Милиони луѓе се соочуваат со глад, бидејќи конфликтот се комбинира со финансиските и климатските шокови, вели Еди Вакс за „Политико“
Дали на светот му се потребни системски промени?
Шестмесечниот конфликт меѓу Русија и Украина, кои се две големи житници, предизвика хаос во светскиот систем на храна, оставајќи милиони луѓе соочени со глад. Конфликтот ја влошува кризата, која веќе е поттикната од климатските промени, зголемените трошоци за живот и зголемената цена на ѓубривата што ја создаваат најакутната светска криза со храна во последните децении. Договорот со посредство на ООН за повторно отворање на Црно Море за премин на бродови со храна можеби не е доволен за да им донесе олеснување на милиони луѓе што се борат да дојдат до храна низ Африка, Азија и Блискиот Исток.
Хуманитарните агенции се трудат да се подготват за уште покритични нивоа на глад, бидејќи се соочуваат со годишен јаз од 14 милијарди евра во трошоците за безбедноста на храната, според извештајот за 2020 година на експертската група „Церес 2030“. Конфликтот во Украина, која важи за главна житница во Европа, сериозно ги потресе светските пазари на храна, принудувајќи ги хуманитарните агенции да ги намалат оброците на храна во земји како Јемен. Триесет и шест земји се потпираат на Украина и на Русија за повеќе од половина од нивниот увоз на пченица. Специјална работна група на ООН за кризи следи повеќе од 60 земји што се борат да платат за увоз на храна. Високите цени на енергијата и нестабилноста на пазарите на храна извршија дополнителен притисок врз земјите во развој со ограничени буџети. Како што сè повеќе луѓе се гладни на светско ниво, така станува сè подалечна целта на ООН да му се стави крај на гладот до крајот на деценијата.
Сушата што го зафати Рогот на Африка ќе остави околу 26 милиони луѓе соочени со недостиг од храна во Кенија, Етиопија и Сомалија во следните шест месеци. Повеќе од седум милиони грла добиток веќе угинаа. Во цела Источна Африка, околу 50 милиони луѓе се соочуваат со акутна несигурност во храната. Во Либан, исто така голем увозник на руска и украинска пченица, вистинската инфлација на храната изнесува 122 отсто. Инфлацијата на домашната цена на храната е висока речиси во сите земји со низок и среден приход, според Светската банка. Тоа значи дека е тешко луѓето да си дозволат храна дури и на места каде што нема недостиг. Луѓето плаќаат повеќе за основните потреби насекаде, од Перу до Бурунди. Според Светската програма за храна, рекордно високо ниво од 49 милиони луѓе во 46 земји би можеле да се соочат со глад или „услови слични на глад“ во кризата со храна. Меѓу најпогодените се Етиопија, Нигерија, Јужен Судан, Авганистан, Сомалија и Јемен.
Процес што тешко се одвива
Договорот меѓу Русија, Украина, Турција и ООН за обнова на извозот на храна од украинските пристаништа на Црно Море помогна донекаде да се олеснат пазарите. Цените на пченицата се намалија за 14,5 отсто меѓу јуни и јули, поттикнати од шансите за извоз на околу 20 милиони тони жито што останаа во украинските силоси. Но договорот започна бавно и несигурно откако беше потпишан на 22 јули. Украина, иако беше оптимист дека ќе го донесе многу потребното финансиско олеснување за своите земјоделци, вели дека има само „мали шанси“ да успее договорот. Десетина брода што досега се снајдоа на поморскиот коридор, во голема мера беа оние што беа заглавени во украинските пристаништа од избувнувањето на конфликтот и остануваат огромни предизвици за да се натераат бродовите да пристигнат во број, вклучувајќи ги и оние изнајмени од ООН, кои носат помош во храна. Дури и ако Украина и Русија извезуваат со полн капацитет, експертите се претпазливи дека договорот може лесно да се поништи.
Големи суши
Многу делови од светот се соочуваат со екстремни временски феномени делумно поради климатските промени. Екстремните горештини во Јужна Азија и САД и сушата во големи делови од Европа и Источна Африка и Кина значеа загуба на големи количества земјоделски култури, што ја прави достапната храна поскапа. Скокот на цената на ѓубривата, исто така, го поскапи одгледувањето храна. Еден официјален претставник на ООН предупреди дека кризата е „огромна“ и се заканува да ја продолжи кризата со глад доколку земјоделците низ светот користат помалку од хемикалиите што го зголемуваат приносот за да ги спасат своите реколти. Цената на вештачкото ѓубриво веќе беше висока пред избивањето на украинскиот конфликт, но поради зависноста на индустријата од природен гас, која исто така вртоглаво порасна по војната, таа се зголеми уште повеќе.
Се појавија низа меѓународни политички иницијативи за справување со кризата, вклучувајќи и од Франција и Германија, но експертите веруваат дека тие нема да бидат ефективни без голема инјекција на готовина. Светската програма за храна донира осум милијарди долари оваа година, но потребни се вкупно 22 милијарди долари. Доколку влезат парите, итна помош може да помогне да се избегнат најлошите пустоши од кризата со глад оваа година, но експертите велат дека на светот му требаат системски промени.