Библиотеката во Тонгџоу

Големиот Канал, библиотеката „Тонгџоу“ и голем број модерни фабрики ја прават исклучително привлечна областа оддалечена дваесетина километри од центарот на Пекинг, која плени со својата убавина и атрактивност

Репортажа од Пекинг, Народна Република Кина

Богатата историја и тековната модернизација на Кина се испреплетени во областа Тонгџоу на периферијата на главниот град Пекинг, овозможувајќи импресивен спој на зачувани древни национални традиции и на напредни технолошки иновации, кои опстојуваат заедно во совршена хармонија. Големиот Канал, библиотеката „Тонгџоу“ и голем број модерни фабрики и компании ја прават исклучително привлечна областа оддалечена дваесетина километри од центарот на Пекинг, која плени со својата убавина и атрактивност.

Големиот Канал е дел од културното наследство на УНЕСКО

Големиот Канал што протекува низ Тонгџоу претставува еден од најзначајните инженерски подвизи на древна Кина (опфаќа вкупна должина од 1.700 километри и потекнува од петтиот век), поради што со право е впишан во Светската листа на културно наследство на УНЕСКО од 2014 година. При крстосување со брод низ некогашната главна трговска и комуникациска маршрута на кинеската империја, наизменично можат да се забележат модерни облакодери и традиционални градби, како и разни видови на мостови од различни периоди, што ја покажува шареноликоста на Тонгџоу.

Современа фабрика од дејноста на роботиката

Високотехнолошките фабрики даваат поглед кон иднината

Од друга страна, високотехнолошките фабрики и компании распространети низ областа даваат своевиден поглед во иднината со нивните импресивни остварувања, претставувајќи симбол на кинескиот напредок, модернизација и голема работливост. Автоматизирани роботи и паметни автомобили, преносни објекти за домување што се напојуваат на соларна енергија и нови електрични уреди со високи перформанси се само дел од пронајдоците што го прават Тонгџоу врвен технолошки центар.
За време на демонстрацијата на спортски автомобил на компанијата „Шаоми“ беше прикажано како возилото со помош на современи сензори и системи за навигација се паркира без да биде управувано од возач. Ова технолошко чудо е достапно за околу 70 илјади долари во Кина и наидува на голем интерес меѓу купувачите, што ја покажува потрошувачката моќ на кинеското општество.
Напредното користење на роботиката и вештачката интелигенција исто така беше демонстрирано за време на посета на локална фабрика што произведува уреди што се користат за иновативно лекување во медицината. Работилницата за изработка на филигран во Тонгџоу, пак, ја покажува употребата на модерна технологија при традиционални занаети со истовремено зачувување на вештините наследени низ генерации. Таа исто така сведочи за трпеливоста, прецизноста и посветеноста на детали на кинеските работници.

Автомобил што сам се паркира

„Шумата на знаење“ една од највпечатливите атракции

Една од највпечатливите атракции на Тонгџоу со сигурност претставува библиотеката со футуристички дизајн, наречена „шума на знаење“ поради своите 144 столба слични на крошни од дрвото гинко, кои го поддржуваат покривот. Ова здание што се протега на 75 илјади квадратни метри може да се пофали и со најголемиот отворен простор наменет за читање на светот, на површина од 21.809 квадратни метри.
Со над осум милиони збирки на книги, библиотеката обезбедува релаксирачки простор за читање, академски семинари и славење на културното богатство на Пекинг и Кина, целосно бесплатно за нејзините посетители.
Библиотеката е опремена и со најголемиот автоматизиран систем за складирање и пребарување книги во Кина, благодарение на кој корисниците преземаат книги користејќи екрани на допир и сензори. Тие исто така имаат можност да користат современи компјутери, што го олеснува нивниот пристап до информации и знаења.
Впечатливите карактеристики на Тонгџоу го покажуваат развојот на областа со фокус кон одржливоста и квалитетот на животот на локалното население, преку тежнеење кон постојан напредок, но со зачувување на автентичните национални традиции.

Украсни скулптура во работилницата за филигран
Преносен објект што се напојува со соларна енергија

Милко Живковиќ, наш известувач од Кина