Шансите за голема офанзива во Украина ја ставија во фокусот европската зависност од руска енергија, поради што се јави иницијатива за барање алтернативни снабдувања со енергенти, пишува Џејмс Мекбрајд за ЦФР
Енергетската улога на Русија на Стариот Континент
Стравовите од можна офанзива во Украина од исток го крена алармот кај САД и кај нивните европски сојузници, делумно поради потенцијалот за големи нарушувања на европскиот енергетски пазар, кој останува многу зависен од руската нафта и гас. Доколку се случи упад во Украина, тоа може да предизвика откажување на нерешените проекти, вклучувајќи го и гасоводот „Северен тек 2“, додека рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе го ограничи извозот на енергија. Во обид да ја ублажи таквата криза, Белата куќа ги предводи напорите за пронаоѓање алтернативи на снабдувањето со енергија во Европа, но експертите велат дека секое решение ќе има болно висока цена.
Каква е енергетската состојба на Русија?
Русија е трета земја во светот по производство на нафта и втора по производство на природен гас. Според некои процени, фосилните горива сочинуваат 14 отсто од економското производство на нацијата. Приходите од секторот одразуваат повеќе од 40 отсто од федералниот буџет. Во последниве години, Русија ги искористи приходите од енергијата за да акумулира околу 630 милијарди долари девизни резерви. Голем дел од енергетското производство на Русија е наменето за задоволување на европската побарувачка, особено природен гас испратен преку мрежата на гасоводи од советската ера што минуваат низ Украина и другите источноевропски земји. Москва се обиде да изгради нови гасоводи, вклучувајќи го и контроверзниот „Северен тек 2“, за да ги заобиколи постарите мрежи. Таа, исто така, одобри нов гасовод до Кина, иако продажбата на гас таму ќе биде само мал дел од она што се извезува за Европа.
Колку Европа се потпира на рускиот гас?
Кремљ зависи од приходите од Европа, додека Европа зависи од руската енергија. Но многу аналитичари велат дека зависноста на Европа значи дека со наметнувањето построги санкции кон Русија, се ризикува да настане сериозно оштетување на нејзините енергетски резерви. Севкупно, Русија обезбедува околу една третина од европската потрошувачка на природен гас, што се користи за зимско греење, како и за производство на електрична енергија и индустриско производство. Европската Унија (ЕУ), исто така, се свртува кон Русија за повеќе од една четвртина од нејзиниот увоз на сурова нафта, најголемиот единствен извор на енергија во блокот. Португалија и Шпанија користат малку руска енергија, додека Германија, најголемата европска економија, добива повеќе од половина од природниот гас и повеќе од 30 отсто од резервите на сурова нафта од Русија. Франција добива најголем дел од својата електрична енергија од нуклеарна енергија, но сепак се потпира на руски увоз за да ги задоволи потребите од фосилни горива.
Како „Северен тек 2“ може да влијае на оваа врска?
Доколку биде одобрен, „Северен тек 2“ ќе дозволи поголем дел од рускиот извоз на природен гас во Германија да ја заобиколи Украина и другите сегашни транзитни земји. Ова беше контроверзно од самиот почеток. Критичарите, вклучувајќи го и Вашингтон, предупредија дека тоа ќе ѝ даде на Москва поголемо влијание врз европските земји и потенцијално ќе ги прошири политичките поделби. Полска и Украина се загрижени дека гасоводот ќе ги лиши од милијарди долари во годишни транзитни такси. За многу набљудувачи, овие опасности повторно станаа актуелни кон крајот на 2021 година, бидејќи Русија се воздржа од испораката на дополнителни количества гас во услови на скок на побарувачката на енергија. Резултатот беше тројно зголемување на цените и закани од недостиг низ Европа.
Што ќе се случува во иднина?
Во тек се напори за да се запрат европските енергетски потреби. Европа располага со резерви на гас за околу еден месец или минимумот што обично е потребен во итен случај. Покрај тоа, процедурата на набавка обично трае околу девет недели, а Белата куќа ги предводи напорите да ги набави дополнителните резерви на течен природен гас (ЛНГ). Но аналитичарите велат дека се зборува за најголемиот дел од светската понуда и дека дури и ако таквите мерки би можеле да ја ублажат краткорочната криза, трошоците ќе бидат високи. Во случај на целосно прекинување на снабдувањето со руски гас, веројатно е дека Европа ќе најде начин. Производителите би можеле да пренасочат некои испораки на ЛНГ или да префрлат повеќе од своите енергетски резерви на јаглен или други извори.
Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска