата што ги гледаме се правело порано, но повеќе години е запоставено.

Засега имаме неколку волонтери што редовно доаѓаат и неколку деца што заедно со своите родители, надвор од нашите акции, излегуваат и ги чистат бршлените во блиските шумички. Бршленот не е директен штетник на дрвото, т.е. не е паразит, но тој е негова конкуренција за храната што ја зема со корењата, најчесто подоминантен од дрвото, а кога ќе порасне масивно на дрвото му ја блокира светлината потребна за фотосинтеза и забрзано го старее, оставајќи го ослабнато во борбата со болести и лесно кршливо. Бршленот што не се контролира го обзема и на крајот го убива дрвото.

Правилно чување на дрвјата во градовите

Неодамна започнавме и со акција за издигање на свеста во врска со погрешното кастрење на градското зеленило, поточно методот наречен „топинг“, кој е сѐ поприсутен во нашите градови. Топингот е исклучително штетен за дрвјата и со сигурност продуцира слабо, болно и опасно дрво, кое на крајот треба да се пресече. Крајната цел е општинските институции да преземаат активности за едукација на своите вработени за правилно кастрење и одржување на дрвјата во градовите, со цел продолжување на векот на дрвјата и задржување на нивната природна форма. Дрвјата се важни во битката со загадувањето на воздухот и климатските промени, а децата треба да знаат како да се однесуваме кон нив.
Од скоро се приклучивме и кон активностите на „Слоу фуд Македонија“ и помагаме во создавањето училишни градини во Охрид. Слични активности имаме и со децата на улицата каде што живееме. Тоа подразбира заедничко садење дрвја, цвеќиња, организирање активности за реупотреба на стари играчки, стари алишта, како и три хуманитарни активности во текот на годината за собирање финансиски средства за сиромашни дечиња. Најважната лекција што децата треба да ја стекнат од овие акции е дека и тие имаат одговорност кон заедницата и нејзините послаби членови и дека никогаш не треба да стравуваат да бидат проактивни и да преземаат иницијативи.
Многумина нѐ прашуваат зошто всушност работиме со децата. Затоа што земјава не ја наследуваме од нашите предци, туку ја позајмуваме од нашите деца!


Со оваа песна

Со оваа песна сегде се патува,
во неа лавот со ѕвезда се ракува!

Срната крај поток планински што спие
раскажува како ветрецот се мие.

Од најголем камен изутрина прво
излегува птица, израснува дрво!

Тревките го молат месечко да слезе,
со него во сонот детето да влезе.

Од небото шеќер со раце се зема,
куќите се движат, тагата ја нема.

Во реките млеко наместо вода тече,
на сончеви дланки и лебот се пече…

Со оваа песна сегде се патува,
сегде се стигнува, сегде се свратува!

Стојан Тарапуза