Американскиот државен секретар Ентони Блинкен неодамна во свој говор повика на енергична конкуренција со Кина за да се зачува постојниот светски поредок, но истакна дека САД не сакаат „студена војна“, пренесува „Еурактив“
Какви се ставовите на Белата куќа за надворешна политика кон Азија
Во долгоочекуваниот говор, најавен како најсеопфатна изјава досега за Кина од администрацијата на претседателот Џо Бајден, американскиот државен секретар Ентони Блинкен порача дека Пекинг го претставува „најсериозниот долгорочен предизвик за меѓународниот поредок“ и покрај повеќемесечниот фокус на САД на руската специјална воена операција во Украина. Во неговото обраќање на универзитетот „Џорџ Вашингтон“, Блинкен истакна дека Кина е единствената земја со намера да го преобликува меѓународниот поредок и сè повеќе располага со економска, дипломатска, воена и технолошка моќ да го направи тоа. Тој додаде и дека визијата на Пекинг е оддалечување од универзалните вредности, кои одржаа голем дел од напредокот во изминатите 75 години.
Администрацијата на Бајден неодамна започна нова слободна трговска рамка низ Азија и формира форум со Европската Унија за поставување технолошки стандарди, напори насочени кон обединување на истомислениците додека Кина доминира во нови полиња како што е вештачката интелигенција. Блинкен го призна растечкиот консензус дека другите нации не можат да ја променат траекторијата на Кина, но ако се преземат конкретни активности за да се одговори на загриженоста што ја искажаа САД и многу други земји, тогаш Вашингтон ќе одговори позитивно.
„Не сакаме студена војна“
Без бомбастична реторика или изненадувања, Блинкен покажа различен пристап за разлика од претходната администрација на Доналд Трамп, која употребуваше остри зборови за сеопфатна светска конфронтација со Кина. Во неговите посети на Африка и на Латинска Америка, каде што Кина инвестираше милијарди долари во инфраструктурата, Блинкен ја минимизираше конкуренцијата и не бараше од државите да заземат страна. Во својот говор тој истакна дека САД не сакаат конфликт или нова студена војна и се решени да ги избегнат и двете сценарија. Според него, Вашингтон не сака да ја блокира Кина од нејзината улога како голема сила, ниту да ја спречи неа или која било друга земја да ја развива својата економија или да ги унапредува интересите на својот народ. Но тој рече дека одбраната на светскиот поредок, вклучувајќи ги и меѓународното право и договори, „ќе им овозможи на сите земји, вклучувајќи ги САД и Кина, да коегзистираат и да соработуваат“. Блинкен укажа на климатските промени, велејќи дека САД и Кина работеа заедно за да постигнат напредок на минатогодишниот самит во Глазгов и дека здравата конкуренција за чиста енергија ќе има светски придобивки.
Повторно фокусирање на Азија
Велејќи дека Кина „ќе ја тестира американската дипломатија како никогаш претходно“, Блинкен најави формирање „Кинески сектор“ во Стејт департментот за координирање на политиката низ регионите. Говорот на Блинкен следуваше по патувањето на Бајден во Јапонија и во Јужна Кореја, како и првиот самит во Вашингтон со лидерите од Југоисточна Азија. Џошуа Шифринсон, експерт за политиката на големите сили во центарот „Вилсон“, рече дека Бајден изгледа нестрплив да ја насочи надворешната политика 15 месеци по почетокот на неговиот мандат во периодот обележан со конфликтот во Украина, повлекувањето од Авганистан и пандемијата на ковид-19.
Пекинг вели дека говорот на Блинкен ја „нарушил репутацијата на Кина“
Пекинг остро го нападна говорот во Блинкен, велејќи дека тој „ширел лажни информации, ја преувеличувал кинеската закана, се мешал во внатрешните работи на Кина и ги оцрнил внатрешната и надворешната политика на Пекинг“. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин, им порача на новинарите дека Кина „цврсто се спротивстави“ на говорот и дека тоа покажува дека Вашингтон се обидува да го „ограничи и потисне развојот на Кина и да ги одржи хегемонијата и моќта на САД“.