Без разлика што се случува сега, вирусот ќе продолжи
да кружи во целиот свет
Коронавирусот што предизвикува ковид-19 разболе милиони луѓе и се прошири на сите континенти. Беснее во земји што никогаш не го контролираа вирусот. Се повторува во многу од оние што успеаја да го сторат тоа. Ако некогаш имало можност кога би можел да се контролира овој коронавирус, таа веројатно исчезна. Еден исход сега изгледа речиси сигурен, а тоа е дека овој вирус никогаш нема да исчезне.
Коронавирусот е едноставно премногу распространет и премногу пренослив.
Најверојатно сценарио, велат експертите, е дека пандемијата ќе заврши во одреден момент, затоа што доволно луѓе ќе бидат заразени или вакцинирани, но вирусот ќе продолжува да циркулира на пониски нивоа низ целиот свет. Случаите ќе се намалат со текот на времето. Одвреме-навреме ќе се појавуваат епидемии. Дури и кога ќе пристигне многу очекуваната вакцина, таа веројатно ќе го потисне, но никогаш нема целосно да го искорени вирусот. За споредба, имајте предвид дека вакцини постојат за повеќе од десетина човечки вируси, но само еден, вирусот на сипаници, некогаш е искоренет од планетата, и за тоа беа потребни 15 години неизмерна глобална координација. Веројатно ќе живееме со овој вирус и остатокот од нашите животи.
Зимоска, службениците од јавното здравство имаа поголема надеж за САРС-ков-2, коронавирусот што предизвикува ковид-19. САРС, тесно поврзан коронавирус, се појави во 2002 година и зарази над 8.000 луѓе, но беше запрен преку интензивна изолација, лоцирање контакти и карантин. Вирусот го снема кај човекот до 2004 година. САРС и САРС-ков-2 се разликуваат на клучен начин. Новиот вирус се шири полесно и во многу случаи асимптоматски. Стратегиите што успеаја со САРС се помалку ефикасни кога некои од лицата што пренесуваат ковид-19 дури и не знаат дека се заразени. Експертите велат оти нема да може да се прогласи победа како над САРС.
Но ако не може да се стори тоа, тогаш како ќе изгледа иднината на ковид-19? Тоа ќе зависи од јачината и времетраењето на имунитетот против вирусот, вели Џонатан Град, истражувач на заразни болести од „Харвард“. Ако имунитетот трае само неколку месеци, може да има голема пандемија по која ќе следуваат помали секоја година. Ако трае до две години, ковид-19 би можел да го достигнува врвот секоја втора година.
Во овој момент, нејасно е колку е траен имунитетот кон ковид-19. Вирусот едноставно не ги инфицирал луѓето доволно долго за да знаеме. Но поврзаните коронавируси се разумни за споредување. Кај САРС, антителата исчезнуваат по две години. Антителата кај неколку други коронавируси што предизвикуваат вообичаени настинки исчезнуваат за само една година.
Сево ова има импликации и за вакцината. Наместо да се прима еднаш, таа може да се прима еднаш годишно или на неколку години.
Дури и ако вирусот некако е отстранет од човечката популација, тој може да циркулира кај животните и повторно да се рашири меѓу луѓето. САРС-ков-2 најверојатно потекнува од лилјаците, при што сè уште е неидентификувано животното што беше посредник, што може и понатаму да биде домаќин на вирусот. Експертите велат оти луѓето може да инфицираат нови видови и да создаваат нови домаќини меѓу животните. Постоењето на животни што можат повторно да го инфицираат човекот, исто така е причина зошто научниците не зборуваат за „искоренување“ на овие вируси. На пример, вирусот ебола потекнува од лилјаци. Иако пренесувањето ебола од човек на човек заврши со епидемијата во Западна Африка во 2016 година, вирусот сè уште е некаде на Земјата и сè уште може да ги зарази луѓето ако го најде вистинскиот домаќин. Во 2018 година, еболата повторно изби во ДР Конго. Еболата може да се ограничи со изолација или со нова вакцина, но не може да се „искорени“.
Во најдобро сценарио, вакцина и подобри лекови ќе ги намалат последиците од ковид-19. Со текот на времето, САРС-ков-2 би станал само уште еден сезонски респираторен вирус, како и четирите други коронавируси што предизвикуваат значителен дел од обичните настинки. Овие коронавируси се толку чести што веројатно сите сме ги имале во одреден момент, можеби дури и повеќепати. Може да предизвикаат сериозни последици, особено кај постари лица, но обично се доволно благи за да не се најдат на радарот. Едно сценарио е дека САРС-ков-2 ќе биде петтиот коронавирус што редовно ќе циркулира кај луѓето. Всушност, виролозите се прашувале дали обичните коронавируси, исто така, почнале како пандемија, пред да се решат како рутински вируси.
Кај вирусите секогаш постои рамнотежа меѓу тоа колку се заразни и смртоносни. САРС и САРС-ков-2 се илустративни за споредување. Поранешниот вирус уби многу поголем процент на пациенти, но исто така не се шири толку лесно. Вирусот сака да се шири, а тоа може да го прави полесно меѓу живи домаќини. Другите четири коронавируси, исто така, можеби се помалку смртоносни затоа што сите сме се соочиле со нив како деца, па дури и ако нашиот имунитет не спречува повторно да се заразиме, сепак може да спречи тешка болест. Сево ова, заедно со имунитетот од вакцините, значи дека ковид-19 најверојатно ќе биде помалку смртоносен.
Грипот исто така е добар за споредба. Грипот всушност не е само еден вирус, туку повеќе сезонски вируси. По пандемиите како грипот Х1Н1 во 2009 година, кој беше познат и како свински грип, пандемскиот вид едноставно не исчезна. Наместо тоа, тој се претвори во сезонски вирус на грип што кружи цела година, но достигнува врвови во зима. Потомци на пандемијата од 2009 година има и денес како сезонски грип. Сезонските врвови никогаш не достигнуваат пандемски височини поради имунитетот на населението. Некогаш може да се појави нов вид за кој луѓето немаат имунитет и ќе предизвика нова пандемија, а потоа ќе стане доминантен сезонски вирус.
Долгорочните прогнози за ковид-19 нудат надеж за враќање во нормала.
– Мислам дека овој вирус ќе биде со нас и во иднина. Но така е и со грипот, а тој во најголема мера не ги затвора општествата, туку успеваме се справиме со него – вели Рут Карон, истражувачка на вакцини од „Џонс Хопкинс“.