Истражувањата велат дека воздухот во просториите може да биде дури пет пати позагаден од оној на улиците, вели Антонија Зимерман за „Политико“

Законска регулатива како можно решение за загадувањето

Научниците одамна предупредуваа дека воздухот во домовите, канцелариите и јавните простори, каде што луѓето поминуваат околу 90 отсто од времето, може да биде многу позагаден од најфреквентните градски улици. Но активистите сметаат дека не се преземаат доволно мерки за да се реши проблемот што почна да се менува благодарение на коронавирусот.
Поради тоа што ковид-19 е болест што лесно се пренесува преку воздух во слабо проветрени простории, луѓето сè повеќе стануваат свесни за квалитетот на воздухот во нив – смета Корин Мандин, претседателка на невладиното меѓународно здружение за квалитет на воздух и клима.
Според неа, постои вистинска промена во перцепцијата на граѓаните, но и на политичарите, индустриските и економските актери.
Следењето на квалитетот на воздухот стана клучна алатка за спречување на ширењето на коронавирусот, а многу здравствени власти сега препорачуваат користење високоефикасни филтри за честички за воздух (ХЕПА-филтри), кои можат да ги отстранат речиси сите честички во воздухот, вклучувајќи прашина, полен, мувла, бактерии, како и вируси. Активистите се надеваат дека фокусот на заштитата на луѓето од ковид-19 ќе го поттикне поширокото прашање за квалитетот на воздухот во затворените простории на агендата на политиките во Брисел. За да биде ефективен, Брисел треба „ефикасно да го вклучи прашањето во другите политики на ЕУ“, вклучувајќи ја и неговата зелена агенда.

Загадувањето на воздухот меѓу нас

Современиот живот, дури и пред пандемијата, значи поминување многу време во затворени простории, но токму воздухот во нив може да биде дури пет пати позагаден од надворешната околина, тврдат научниците. Најголемиот дел од загадувањето на воздухот во затворени простории потекнува од отровните супстанции што ги испуштаат градежните материјали и потрошувачките производи или човечката активност, како готвењето, чистењето, пушењето, горењето свеќи или употребата на печатачи и машини за фотокопирање. Радонот, кој е природен радиоактивен гас што се поврзува со карциномот на белите дробови, е меѓу главните виновници за труење на воздухот во затворените простории, заедно со чадот од тутун, гасовите или честичките од согорувањето на горивата, хемикалиите и алергените, според Европската агенција за животна средина.
Загадувањето во домаќинствата, кое предизвикува околу 3,8 милиони предвремени смртни случаи годишно, според СЗО, несразмерно ги погодува групите со пониски приходи. Студиите ги наведуваат слабиот квалитет на домувањето, пушењето во затворени простории, локациите во близина на фреквентни улици и поголема густина на населеност како главни виновници за лошиот воздух во посиромашните домаќинства. Во ЕУ, најлоша е состојбата во источноевропските земји, каде што многу луѓе сè уште користат цврсти горива за готвење и затоплување.

Закон за чист воздух

Активистите велат дека Брисел се активира по ова прашање. Комисијата лани објави повик за истражувачки проекти фокусирани на подобрување на квалитетот на воздухот во затворените простории, признавајќи дека проблемот стана поистакнат поради пандемијата. Извршната власт на ЕУ, исто така, треба да ги процени политичките опции за подобрување на квалитетот на воздухот во затворени простории и да предложи законски мерки во 2023 година како дел од акцискиот план за нула загадување, чија цел е да се намали бројот на предвремени смртни случаи предизвикани од загадување на воздухот за 55 отсто до крајот на деценијата споредено со 2005 година.
Невладините организации исто така побараа подобро следење на квалитетот на воздухот во јавните објекти и усогласен систем за следење што ќе покажува дали градежните материјали и мебелот испуштаат испарливи органски соединенија. Прашањето ќе стане уште поважно затоа што европскиот блок планира да претстави нови планови за ревидирање на правилата за енергетска ефикасност на зградите, вклучувајќи го и квалитетот на воздухот во затворени простории, како и огромната стратегија за реновирање по високи стандарди. Без силни барања за чист воздух во затворени простории и закони за енергетска ефикасност, се ризикува престојот во затворено да стане поопасен, а со тоа луѓето да бидат поизложени на коронавирусот.