Васил Мукаетов

Во литературното катче „Од згода до згода, заграб бистра вода“, објавуваме песни на познатиот македонски писател Васил Мукаетов, од книгата „Поглед со двоглед“, инспирирани од творештвото на големиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков.

„Зрнце по зрне
– погача.
Капка по капка
– море.
Умниот Марко
собирал
сѐ што народот
премудро зборел.
Бисер до бисер,
течно
За да ни остане вечно!“
Ете, вака, со стихови, Мукаетов ни објаснува зошто ја напишал оваа негова книга.
– Во богатото творештво на Цепенков има приказни, умнозборки, пословици и поговорки. Некои од оние што се однесуваат на децата ги ставив во песни. И пак со желба – за поука и радост. И самиот Цепенков напишал: „Кога ќе и препееф пословиците, голема радос и лезет усетуеф“ – додава Мукаетов.


Што ќе посееш…

Некои не даваат
ни парченце чоколада.
А – бараат од другите
да им дадат.

Сум видел деца
ни капка не полеваат.
А сакаат во цвеќињата да уживаат!

Пчеличката
ако не слетуваше
од цветче на цвет,
ќе сонуваше мед!

Почитувај,
да те почитуваат.
Поздравуваш ли,
ќе те поздравуваат.
Речено за себични
луѓе без култура:

Посеале ветер,
ожнеале бура!

Ова се работи битни.
„што ќе посеиш, тоа ќе ти никнит“.

Песната „Што ќе посееш…“ е инспирирана од поговорката запишана и зачувана од Марко Цепенков, која гласи „што ќе посеиш, тоа ќе ти никнит“.


Наместо белешка за авторот

Васил Мукаетов е македонски писател за деца. Роден е во Кавадарци, а со своите читатели другарува уште од 1960-тите години, преку списанијата „Титов пионер“, „Другарче“ и „Колибри“, а денес е застапен и на страниците на „Другарче“ и „Развигор“.
Автор е на десетина книги: „Ти реков, ми рече“, „Ај погоди“, „Да нацртаме другар“, „Кој кого расте“, „Децата можат сѐ“ и други. Застапен е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. За неговата книга „Скокни, прескокни“ е добитник на наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија.