Потпирајќи се на долгогодишното искуство во предвидување на светските ризици и трендови во американската разузнавачка заедница, аналитичарите Метју Буроуз и Роберт А. Менинг од „Нешенел интерест“ анализираат што може да ја бранува 2023 година од перспектива на САД и на светот. Конфликти, економска криза, влошување на климатските промени, силни поделби… се само дел од предизвиците што аналитичарите посочуваат дека ни претстојат во новата година за да се соочиме со нив

Фактот дека повеќето од ризиците се меѓусебно поврзани значи дека намалувањето на кој било поединечен ќе влијае и на намалувањето на другите ризици, но и обратно. Затоа, корисно е да се истражи секој ризик поединечно.

Прв ризик: Многубројни кризи извираат од
украинскиот конфликт

Засега е мистерија како и кога ќе се случи финалниот исход во Украина. Сепак, многубројните кризи што произлегуваат од конфликтот, како енергетската и прехранбената несигурност, инфлацијата и економското забавување, може да предизвикаат „замор од Украина“. Како што доаѓа зимата, а конфликтот забавува, и двете директно инволвирани страни ќе се обидат да ја зајакнат својата позиција, за секој случај, во пресрет на евентуалното, но малку можното почнување на мировните преговори. Имено, во контекст на решение со преговарање, па дури и прекин на огнот и стабилно примирје, според анализите, сè уште е прерано, бидејќи и двете страни се убедени „дека можат да победат“.
Во секој случај, украинскиот конфликт генерира повеќе меѓусебно поврзани ризици. Тие „висат како меч“ во нареднава година и се идентификуваат како: тековен замрзнат конфликт, ескалација доколку САД/НАТО испратат дополнително напредно оружје во Киев, руска употреба на нуклеарно оружје доколку Киев се обиде да го заземе Крим, Европа да се „измори“ од конфликтот додека започнува рецесијата и поделба на САД и ЕУ околу квантитетот и квалитетот на воената помош што треба да продолжи да му се обезбедува на Киев. Затоа украинската мегакриза и „мајка на многу дополнителни кризи“ е калкулирана како прв ризик во 2023 година.

Втор ризик: Недостиг од храна

Светската програма за храна (ВФП) го истакна „огнениот прстен“ на глад и неухранетост што се протега низ целиот свет, од Централна Америка и Хаити, преку Северна Африка, Сахел, Гана, Централноафриканската Република и Јужен Судан, а потоа кон исток до Рогот на Африка, Сирија и Јемен, па до Пакистан и Авганистан. Бројот на луѓе што се соочуваат со акутна несигурност за храна се искачи од 135 милиони на 345 милиони од 2019 година. Дури и ако конфликтот во Украина се реши по мирен пат и идните пратки жито од Украина не се загрозени, недостигот од храна сè уште ќе постои. Покрај конфликтот, и климатските промени, кои предизвикуваат посериозни суши и менување на врнежите, се главен двигател на несигурноста за храна и веројатно нема ефективно да се ублажат во 2023 година. Зголемените трошоци за дизел-гориво и ѓубрива, влошени од украинскиот конфликт и проблемите со синџирот на снабдувањето, ги зголемија трошоците за хранење на добитокот.

Западните земји се на списокот за давање финансиска помош за земјите во развој со нивната транзиција кон пониска емисија на јаглерод

Трет ризик: Раст на тензиите на Блискиот Исток

Како и со конфликтот во Украина, аналитичарите веќе предупредуваат на опасен нов американски и/или израелски конфликт со Иран. Иранскиот нуклеарен договор, кој беше на работ на успехот само пред неколку месеци, сега е во мирување, а секако е ставен „ад акта“. Иран го забрзува производството на високозбогатен ураниум. САД сѐ повеќе инсистираат да го обликуваат светското јавно мислење дека „Техеран е само на чекор од тоа да има доволно ураниум за производство на нуклеарна бомба“ и дека „за две или помалку години може да испорача боева глава со нуклеарен капацитет“. Котелот на Блискиот Исток, поточно во Иран, не клокоти само по оваа основа. Имено, иранската испорака на дронови и ракети за Русија додава нова димензија на конфронтацијата и поттик за нови санкции. Иран може да биде на чекор од политичка револуција, за која мали се шансите да се случи, но може да има сериозни последици.

Четврти ризик: Продлабочување на должничките кризи на земјите во развој

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) предупреди дека 54 земји со ниски и средни приходи имаат „сериозни должнички проблеми“. Овие земји сочинуваат 18 отсто од светското население, што е повеќе од 50 отсто од луѓето што живеат во екстремна сиромаштија и 28 од топ 50-те најранливи земји во светот. Земјите со ниски приходи, како Сомалија и Зимбабве, се на врвот на листата на економски загрозени земји на УНДП, но „Оксфорд економикс“ оценува дека многу земји во развој ќе ја надминат бурата, откако веќе ги намалија трошоците на почетокот на надолниот циклус. Ужасните фискални околности на повеќето земји во развој се лош знак за постигнување на целите за одржлив развој на ОН до 2030 година. Наместо тоа, светот во развој најверојатно ќе се соочи со поголема сиромаштија, помалку образовни подобрувања и намалена способност за борба против климатските промени во 2023 година.

Климатските промени, сушите и поројните врнежи се битен фактор за несигурноста на производството на храната

Петти ризик: Драматично зголемување на светскиот долг

Многубројните кризи од зголемените каматни стапки, силниот долар, рецесијата во Европа, забавувањето на кинеската економија и неизвесноста околу Украина, според светските аналитичари, веројатно ќе предизвикаат нова регионална, па дури и светска финансиска криза. Големината на светскиот долг е значително поголема од онаа за време на финансиската криза 2007-2008 година, а фискалните услови во големите земји на ОЕЦД се попроблематични. Уште позагрижувачко е намаленото ниво на меѓународна соработка. Помалку е веројатно дека републиканскиот конгрес ќе одобри проширување на ресурсите на ММФ и Светската банка што се потребни за да се спречат неисполнувањата на обврските и да се преструктурира долгот, особено во земјите во развој, но и потенцијално во Италија. Судејќи според состанокот на Г20 во ноември во Бали, координирачките напори на Г20 за управување со долгот се несоодветни. Кина, најголемиот доверител на земјите во развој, претпочита да управува со долгот билатерално. Затегнатите односи меѓу САД и Кина сугерираат дека соработката меѓу Пекинг и Вашингтон ќе биде во надолен тренд во 2023 година.

Шести ризик: Влошување на меѓународната соработка

Мултилатералниот трговски систем се распаѓа. Г20 бавно ги смирува растечките должнички кризи меѓу најтешко погодените земји. Светската банка е под жестоки критики од земјите во развој, затоа што не префрли повеќе финансии во борбата против климатските промени. Се забележува пасивност од страна на мултилатералните институции за соочување со денешните предизвици, западниот (нео)либерален поредок по Втората светска војна ќе се распадне, особено во очите на многу земји од глобалниот југ, кои сега гледаат дека нивните шанси за брз економски развој се намалуваат. Друга последица на економскиот национализам што предизвикува неуспех да се соработува во реформирањето и ажурирањето на глобалните институции е поделба на меѓународниот поредок во регионални кластери и неефикасните конкурентни норми и стандарди. Распадот на досегашниот систем, во еден преоден период, според аналитичарите, би ги зголемил ризиците од поголема сиромаштија, национализам и конфликт, затоа што оние што сакаат да опстои стариот систем, не ги пропуштаат „новите ветришта на промена“.

Седми ризик: Технолошка поларизација и поделеност

„Бостон консалтинг груп“ проценува дека доколку големите сили се обидат да постигнат целосна самодоволност во полупроводниците, како што сака администрацијата на Бајден, почетната инвестиција би можела да достигне една илјада милијарда долари, а чиповите би чинеле 35 до 65 отсто повеќе. Како што се вжештува кинеско-американската технолошка војна, Западот настојува Кина да нема пристап до многу странски производи и ќе треба да ги замени со домашни.
Во контекст на седмиот ризик, студијата на глобалниот институт „Мекинси“ покажа во испитувањето на 81 технологија во развој дека Кина досега користела светски стандарди за повеќе од 90 отсто од нив. Во многу од тие случаи, Пекинг се потпира на странски мултинационални компании за 20-40 отсто од потребните инпути. Бидејќи полупроводниците играат сè поголема улога во сите производи за широка потрошувачка, не само во електрониката или во технолошката опрема од високата класа, пазарите за сите производствени стоки веројатно ќе се поделат со повеќе трошоци и ќе има помал избор за потрошувачите. Значи, според аналитичарите, „ризикот во технолошката поларизација и поделеност е реален за 2023 година“.

Иранската испорака на дронови и ракети за Русија додава нова димензија на конфронтацијата
на Блискиот Исток

Осми ризик: Влошување на влијанието од климатските промени

Повеќето научници мислат дека светот наскоро ќе го достигне порастот од 1,5 Целзиусов степен и дека е на пат за евентуален пораст од 2,2 Целзиусови степени на просечните температури, доколку земјите не се обврзат да ги намалат вкупните емисии на стакленички гасови за 43 отсто. Потопла клима значи подолги суши и поплави, како и опасни промени во врнежите што би можеле да ги нарушат земјоделските приноси. Единствената полусветла точка на КОП27 беше договорот за нов фонд за „загуби и штети“, кој ќе им помогне на земјите во развој да ги покријат трошоците од влијанието на климатските промени. Западните земји веќе се на списокот за давање финансиска помош за земјите во развој со нивната транзиција кон пониска емисија на јаглерод, но не ги исполнија тие ветувања.

Деветти ризик: Продлабочување на тензиите меѓу САД и Кина

И покрај средбата на претседателите на САД и Кина на ноемврискиот самит, каде што двајцата лидери започнаа напори за стабилизирање на односите, сепак суштинските разлики остануваат. Започна првичното продолжување на трговијата, борбата против климатските промени и дијалозите за одбраната, но разликите од двете страни може да ги нарушат сите досегашни какви-такви достигнувања.

Расцеп на светската економија на два самостојни блока, западен и источен економски блок, ќе доведе до тектонски економски поместувања

Десетти ризик: Прашањето во врска со Северна Кореја

Владите на САД и на Јужна Кореја ја предупредуваат светската јавност на „подготовки за седма нуклеарна проба на Северна Кореја“. Тие создаваат дополнителни тензии и наметнуваат дека се реални ризиците по целиот свет за „тестирањето спектар на балистички ракети од страна на Пјонгјанг (86 теста во 2022 година) со крстосувачки ракети, тактички нуклеарни, мобилни проектили со среден дострел и интерконтинентални балистички ракети“. Ако се случи седмиот тест и Пекинг стави вето на санкциите на Советот за безбедност на ОН со цел да се казни Северна Кореја, јазот во односите меѓу САД и Кина веројатно ќе се продлабочи. Затоа, според аналитичарите, овој ризик е ставен, иако последен, како реален.

Ризици во заднина, со помала веројатност да се случат

Покрај тоа, има низа ризици во заднина што не можат да се предвидат и кои би имале катастрофални последици. Меѓу нив се џиновски астероид широк 9,6 километри, сончева бура што може да исфрли големи количества магнетно наелектризирани честички на Земјата, кои би можеле да ги оневозможат мрежите со недели или месеци, како и изложеност на радиоактивни гама-зраци од длабоката вселена. Како што беше случајот со пандемијата, илјадници вируси на планетата би можеле да предизвикаат идни пандемии, а некои да бидат потешки од ковид-19.

Голема е веројатноста земјите во развој да се соочат со поголема сиромаштија