ОД БЕЛЕЖНИКОТ НА ПИСАТЕЛОТ: ЦАНЕ АНДРЕЕВСКИ

Цане Андреевски е познат македонски поет, раскажувач и писател за деца. Роден е на 10 јули 1930 година во Кратово. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, а работел како новинар и уредник во Радио Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1957 година.
Од неговото богато и квалитетно творештво за деца ќе ги спомнеме поетските збирки: „Сончева порака“, „Што има ново“, „Планета со петел“ и „Шинато уво“, потоа збирката раскази „Јаготки“, која има неколку изданија и преведена е на неколку јазици, збирката приказни за деца „Дарби“, повестите за деца „Нашите први учители“ и „Остануваме на Ножот“. Тој ги објавил и поетските збирки за возрасни: „Добрина“, „Свечености“, „Сребрен поток“, како и книгата со разговори „Разговори со Конески“.

Од неговите најнови дела ќе ги спомнеме дидактичката книга за деца „Малата голема точка“ и збирката со хаику-песни „Дождот“. Цане Андреевски е добитник на наградите „Кочо Рацин“ и признание на РТВ Скопје на Струшките вечери на поезијата.
Но покрај што е татко на многу песни и новинарски статии, тој е татко на две деца и сопруг на познатата писателка за деца Оливера Николова, авторката на култната книга за деца „Зоки Поки“, но и на многу други книги за деца и за возрасни.

Андреевски во едно свое интервју вели дека нему на прво место му се децата, потоа бракот, пријателите, па пишувањето и дека веројатно тоа е тајната. Тој има хармонично семејство, долг брак и квалитетно и долго опстојување на македонската литературна сцена.
Се надеваме дека оваа убава песна што ја објавуваме од овој плоден автор, ќе ве поттикне во библиотеките и во книжарниците да најдете и други книги од писателот Цане Андреевски.


ТРГНУВАЊЕ КОН СОНОТ

Гаси едно светло,
гаси друго светло.
Мракот ќе ти рече:
„Слушни како тече
реката на сонот,
реката на сонот“.

Склопи една клепка,
Склопи друга клетка.
Мракот ќе ти рече:
„В таа тивка вечер
не мисли што било
ниту што те било“.

Мижи, само мижи
полноќта се ближи
мракот и да шушне
нема кој да слушне,
секој склопил очи,
секој има почин.

Гаси сѐ што свети,
мижи сѐ што гледаш.
Мракот ќе ти рече:
„Слушни како тече
реката на сонот,
реката на сонот“.