Во рамките на едукативниот проект „Светот на Биби“ се изработени осум анимирани приказни, во кои се истражуваат различни аспекти на социјалниот и емоционалниот развој кај децата, а ќе се емитуваат на македонската национална телевизија, почнувајќи од декември, како и дигитална „Книга на емоции“ на македонски и на албански јазик. Првата епизода „Дневник на убавите нешта“ премиерно беше прикажана на Јутјуб на македонски јазик
„Светот на Биби“ со нови анимации и сликовници за емоционален развој на децата
УНИЦЕФ, Амбасадата на Велика Британија во Скопје и „Светот на Биби“ почнаа нова иницијатива за поддршка на родителите при развивање вештини за користење активности за социјален и емоционален развој на децата преку игра. Проектот опфаќа серија анимирани приказни, сликовници и друг материјал за поддршка на социјалното и емоционалното учење во најраните години од животот. Иницијативата беше претставена деновиве на онлајн работилница, каде што родителите можеа да комуницираат со експерти и да добијат практични совети за активности со кои ќе им се помогне на децата да научат како да ги препознаат и да се справат со емоциите.
Преку игри, со анимирани кратки филмови, односно преку осумте анимирани епизоди се среќаваме со различни емоции на Биби и Боби, кои се справуваат со тагата, бесот, лутината, возбудата и среќата.
Новата иницијатива на УНИЦЕФ и „Светот на Биби“ подготвува и дигитална сликовница „Книга на емоции“, која ќе има отворен карактер со споделен линк и ќе биде достапна за сите.
– Ние, родителите, воспитувачите, но и општеството, треба да бидеме вклучени во социјалниот и емоционалниот развој на децата. Преку интегрирање на мислите, чувствата и однесувањето, може да се остварат овие важни животни задачи – рече Рејчел Галовеј, амбасадорка на В. Британија во Македонија.
За Артур Ајвазов, заменик-претставникот на УНИЦЕФ, секоја интеракција, поврзување и игра, колку и да е мала, може да го стимулира развојот на мозокот кај децата и да ги унапреди нивното здравје и благосостојба.
Искуството на наставниците покажува дека играта и раскажувањето приказни им помагаат на децата да ги изразат своите чувства, подобро да се согласуваат, да покажуваат емпатија кон другите во групата, да се грижат повеќе за околината и да се чувствуваат посреќно.
„Светот на Биби“ изработи осум анимирани приказни, во кои се истражуваат различни аспекти на социјалниот и емоционалниот развој кај децата, а ќе се емитуваат на македонската национална телевизија, почнувајќи од декември, како и дигитална „Книга на емоции“ на македонски и на албански јазик. Првата епизода „Дневник на убавите нешта“ премиерно беше прикажана на Јутјуб на македонски јазик.
Во изминативе три години, УНИЦЕФ и Амбасадата на В. Британија работеа на воведување сеопфатна програма за социјален и емоционален развој во сите јавни предучилишни установи низ земјата. Програмата не се однесува само на благосостојбата и развојот на децата во предучилишните установи туку и на нивните наставници.