Нови книги
„Бушава азбука на музиката“ е малку необична азбука. Со нејзините букви не може да се научи да се пишува, но затоа пак може да се научи за музиката, таа да се слуша но и да се сака. Во оваа азбука има 31 буква. Секоја буква има своја приказна за музиката. Всушност, има две приказни. Едната приказна се однесува за музиката воопшто, додека втората се однесува на македонската музика. Книгата има цел да ја популаризира класичната музика.
Идејата да се направи ова дело е да се создаде „буквар“ за љубителите на музиката, меѓу сите генерации, образовни профили, со желба класичната музика да допре до секого.
Одамна е познато дека музиката влијае врз психата на човекот. Таа се нарекува „јазик на човековите емоции“, па поради тоа често се смета дека музиката е и „лек за душата“.
Големиот филозоф Платон пишува дека музиката ѝ е потребна на душата онолку колку што гимнастиката му е потребна на телото. Од тие причини и се создаде оваа книга. Повеќето приказни што се наоѓаат во ова печатено издание, во 2020 година се појавија на социјалните мрежи, кога светот запре пред новата болест и за која долго време се бараа начини за лекување, за намалување на смртноста, за спас за човештвото. Една од препораките за заштита и спречување на ширењето на болеста беше „Седете дома“. Најголем удел во користењето на културата за зачувување на менталното здравје, поради своите специфичности, има музиката.
Во напливот на информации по медиумите за состојбата и справувањето со вирусот, се појави „Бушавата азбука на музиката“ за да понуди сосема други информации, кои ќе претставуваат своевиден еликсир во зачувувањето на менталното здравје.
Се надевам дека овој лек придонесе да се ублажи и да се подобри духовноста кај луѓето.
„Бушава азбука на музиката“ со своите приказни и изборот на композициите се појави за да потсети дека на светот постојат и убави нешта. Книгата е збогатена со звучна и ликовна илустрација. Тоа значи дека таа содржи цеде на кое се наоѓа по една композиција, или нејзин дел, а секоја приказна започнува со илустрација на буквата. Звучната илустрација ја подготви композиторот Гоце Симоноски, а ликовната Ана Андонова.
Приказните во книгата не се подредени по азбучен ред. Започнува со буквата К – корона. На почетокот на пандемијата „корона“ беше зборот што најчесто се слушаше. Во музиката тој поим има сосема друго значење, па поради тоа мораше најпрво тоа да се објасни. Тоа значи дека сè започна од „короната“.
Книгата „Бушава азбука на музиката“ авторката ја подарува како „лек“ за
зачувување на менталното здравје во периодот на пандемијата предизвикана од ковид-19. Издавањето на книгата претставува проект од национален интерес за 2021 година, поддржан од Министерството за култура.
Соња Андонова, музиколог