Таленти: Анастасија Петреска, пијанистка
Анастасија Петреска е млада пијанистка од ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп, која последните години реди успеси, освојувајќи први награди не само на домашни, туку и на меѓународни натпревари. Последната ѝ беше на Меѓународниот натпревар во Гевгелија, каде што ја заврши сезоната шампионски, освојувајќи прва награда.
Анастасија Петреска со пијаното другарува од седум години. Таа е во класата на професорката Христина Никоска-Тасеска. Вели дека овој инструмент го одбрала бидејќи едноставно се заљубила во звукот на пијаното кога првпат слушнала како звучи. Нејзини омилени композитори и се Бетовен, Рахманинов, Шопен, Франц Лист и Бах.
По два-три часа дневно свири на пијаното, а кога има натпревари и по пет часа. Годинава имала три настапи – еден државен и два меѓународни.
– На државниот натпревар освоив прва или специјална награда со 100 бода, а на меѓународниот натпревар за хармоника и пијано „Акордеон арт плус“ во Сараево и меѓународниот натпревар за пијано во Гевгелија освоив, исто така, прво место – вели таа.
Нејзиниот сон да биде позната пијанистка веќе се остварува.
Анастасија учи во ОУ „Кире Гаврилоски“ и е седмо одделение.
Освен музиката ја интересира и историјата, многу ги сака театарот и глумата, а нејзин омилен актер е Борче Начев. Исто така, сака да црта, чита и да патува низ светот, а особено сака да оди во Италија и таму да ја продолжи својата кариера.