Во „Колибри“, во десет продолженија, ќе можете да ја прочитате серијата раскази насловени „Од детството на Блаже Конески“ на писателот и публицист Мишо Китаноски, која пред да биде објавена во книга први ќе ја објавиме на нашите страници. Во годината кога прославуваме 100 години од раѓањето на овој великан на македонската култура, творец и кодификатор на македонскиот литературен јазик, ќе можете да се запознаете со детските години и растењето на Конески
ЕКСКЛУЗИВНО ВО „КОЛИБРИ“: СЕРИЈА РАСКАЗИ „ОД ДЕТСТВОТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ“ НА ПИСАТЕЛОТ МИШО КИТАНОСКИ (2)
Во Небрегово, родното село на Блаже Конески, имало само неколку чешми од кои жителите се снабдувале со вода. Тука е и реката, која од есенските дождови и во зимите од снеговите се полнела со вода, но затоа, пак, летно време одвај имала сосема малку вода.
Една вечер, кога сите од семејството биле седнати да вечераат, Јордан, таткото на Блаже, по неколкуте залаци од лебот, рекол:
– Татко, обраќајќи му се на Коне, вака не можеме повеќе, вода на сите сѐ повеќе ни треба, ама ја нема во чешмите. Решив да ископам бунар во нашиот двор!
Дедото Коне, неговиот татко, откога сите со радосни лица го слушнаа она што го кажа Јордан, продолжи:
– Убав ти е предлогот синко, само дали ќе можеш ти да ископаш бунар. Тоа е тешка работа и бара знаење. Но Јордан му врати:
– Татко не бери гајле. Малку за ова учев во земјоделското училиште, ама уште повеќе научив од еден копач на бунари во Прилеп.
Кога го слушна ова Блаже, најмногу се израдува зашто ќе имаат бунар во нивниот двор и не ќе мораат баба му Дунавка и мајка му Зака да чекаат на ред пред најблиската чешма, од која одвај малку тече вода. Од радост, Блаже долго во ноќта не можел да склопи очи и да заспие, а кога се разбудил видел дека татко му Јордан веќе врши подготовки за да почне да го копа бунарот…
– Овде ќе го ископам бунарот. Тука чувствувам дека има најблиску и најмногу вода, му рече Јордан на татка си Коне, но тоа убаво го слушна и Блаже и уште повеќе се израдува.
Јордан веднаш се зафати со работа, ги донесе алатите, а потоа нацрта голем круг на крајот во дворот. Двајцата, дедото Коне и Блаже со внимание го следеа секое движење на Јордан, а кога го удри првиот копач во земјата во средината на кругот, погледна кон нив двајцата и продолжи да удира уште многу пати, собирајќи ја ископаната земја во една голема вреќа, додаде:
– Татко, само синот Блаже нека биде тука, ќе треба одвреме-навреме да ми помага, ти слободен си, можеш да си го работиш тоа што си го планирал… за денес и за другите денови.
Кога ги слушна овие зборови, Блаже како да доби крилја и премногу се израдува. Тој на татко му Јордан ќе му помага во копањето на бунарот и се радуваше… Толку се радуваше што мислеше дека ќе полета…
Јордан го почна копањето и подѕидувањето на бунарот во нивниот двор, а ископаната земја ја полнеше во вреќата, Блаже, пак, полека ја подигаше со јажето и ја истураше во близината на авлијата. Така тоа траеше десетина-петнаесет дена, Блаже не чекаше наутро, никој да го разбуди, туку тој пред сите веќе беше во дворот и чекаше да му помага на татка си. А татко му знаеше да ја посака малата копачка, понекогаш и висакот, но и помалите камења со кои го подѕидуваше бунарот, а најмногу вреќата да ја полни со ископаната земја. За сето тоа, тука беше Блаже кој радосно поттрчуваше и му помагаше на татка си.
Работата на Јордан со љубопитство ја следеа луѓето собрани во дворот, гледајќи како се копа бунар, а најмногу децата со кои другаруваше Блаже. Тој навечер, кога ќе се собереа неговите другарчиња во дворот, им кажуваше како работи со татко му и како тој му помага. А кога Јордан се беше спуштил десетина метри во ископаниот бунар, со силен глас што доаѓаше од длабината на бунарот, викна:
– Најпосле дојдовме до водата… Еве веќе таа полека извира… Почнува бунарот да се полни со вода.
И така потпирајќи се со нозете на ѕидот што самиот го изѕида околу бунарот се искачи и седна на столчето што му го донесе Блаже. Откога малку се одмори, тој радосно додаде:
– Бунарот доволно се наполни со вода, дајте ми едно стомне да го наполнам со водата и да ја пробаме!
Блаже со трчање влезе во куќата и викна:
– Мамо, бабо, дајте едно стомне, тато да го наполни со вода од нашиот бунар.
Мајка му веднаш го направи тоа и Блаже веќе му го подаде на татка си, озарен од радост…
Татко му Јордан го врза стомнето со јаже и полека го спушти во бунарот. Кога тоа се наполни, тој полека го извлече јажето и стомнето се појави полно со вода. Дојдените луѓе се наведнуваа и гледаа колку е длабок бунарот и како полека во него надоаѓа вода и се полни, кога се слушна гласот на дедото Коне:
– Јордане, сине, првата голтка вода од стомнето ќе ја испие внукот Блаже, зашто тој за цело време додека се копаше бунарот ти помагаше. Тој беше твојот најдобар помошник.
Кога го слушна ова Јордан и откога ја избриша уште еднаш потта од челото, радосно рече:
– Ваков добар помошник никој досега немал. Блаже (покажувајќи со раката кон него) еден ден ќе биде моја вистинска замена, вистинска гордост и работливост.
По ова, таткото Јордан му го подаде стомнето на Блаже, прв да се напие од водата што веќе го исполнувала бунарот. Гледајќи го тоа, дедото Коне од радост подвикна:
– Луѓе, ако има бунарот вода за нас, ќе има вода и за сите во Небрегово…
За авторот
Мишо Китаноски е роден во Вевчани. Бил новинар, уредник и главен и одговорен уредник на весници, ревии и списанија. Ги објавил книгите: „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“ (песни за деца), „Потпис: Сандра“ (поезија за возрасни), „Летописи за македонските села“ (приказни и рецензии), како и публицистичките изданија. „Бела книга – црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина“ и „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, а приредил и неколку зборници. Последно негово објавено дело е збирката раскази „Прстен и парфем“.
Негови прилози се застапени во буквари, читанки, прирачници и антологии, а неговите дела се преведувани на англиски, руски, бугарски, романски, албански, словенечки, српски и на други јазици.
Според негови сценарија се снимени и емитувани повеќе од десет ТВ-документарни филмови. Живее и пишува на релацијата Скопје – Вевчани и обратно.