Таленти

На свечената академија што се одржа во Крива Паланка по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј и Св. Јоаким Крчовски, беа доделени признанија за најдобрите ученици и просветни работници за учебната 2022/2023 во Крива Паланка.
Во уметничкиот дел од програмата настапи националниот ансамбл „Танец“, а потоа на голема радост на публиката настапи малиот Ајдин Османовиќ со својот професор Јасмин Брашниќ.
Ајдин ја освои целата балканска публика, а особено македонската, со снимките од изведбите на неколку македонски традиционални песни како „Јано мори“, „Сестра кани брата на вечера“ и други. Младиот музички талент, како што рече и неговиот професор, поседува посебен дар од Бога.
– Срдечно ве поздравувам и се заблагодарувам што го следите тоа што го работиме. А она што ние го правиме, всушност е само искрена љубов што сакаме да ви ја пренесеме на сите вас. Многу верувам во ова младо момче. Ова е талент што се раѓа еднаш во сто години. И вие имавте такво момче, а тоа беше Тоше Проески. Градоначалникот на Крива Паланка е човек што ќе остане запишан во биографијата на Ајдин како човек што прв го поканил да одржи концерт – истакна професорот Брашниќ, ментор на Ајдин Османовиќ од Сребреник, Босна и Херцеговина.
Градоначалникот на Крива Паланка, пак, Сашко Митовски, заедно со својот тим организираше прекрасен настан, а сите гости беа топло и срдечно пречекани.
– Во рацете на сите педагози, учители, професори, се патоказите за младите кон иднината, кон промената на светот, а со силата во нивните умови, во младите – спие иднината. Мојата порака до младите е: „Бидете будни, вредни и за знаења жедни – иднината е во вашите раце! Честитки до најдобрите ученици и просветни работници – истакна градоначалникот Митовски на свечената академија.

Ф.Д.