Според Националната енергетска администрација на Кина, инсталираниот капацитет на ветерна енергија во Кина надмина 300 милиони киловати, додека нејзиниот крајбрежен капацитет во моментов е на прво место во светот, пренесува „Чајна дејли“
Проширување на индустријата на чиста енергија
Според податоците од инвеститорот „Датанг шанту њу енерџи“, откако три месеци работела непрекинато, крајбрежниот ветерен парк во градот Шанту во јужнокинеската провинција Гуангдонг, до 29 март генерираше над 100 милиони киловат-часа електрична енергија. Проектот за крајбрежна ветерна енергија со 35 ветерници се наоѓа во близината на островите Лемен во областа Нанао. Ова воопшто е првиот крајбрежен проект за енергија произведена од ветер во источен Гуангдонг. Вкупниот инсталиран капацитет на проектот изнесува 245.000 киловати и од него се очекува на годишно ниво да произведува 751 милион киловат-часа електрична енергија. Во споредба со традиционална централа на јаглен, тој може да заштеди 24.000 тони јаглен и годишно да ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 450.000 тони.
Отворање голем пазар
Кина ги најави своите амбициозни цели да ги достигне максималните нивоа на емисии на јаглерод диоксид пред 2030 година и за јаглеродна неутралност пред 2060 година. За да се постигнат овие цели, се вложуваат беспоштедни напори за проширување на индустријата за чиста енергија и усвојување на обновливите извори на енергија како замена, со што се креира голем пазар за ветерна енергија.
Новоинсталираниот кинески капацитет на ветерната енергија, заедно со кинеската електрична мрежа, во 2021 година достигна 47,57 милиони киловати, од кои на крајбрежните ветерници отпаѓа повеќе од една третина. Според Националната енергетска администрација на Кина, инсталираниот капацитет на ветерна енергија во Кина надмина 300 милиони киловати, додека нејзиниот крајбрежен капацитет во моментов е на прво место во светот.
Рапиден раст на крајбрежни ветерни паркови
Кинеските власти излегоа со план за развој на модерен енергетски систем, кој е опфатен во 14-от петгодишен план (2021-2025) и го нагласува промовирањето на ветерната енергија, особено на местата со богати извори на ветер и добри услови за развој. Како кинески економски центар, провинцијата Гуангдонг во овој период има во план изградба на крајбрежни ветерни централи со вкупна инсталирана моќност од 12 милиони киловати, со тоа што половината од нив сака да ги стави во употреба до крајот на 2025 година. Во градот Шанту беше основана Алијансата за крајбрежна ветерна енергија, во која членуваат 42 претпријатија, вклучувајќи снабдувачи на опрема и фирми за поморски инженеринг. Според зборовите на Лу Шуџун, заменик-генерален директор на „Датанг шанту њу енерџи“, крајбрежните ветерници направија голем чекор напред во однос на пазарниот и технолошкиот развој.
Кинеската крајбрежна индустрија за ветерна енергија во моментов рапидно расте. На крајбрежјето се формираше цел еден индустриски синџир со ветерни турбини, дополнителна опрема и градежна и работна оператива. „Шангај електрик виндпауер Гуангдонг“ инвестираше над околу 236 милиони долари во својата голема индустриска база за производство на ветерници во Шанту.